Иако од доделувањето на Греми наградите помина цела недела, од организацијата одлучија да му посветат посебна вечер на легендарниот Стиви Вондер на која светски познати ѕвезди му оддадоа почит и признание пеејќи некои од неговите најпознати песни.
Како и на доделувањето на наградите, домаќин на настанот посветен на една од светските музички легенди беше раперот LL Cool J, кој заврши одлична работа на настанот што се одржа на 10 - ти февруари во Нокиа театарот во Лос Анџелес, а премиерно беше прикажан на CBS вчеравечер.
На музичката манифестација свои настапи имаа некои од најголемите музички ѕвезди на денешницата како Ариана Гранде, Ед Ширан, Лејди Гага, Нијо, Ашер и Бијонсе.
Вечерта ја отвори спектакуларната Бијонсе која откако кажа неколку прекрасни зборови за нејзиниот омилен Стиви, продолжи да пее во друштво на Ед Ширан цели девет минути. Одличен настап вечерта имаше и Лејди Гага која по кој знае кој пат ги покажа нејзините фантастични вокални способности, а на сцената ја остави и сета енергија што ја поседува.
Неверојатно енергичен настап на сцената имаа и раперот Нијо и ќерката на Стиви Вондер Ајша Морис која беше вистинско изненадување вечерта како за публиката, така и за нејзиниот татко кој се расплака кога и го слушна гласот.
За време на неговиот настап, вистински емотивен беше и моментот кога тој ги замоли присутните да ги затворат очите и едноставно да ја почувствуваат и доживеат музиката на начин на кој што тој тоа го прави.
На барање на светската музичка легенда, за кратко беа исклучени сите светла во арената, кога тој и го започна неговиот неверојатен настап.
Пред одличната манифестација, познатите ѕвезди позираа и со нивните омилени албуми од музичката легенда, а сосема очекувано, фотографиите се вистински празник за очи.
Во продолжение, погледнете дел од атмосферата на концертот посветен на еден од најголемите – Стиви Вондер!