Доколку обожавате мода и постојано ги следите објавите на македонските блогерки, тогаш сигурно сте ги погледнале и уникатните девојки од Aesthetics Illustrated. Зад блогот стојат оригиналните Вера и Искра, кои покрај црвените коси, ги спојува и љубовта кон дизајнот и комбинирањето на секогаш поинакви парчиња. Покрај тоа што се одлични во комбинирањето различни стилови, тие се подеднакво добри и во модното илустрирање. Денеска е вистинско време подобро да се запознаеме со овие две девојки кои вистински и од срце сакаат да бидат модни дизајнерки, а ние им ја посакуваме сета среќа!
Како почна приказната на Aesthetics Illustrated и што всушност се крие зад името на блогот?
Уште кога се запознавме сакавме да правиме нешто заедно. Многу долго го одолговлекувавме почетокот на блогот, за на крај да седнеме и да го направиме и објавиме во ист ден. Зборот Aesthetics ни беше must have, а тоа illustrated некако спонтано ни дојде, бидејќи планиравме да работиме со илустрации.
На што најмогу се фокусирате на вашиот блог?
Естетика во модата и модната илустрација. Се фокусираме на нашите квалитети т.е. на дизајнирањето и правењето облека, истакнување на нашиот личен стил и илустрирање на истиот.
Какви се Вера и Искра приватно, без што не минува вашето секојдневие?
Искра: Себе си се сметам за едноставна и опуштена личност која сака слободното време да го поминува со семејството, пријателите. Не можам да функционирам без добра музика и чаша топло кафе.
Вера: Мислам дека сум најголемиот ентузијаст на светот и никако не можам без Инстаграм, се будам и заспивам со него.
Се заработува ли од блогерството во Македонија?
Искра: За жал блогерството сѐ уште не е доволно развиено во Македонија, па поради тоа и не може финансиски многу да се заработува, но сигурна сум дека во иднина тоа ќе се промени.
Вера: Се заработуваат многу познанства, дружење и убави моменти, за друго ќе почекаме.
Кои се вашите омилени светски блогерки?
Вера: Ванеса од thehautepursuit.com, Искра ми ја откри пред некој месец и сега не можам да се откачам од неа!
Искра: Ванеса е една и од моите омилени, но морам да ја споменам и Кјара Ферањи како и блоговите shinebythree.com и happilygrey.com.
Сметате ли дека ќе дојде време кога и македонските блогерки ќе добиваат големи суми на пари за соработки со конкретни брендови?
Заради глобализијата најверојатно и македонските блогери ги чека светски третман. Се надевамe дека и многу македонски брендови, кои се навистина добри, ќе станат светски, па ќе не ангажираат да ги промовираме.
Кои ќе бидат клучните есенски трендови според вас?
Чизми над колена, шлицеви и високи јаки.
Кои се вашите најголеми предизвици?
Вера: Најголем предизвик ми е да научам да го користам времето правилно, без да го трошам на непотребни грижи.
Искра: Во моментов еден од најголемите предизвици како и најголема желба ми е да влезам во дизајнерските води.
Кои се вашите омилени македонски дизајнери?
Немаме омилени, ги делиме на добри и лоши.
Која е тајната на добрата фотографија?
Добра организација на елементите во просторот и користење на светлината. За тоа или имаш сенс или читаш типс на гугл.
Какви се вашите идни планови, останувате во блогерството или можеби повеќе ќе се концентрирате на дизајн?
Вера: Немам план да ја напуштам блогерската кариера, a дизајнот ми е предизвик . Изгледа ќе мора да ги комбинирам двете.
Искра: Дефинитивно и јас продолжувам со блогирањето, а дизајнот е нешто што сметам дека лесно ќе се вклопи со тоа.
Црвените коси заеднички заштитен знак или...
Многу луѓе ни го поставуваат ова прашање, неочекувано црвените коси ни станаа заштитен знак. И двете веќе долго време сме црвенокоси, па не би било чудно во блиска иднина тоа да се смени.