Уредник на дневникот во МТВ и новинар

Помалку да зборуваме, повеќе да работиме

Интервју со
Катерина Топалова
12 септември 2015

Катерина Топалова е новинар со јасни ставови, секогаш со концизна и издржана поента во темите што ги обработува и со амбиција да ја задржи суштината на вистинското новинарство. Откако ќе ѝ заврши работниот ден на позицијата уредник на дневникот во МТВ, ја превзема, како што вели и самата, нејзината омилена животна улога: мама на малата Ина со која заедно позираа пред објективот на Fashionel.

Во циклусот „пет работи што може да го променат светот", Катерина останува јасна, концизна, суштинска и позитивна во својот став:

1. РАБОТИТЕ НЕ ГО МЕНУВААТ СВЕТОТ-ЛУЃЕТО ГО МЕНУВААТ

Не постои ни една, ни две, ниту три, па дури ни пет работи кои би го промениле светот. Тој е таков каков што е благодарение на луѓето. Оти тие се светот. Тие ги прават работите. А луѓето прават многу...и добри и лоши работи. До душа, сè повеќе лоши отколку добри, ама тоа се луѓето. Затоа веројатно на сите ни поминало низ глава дека светот би бил поубав кога би се сменил, всушност бараме да се сменат луѓето. А луѓето сме ние!

2. ДА УСПЕЕМЕ ДА ЗАЧУВАМЕ ОД ДЕТСКАТА ИСКРЕНОСТ КОЛКУ ШТО МОЖЕМЕ ПОВЕЌЕ

Светот би бил поубав кога секој од нас би успеал да зачува што е можно повеќе од детето кое постојано расте во него. Откако ја добив мојата ќерка Ина, во секој час се восхитувам сè повеќе на нејзината искреност, нејзината борба и малите нешта што ја прават среќна. Замислете кога и возрасните би функционирале така.

Кога сме излезени во парк Ина не избира со кого ќе се дружи според религија и партија. Ина не бара оригинал облека. Ина не бара да оди по 10 пати на летување, да се храни во ресторани и да има повеќе пари од соседите. Кога ќе те прегрне знаеш дека тоа навистина сака да го прави и затоа ти е најубаво во нејзината прегратка. Кога секој од нас би ја зачувал детската искреност и кога ќе порасне, тогаш со сигурност знам дека светот би бил поубав!

3. ПОМАЛКУ ДА ЗБОРУВАМЕ-ПОВЕЌЕ ДА РАБОТИМЕ

Почнав да се чувствувам возрасна тогаш кога почнав да советувам наоколу што и како треба. Демек, пораснав и сега јас ќе ви кажам. Возрасните се такви, мислат дека знаат сè, сакаат да бидат мудри дури и кога не се. Обожаваат да бидат попаметни од соговорникот, да се докажуваат...и тоа можат да го прават со часови, со денови...и пак да не им здосади! А кога би сработиле барем половина отколку што зборуваат тогаш сум сигурна дека светот би бил поубав. Не знам зошто зборувањето секогаш ни изгледа покорисно од работењето. Всушност, можеби е само полесно.

4. ДА ПРЕСТАНЕМЕ ДА СЕ ЖАЛИМЕ

Не чини ова, не чини она, овој прави ова, оној прави она. Луѓето се научени да се жалат. Тоа е зашто е полесно да го обвиниш другиот отколку да ја прифатиш сопствената грешка. Околу мене постојано некој нешто се жали. И секој гледа да го фати полесниот пат, ако е можно друг да му ја сработи работата. Мислам дека овде се работи за нашиот менталитет. Вродено ни е да се жалиме. Постојано и постојано да се виктимизираме. Ние сме жртвите кои се трпат наоколу. Мозокот ни работи така...програмирано ни е тоа од раѓање. И навистина ми е жал што е така. Кога би престанале да се жалиме, веројатно би сфатиле дека ние можеме да ги промениме работите и да живееме во поубав свет. Ние да го направиме нашиот свет таков во каков што сакаме да живееме.

5. НИКОГАШ ДА НЕ ПРЕСТАНЕМЕ ДА СЕ СМЕЕМЕ

Единица мерка за нашата среќа е ширината на нашата насмевка. Насмеаните луѓе се среќни луѓе, здрави луѓе. А среќните луѓе живеат во убав свет! Затоа секогаш треба да ја бараме причината поради која се смееме. И никогаш да не престанеме да се смееме. Насмеаниот човек не мисли на лошо, се труди, нема желба да направи лошо оти него не му е лошо. Срцето му е полно со радост и тогаш е активен.

Тогаш кога човекот престанува да се смее-престанува и да живее.

Објавено:
12 септември 2015
object(stdClass)#452 (8) { ["nid"]=> string(5) "11955" ["ga_count"]=> string(4) "3105" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1680732000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1680732000" ["fb_count"]=> string(3) "640" }
Прочитано:
3.105 пати