Мексиканската сликарка препознатлива по нејзините автопортрети, Фрида Кало, е исклучително значајна и посебна личност во светската историја на уметноста, не само поради нејзините уметнички дела, туку и поради нејзината уникатна појава.
Колку што е комплициран, бурен, динамичен, страстен и трагичен нејзиниот живот, толку е колоритна, магична и невообичаена нејзината уметност во која големо влијание има Мексико, па затоа етно мотивите често преовладуваат во нејзините слики.
За себе тврдела дека е дете на Мексиканската револуција и на современо Мексико што на некој начин и метафорично го опишува нејзиниот темпераментен карактер.
Животот и го обележал сообраќајна несреќа по која се здобила со фрактури на 'рбетниот столб што буквално ја врзува за кревет, кога во суштина го открила својот талент и почнала да го црта своето тело во надреалистични стилизирани слики, а паралелно читала литература за комунистичкото движења чиј активист станала подоцна.
Бурниот брак со познатиот сликар Диего Ривера кој инаку ја вовел во политичкиот активизам, е исто така значаен во дефинирањето на правецот на нејзината уметност која драматичното го спојува со фантастичното, но во секој случај рефлектира и голем дел од нејзиниот интимен живот.
Нејзиниот стил пак исто така е одраз на темпераментниот карактер.
Секогаш со многу бои на себе, облечена во етно фустани со корсети, со масивен накит, споени веѓи и сплетени плетенки во долгата коса, Фрида Кало е невозможно да остане незабележана во модната индустрија. Многу пати, сегменти од нејзината уметност или од нејзиниот личен стил, се имплементирани во колекции на светски познати дизајнери, па дури за некои таа е и најинспиративната муза во нивното творештво.
Токму поради силниот индивидуален печат во нејзиниот стилски идентитет, таа важи за една од најуникатните модни икони на сите времиња.