Fashionel ги одбра најстилските личности од јавниот живот за 2015

30 декември 2015

Тимот на Fashionel.mk втора година по ред ги додели наградите за најстилски личности од јавниот живот, како резултат на нивниот стил и севкупното дејствување изминатата 2015 – та година.

Оваа година, сосема заслужено, наградите отидоа во рацете на уникатниот уметнички директор на театарот во Велес, Васил Зафирчев и секогаш енергичната Тамара Тодевска како една од најдобро облечените жени и почитувачи на македонскиот дизајн.

Сосема во свој стил и двајцата се заблагодарија за наградите и на читателите на Fashionel им посакаа уште една исполнета и среќна година во која ќе пронајдат мир со себе, повеќе ќе се посветат на своето и здравјето на најблиските, а ќе поработат и на тоа Македонија да стане „здрава средина за живеење“.

Васил Зафирчев со уредничката на Fashionel.mk - Марија Мечева

На прашањето што ова признание значи за Васил Зафирчев, тој вели:

Да бидам искрен, малку сум збунет. Збунет затоа што никогаш не сум размислувал во таа насока, ниту сум се занимавал со тоа. За мене некако модата одамна ја надмина институцијата на бренд, модата е начин на мислење, начин на живот. Практично, се облекувате така како што мислите и така како што се чувствувате, односно така како што живеете. За мене вистински модни вредности се само оние вредности кои го еманираат токму тој став. Смешно и нелогично ми е да се облекувате онака како што не живеете, односно да застапувате вредности кои во реалниот, личниот, интимен живот не ги поддржувате. И во таа насока сакам да го поздравам Fashionel, кој е моден магазин кој се занимава со промоција на модните вредности. Но, од друга страна наградата ми е посебно драга затоа што доаѓа токму од еден моден магазин кој последниве неколку години стана и еден од најактивните подржувачи на културата и уметноста во државата, што е апсолутно за почит. Мене како уметник, како човек кој живее од тоа навистина многу ми значи, особено што вашата екипа не пропушта ниту еден културно – уметнички настан. Не само да го проследи низ фотографии со некаков краток осврт, туку со многу сериозни текстови со кои еманирате ваши ставови во насока на поддршка на вистинските вредности во културата и уметноста и тоа е навистина за почит“, вели Зафирчев.

Тамара се заблагодари за наградата, а ние ѝ ветивме дека веќе следната година ќе се дружиме повторно, но тогаш и во друштво на најстилското бебе.

Како новогодишна честитка, таа на сите им посака најпрво да се живи и здрави.

„Пред сѐ посакувам да сме живи и здрави. Да имаме многу повеќе причини да се пофалиме од која земја доаѓаме, бидејќи Македонија заслужува да биде позната по епитетот „здрава средина за живеење" во секоја смисла. На сите читатели на Fashionel им посакувам се најубаво во новата 2016. Живели!“, вели Тамара.

На нејзината честитка се надоврза и актерот Васил Зафирчев кој најпрво посака следната година сите да се во мир со себеси.

„Драго ми е што се собравме сите заедно за еден убав повод. Ја користам приликата на сите вам како екипа, на вашата редакција и читателите, да им ги честитам претстојните новогодишни и божиќни празници и пред сѐ, да им посакам да се во мир со себеси. Само ако се во мир со себеси, ќе успеат да стигнат до она што вистински го посакуваат. Истото го посакувам и за себе, односно да го одржам сопствениот мир. Би сакал да истакнам дека убаво би било интелектуалците или уметниците или барем оние кои се застапуваат за такви, наместо да трошат средства на некакви скапи парчиња облека или накит, нека помогнат на оние на кои тоа им е неопходно. Нека бидат во духот на традицијата за празниците, а тоа е да го споделиме она што го имаме, ако имаме две, да подариме едно“, завршува Васил.

Благодарност до: Елена Лука, Tinex to go, Децата од нашата улица, Еликсир Ексклузив

Објавено:
30 декември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.631 пати