Лорејн Паскал: Го оставив манекенството поради кулинарството

23 март 2016

Прекрасната 43 – годишна Лорејн Паскал кариерата како готвачка ја започнала откако по неколку супер успешни години како модел, сфатила дека тоа не е она вистинското што ја прави среќна.

Како што самата ќе каже, во животот ѝ недостасувало нешто што ќе го работи со вистинска страст, а токму тоа го нашла во фантастичните рецепти што денеска и се приоритет.

Светот ја запозна како позитивното лице од емисиите за готвење на BBC 2, а токму топлиот и пристапен стил ѝ помогна луѓето да ја прифатат како вистински пријател во кујната што таа и сакаше да го постигне.

Во нејзината емисија гледачите можеа да уживаат во лесните и превкусни рецепти што таа секојдневно ги правеше, а вистинско задоволство беше и да се слуша додека раскажуваше за нејзината љубов кон храната, особено кон добро испечените колачи.

Елеганцијата и готвењето без стрес беше нешто по што луѓето најмногу ја препознаваа Лорејн, а секако тоа беше и пресудно за врвните резултати што таа и денеска ги постигнува како готвачка.

Денеска можеме да ја гледаме на омилениот канал 24 Kitchen во нејзината емисија „Брзи и свежи јадења“, каде секогаш нѝ нуди прекрасни рецепти што се прават за брзо време, а истовремено се толку здрави и свежи.

Пред да почне да се занимава со кулинарството, Лорејн била навистина успешен модел и учествувала во кампањите и ревии на некои од најпознатите светски дизајнери.

Откако преживеала навистина тешко детство, Лорејн во подоцнежните години сфатила дека среќата е избор и може да се најде во едноставните работи како на пример во парче сино сирење.

„Жал ми е што порано не сфатив дека среќата е избор. Ако ја чекаш, само ќе изгубиш многу скапоцени моменти. Секако, ќе има времиња кога нема да бидете среќни, како на пример што беше случајот кога мојата мајка почина, но можете да продолжите понатаму со силен став, без разлика на околностите. Вистинскиот став може да ви донесе голема среќа. Би сакала некој да ми го кажеше тоа кога имав 20, 30 години“, вели Лорејн во едно интервју.

Откако нејзините биолошки родители ја оставиле кога имала само 18 месеци, таа поминала низ голем број семејства за што ќе каже дека и било ужасно тешко. Денеска, таа има 17 годишна ќерка за која вели дека и е неверојатно тешко што толку многу брзо расте.

На прашањето како таа успева да ја задржи нејзината фантастична фигура со толку храна околу неа, таа ќе каже дека вежбањето ѝ помогнало во тоа.

„Тоа е единствениот начин да останеш здрав и со добра фигура. Порано трчав многу, но по неколку проблеми со колената, почнав само да вежбам и морам да кажам дека тоа е најдоброто нешто“, вели Лорејн.

Она што мора да го признаеме е дека оваа прекрасна жена е вистинска инспирација за сите нас, со оглед на нејзините неприкосновени таленти како готвењето, фитнесот, пишувањето книги, манекенството и успешниот бизнис со колачи што го води веќе неколку години.

 

Објавено:
23 март 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.153 пати