Третиот фестивалски ден (29 јули) на урбаниот фестивал „ДримON“ што деновиве се одржува во Струга, е во духот на одбележување на јубилејните 25 години од основањето на „Канал 103".
Летната сцена започнува со активности за овој ден со дебатата, насловена „Сираци на татковината", која ќе ги отвори прашањата за независното издаваштво, почнува во 19.30 часот. Модераторка е Виолета Качакова, а учесници се Мирко Попов, Александар Видиновски и Владимир Јанковки, кои ќе говорат за независното издаваштво на полето на музички и книжевни изданија.
Од 21 часот, публиката ќе ги види и филмовите „Љубовно писмо до алтернативната култура" на Синиша Ефтимов и „Гето 103" на Јане Алтипармаков, како и архивски видео снимки на „Канал 103". Вечерта се затвора со концерти на „Милко" и „Кантон 6", по што следи ди-џеј сет на Мирко Попов.
Чил аут зоната, сместена во Паркот на поезијата почнува со активности на пладне, и тоа со работилница за танц со Климент Поповски, насловена „Приватен простор". Од 14 следува работилницата за волонтерство со МКЦ од Битола. Од 17 часот е работилницата за графити со Цветан Неделковски-Хром, еден од пионерите на македонската графити сцена. Во термин е и диџеј сет на Марјан Стојаноски. Од 19 часот е уметничката интервенција во јавен простор „Akto Paroles" на Ивана Васева и на Филип Јовановски, која ќе пренесе пораки кои се однесуваат на годинешното издание на фестивалот и го преиспитуваат феноменот на функционирање на колективи, групи и иницијативи во областа на современата уметност.
Четвртото издание на „ДримON" се одржува од 27 до 31 јули во Струга.