Но, не во еротска смисла. Сепак, тоа не го намалува значењето на целата ситуација. Се работи за новинарката Нур Тагури, која живее во САД. Таа се фотографираше за магазинот, позирајќи во џинс, јакна и хиџаб.
Поводот е признанието кое магазинот го доделува на мажите и жените за нивната успешна работа во разни обласни – медиуми, развој на видео-игри, порно индустрија... Ова е новитет во „Плејбој“ откако минатата година во октомври одлучија повеќе да не објавуваат фотографии од голи жени.
Конкретно Тагури е опишана како „активистка која има страст за воведување промени, која не стравува да ги постави вистинските прашање, а притоа има и беспрекорна физичка убавина“.
Нур е репортерка, која довербата помеѓу новинарот и соговорникот ја оценува како најважна.
-Да бидам искрена, мислам дека тоа што сум муслиманка која носи хиџаб ми помогна да се здобијам со таа доверба. Знам како нашата заедница е претставена во медиумите, затоа секогаш се трудам ништо да претставувам погрешно. Сакам во медиумот да ги раскажам вистинските и вистинити приказни, затоа што тоа е важно и праведно – вели таа.
И покрај тоа што се работи за сосема пристојна и секојдневна фотографија, сепак наиде на критики.
Дел од коментарите се дека „магазинот профитира од објективизирање на жените“, како и дека „е смешно што сака да се бори за правата на муслиманските жени, а се фотографира за „Плејбој“ и „како не разбираат каква корист ќе имаат жените од нејзиното интервју во магазинот“.
-Не обрнувам внимание на ваквите коментари. Тоа е само негативна енергија и не е здраво, па не ми ни треба - вели 22-годишната новинарка и активистка.
Но, од друга страна се и оние што ѝ даваат потполна поддршка и аплауз. Она што дефинитивно не може да се оспори е дека нејзиниот чекор и присуство во магазинот се историски!