Планетарно популарната музичка икона Ријана вчеравечер ја претстави својата втора колекција за познатиот бренд Пума во рамки на Модната недела во Париз.

На самиот почеток на шоуто, Ријана се појави на пистата и ги поздрави присутните облечена во розова креација од нејзината колекција, надополнета со бели бисери, високи потпетици и нежна шминка.

Како што и се очекуваше, сосема на крајот публиката ја поздрави со громогласен аплауз, а за успехот на колекцијата говорат и големиот број позитивни коментари и безброј фотографии на социјалните мрежи.

„Се чувствувам неверојатно поради тоа што вечерва можам да ви ја претставам мојата втора колекција за Пума. Сметав дека темата и концептот на целата колекција налага истата да ја претставам во еден од моите омилени градови, Париз“, изјави пејачката и дизајнерка пред почетокот на ревијата.

Сите парчиња што таа ги прикажа се всушност олицетворение на стилот на пејачката, со малку повеќе спортски дух во целата колекција.

Како што таа ќе каже, тема на колекцијата била „Марија Антоанета во фитнес центар“, и се чини токму така и изгледаа парчињата.

На пистата видовме многу спортски парчиња како широки блузони, тренерки, широки мантили во прекрасни бои, свилени маички и наметки, „фраерски“ јакни, но и секси корсети комбинирани со широки панталони и наметки.

Речиси сите парчиња, иако навидум спортски, таа ги комбинираше со интересни модни додатоци, претежно бисери, качкети со мрежа, капи, разни ланчиња, високи потпетици со врвки, торби и што уште не.

Голема е веројатноста дека целата колекција ќе биде продадена многу наскоро, со оглед на тоа што истата предизвика голем интерес кај јавноста.

Колку за потсетување, откако Ријана стана креативен директор на германскиот гигант Пума и почна да создава парчиња за нив, продажбата на брендот кон крајот на 2015 година според сите статистики, скокна за огромен процент.

Во галеријата погоре, погледнете дел од парчињата што музичката дива ги претстави на ревијата.

Објавено:
29 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
649 пати