Вера Љубојна во креација на Елена Лука на концертот во Белград

21 февруари 2017

Една од најавтентичните македонски групи Љубојна овој четврток за прв пат ќе одржи концерт во престижната сала Дом Синдиката во Белград каде сите присутни ќе уживаат во нивните фантастични звуци.

Како гости на концертот ќе се појават познатите македонски уметници Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов и Џамбо Ангушев кои дополнително ќе ја збогатат вечерта и ќе направат истата долго да се памети.

Прекрасната и харизматична Вера на сцената во Белград ќе се појави во уникатна креација од модната куќа Елена Лука со која прв пат соработува.

„Со Елена се сретнавме неодамна во едно заедничко интервју и некако се договоривме да правиме нешто заедно. Таа е толку непосредна, слична како мене и еве конечно дојде моментот за соработка. Мене ми е жал што им оставив многу малку време да смислат што да направат за мене, но тие и покрај тоа направија еден совршен фустан, како што ме гледаат на сцена, така и ме опишаа преку таа креација“, вели Вера во изјава за Fashionel.

Таа откри дека на концертот во Белград ќе носи бела креација со сирена крој и голем црн карнер, за која воопшто не се сомневаме дека одлично ќе ѝ прилега.

„За изработката е навистина смешно да зборувам бидејќи сѐ е совршено. Кој носел креација од Елена Лука, знае колку една жена убаво се чувствува во нив. Како што ме замислија, како една дива која треба да се појави на сцена, така и ќе биде. Јас сакам такви фустани кои на една пејачка на сцена и даваат карактеристика дека тоа е еден навистина важен настан, важна позиција и дека цела публика е во вашиот фокус. Навистина е убаво и за вас и за тие што ве гледаат и слушаат, да изгледате убаво, сите да ве доживеат како една цела приказна. Навистина се радувам што почна една убава соработка“, додава Вера.

Со неа поразговаравме и за нејзиниот посебен и интересен стил по кој е позната и за тоа како ги одбира креациите во кои се појавува на настапите на Љубојна.

„Во принцип моите идеи се многу еклектични, јас многу сакам еклектични парчиња. Не верувам дека тоа буди многу симпатии кај другите, но тоа е мојот личен израз и ниту сакам, ниту би можела поинаку. Единствено, мојата приказна тече по еден тек кога работам со дизајнер. Дизајнерите секогаш имаат еден правец во кој ве носат и јас само ја користам мојата приказна за да се вклопам“, додава Вера.

Сосема заслужено, групата Љубојна вчеравечер ја доби и наградата за најдобар албум на 20 – тото јубилејно издание на „Златна Бубамара“ за „Радио Љубојна“.

„На концертот во Белград ќе ја покажеме нашата музичка современа визија на она што значи македонска музика и мислам дека ќе се отворат уште многу врати за понатаму“, изјави за крај Оливер Јосифовски.

Објавено:
21 февруари 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.757 пати