Во тек се можеби најубавите саемски денови каде можете да пронајдете вистински испишани богатства и стотици нови наслови.

Станува збор за годинешниот Саем на книгата кој ние имавме можност да го посетиме и она што го видовме навистина нѐ израдува.

Огромен број млади луѓе кои точно знаат што сакаат и бараат конкретни наслови, уживаат во средбите со познатите автори и чекаат ред за нивен потпис во скапоцените книги.

Имавме можност да поразговараме со челните луѓе на некои од најпопуларните издавачки куќи кај нас, а голем дел од нив нѝ посочија дека оваа година најголем интерес има за домашните автори, што особено радува, но и за автобиографиите кои ги има во изобилие.

„Се забележува тренд на сѐ посериозно и поголемо прифаќање на домашните автори, мислам дека домашната сцена станува подоминантна и за среќа имаме добри и квалитетни автори кои имаат што да кажат и да понудат“, вели Александар Саздов од Издавачкиот центар „Три“.

Ние имавме можност да присуствуваме на дружбата со популарниот шпански автор Франсеск Миралјес кој е исклучително популарен оваа година со неговата книга „Икигаи“ која разбуди навистина голем интерес.

Саздов вели дека станува збор за книга која е навистина интересна и треба да се има во личната библиотека и која во себе содржи навистина убава животна филозофија.

Авторот Франсеск Миралјес вели дека сѐ уште нема јасни очекувања за приемот на книгата во Македонија, но се надева дека читателската публика ќе биде отворена за неговиот вовед во филозофијата на Икигаи.

Како инспирација за истата тој вели дека таа е секаде околу нас, дека секој човек има приказна што треба да се слушне и на која треба да ѝ се даде шанса.

„Ќе ви одговорам со познатата мисла од Пабло Пикасо: Инспирацијата постои, но треба да нѐ најде додека работиме. Треба да сме отворени и приемливи, да правиме нови нешта, да пишуваме и да читаме, да патуваме... Пасивното седење пред ТВ не може да ни отвори нови врати. Инспирацијата е нешто на што мора постојано и вредно да се работи“, вели авторот.

На штандот на Издавачката куќа „Арс Ламина“ пак се случи промоција на новите одлични списанија за деца, „Мини Либи“ и „Либи“ чиј главен уредник е Бранка Костиќ Марковиќ.

„Ние осум месеци работевме на дизајнирање и развој на детски списанија и конечно решивме токму на Саемот на книгата да ги промовираме првите броеви. Станува збор за списанија за ученици од прво до трето одделение – списанието Мини Либи и списание за ученици од четврто до шесто одделение Либи. Тие одговараат на наставните содржини што децата ги изучуваат во училиштата, но се потрудивме да им дадеме дополнителни знаења. Сакаме со овие списанија да ги заинтригираме децата што е можно повеќе и конечно да им ја вратиме формата списание назад, бидејќи знаеме дека денеска децата многу време поминуваат на таблети и телефони. Ниту овде не е запоставена дигиталната содржина, туку ние им даваме линкови каде што ќе можат да погледнат дополнителни содржини поврзани со темите што ги обработуваме“, изјави за Fashionel уредничката на списанијата.

Со оваа форма на литература која дефинитивно е многу интересна за децата бидејќи има навистина одлични содржини кои не се за еднократна употреба, Костиќ се надева дека ќе се врати културата на читање на списанија кај децата.

„Многу е тешко со морето информации од сите страни, но сепак е подраго кога ќе имате нешто пишано дома, а ние овие списанија ги правевме за да се читаат и да останат долго време. Ова не е нешто за еднократна употреба, туку нешто на кое ќе сакате да се вратите уште многу пати“, вели таа.

Директорката на издаваштво во Арс Ламина Бранка Бугариска посочи дека читателите се највозбудени за новите наслови што се промовираат на Саемот.

„Ние оваа година имаме неколку нови наслови да понудиме, тоа е автобиографијата на Неле Караљиќ во која се раскажува за неговите најрани детски денови во Сараево, па сѐ до моментите на распаѓањето на бендот Забрането пушење. Оваа легендарна личност ја паметат особено повозрасните генерации кои и најмногу се заинтересирани за овој наслов. Исто така нов и доста популарен наслов е и романот „Аматер“ на Жан Бак од Луксембург, како и шпанските автори Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес кои се и наши официјални гости овој саем“, завршува Бугариска.

Доколку сѐ уште не одвоивте време да го посетите 29 – тото издание на Саемот на книга, имате време до 10 – ти овој месец. 

Објавено:
6 април 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
509 пати