Работи што веројатно не сте ги знаеле за Мет галата

20 април 2017

Првиот викенд од мај е резервиран за долгонајавуваната Мет гала, еден од најпрестижните и најважни модни настани во годината.

Голем број познати ликови од светот на модата, но и филмот, музиката и уметноста се дел од ова случување, кое налага и посебен дрес код, односно тематско облекување.

Ова ќе биде 71-вото издание на настанот, а во продолжение прочитајте ги деталите околу тоа што ќе се случува годината, како и работите кои веројатно не сте ги знаеле за галата:

Дата: 1-ви мај 2017 година

Место: Музејот на уметност „Метрополитен“ или скратено МЕТ

Домаќин: Ана Винтур, Кејти Пери и Фарел Вилијамс

Тема: јапонската дизајнерка Реи Кавакубо (бренд Comme des Garcons)

Оние што ја познаваат работата на Кавакубо се возбудени околу тоа како ќе изгледа црвениот килим. Познатата Јапонка честопати е опишувана како анти-модна дизајнерка, па нејзините креации и не може често да се видат на гламурозните случувања, што ја прави работата уште поинтересна.

1.Реи Кавакубо ќе биде првиот жив дизајнер после Ив Сен Лоран во 1983 година, кој ќе биде предмет на модната изложба на овој настан.

2. Ана Винтур е домаќин на настанот од 1995 година

3.Праксата на одржување на Мет галата ја започнала Елеонор Ламберт во 1948 година, кога го основала Институтот за костим, кој подоцна стана дел од „Метрополитен“, а служел за промоција на локалните дизајнери, организирање ревии, доделување награди...

4. Темата на вечерта ја бира Винтур, која најмногу од сè се грижи да се крене свеста за ова случување.

5.Таа е задолжена и за листата на гости. Иако постои можност да си купите влезница, чија цена изнесува 25.000 долари, сепак Винтур го има последниот збор за тоа кому му е дозволено присуството на настанот.

6.Колку што се важни креациите во кои ќе се појават познатите, толку е и важен ентериерот на салата, која исто така, во склад со темата секоја година се менува.

7. Познатите најчесто доаѓаат во присуство на дизајнерот чија креација ја носат, но и тоа се прилагодува според темата. Со оглед на тоа дека работата на еден дизајнер е во фокус годинава, ѕвездите ќе треба да одлучат со кого ќе се појават на црвениот килим.

8. Со настанот всушност се означува и отворањето на пролетната изложба на Институтот за костим, за што се собираат и средства од галата. Познатите ја имаат честа да ја видат пред било кој друг, бидејќи 4-ти мај е датумот кога вратите се отворени за другите посетители.

9. Темите од последните 20 години се: Џани Версаче (1997), Кубизам и мода (1998), Рок стил (1999), Жаклин Кенеди: Годините во Белата куќа (2001), Божици: Класичен приказ (2003), Опасни врски: Модата и мебелот во 18-тиот век (2004), Куќата на Шанел (2005), Англоманија: Традицијата и трансгресија на британската мода (2006), Пуаре: Крал на модата (2007), Суперхерои: Модата и фантазијата (2008), Модел како муза: Отелотворение на модата (2009), Американската жена: Обликување на националниот идентитет (2010), Александар Меквин: Дива убавина (2011), Скијапарели и Прада: Невозможните разговори (2012), Панк: Од хаос до Висока мода (2013), Чарлс Џејмс: Над модата (2014), Кина преку огледало (2015), „Manus x Machina“ (2016)

10. Од 1971 година кога започнува тематското облекување на галата, изложбата и галата не се одржале четири пати, во 1947 , 1991 (гала има, но не и изложба), 2000-та и 2002 година, кога причината е отсусво на спонзорство и немилите настани од 11-ти септември во 2001 година.

 

Објавено:
20 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
676 пати