Минатата година фондацијата „Елена Лука" објави Конкурс за средношколци за изработка на скица за дизајн на матурска креација. Следуваше селекција на трите најдобри скици кои во изминатиов период тројцата млади и надежни идни дизајнери, Зунка Атанасова, Дефне Еминовска и Христијан Младеновски, имаа можност да ги реализираат во креации, во рамките на модната куќа Елена Лука. Секој од матурските фустани наменски се креираше за три матурантки.
Деновиве, непосредно пред матурските прослави имавме можност да го видиме крајниот резултат од успешната соработка за која говореа искрените насмевки на матурантките: Марија Завкова, Емилија Спасовска и Радмила Али.
Во разговорот со нив, ни посочија дека неизмерно се радуваат на матурската вечер со која почнува едно ново поглавје во нивниот живот, а истовремено се и пресреќни и задоволни од тоа како ќе изгледаат во уникатните креации што специјално за нив ги изработија нивните врсници во соработка со Елена Лука.
„Денеска може да ја видиме финалната завршница од Конкурсот за млади идни дизајнери што фондацијата „Елена Лука" го објави минатата година. Како тим имавме прекрасна можност да соработуваме со тројца талентирани средношколци чии модни скици ги избравме како највпечатливи и им отворивме можност да видат како идејата практично се спроведува во реализација во рамките на еден реален процес на изработка на креација во Елена Лука. Со интензивна соработка, младите идни дизајнери веќе имаат едно богато искуство кое се надевам ќе им помогне во иднина да се профилираат во професионални дизајнери. Од друга страна, уште еден значаен момент во целиот овој проект е социјално-хуманитарниот карактер, бидејќи нашите идни дизајнери ги поврзавме со три прекрасни матурантки кои речиси се и нивни врсници, за кои тие во рамките на модната куќа Елена Лука ги креираа матурските фустани. Им посакувам многу успеси и да ги реализираат сите свои амбиции во иднина", вели г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на модната куќа Елена Лука.
Идните дизајнери ги прашавме за новото искуство и колку се тие задоволни од можноста да учествуваат во еден реален процес на изработка на уникатни, дизајнерска креација.
„Навистина е возбудливо што може да го видиш како готов модел тоа што како идеја си го замислил на хартија. Стекнав едно големо и ново професионално искуство, а исто така беше големо задоволство да се соработува со тимот на Елена Лука и да се биде дел од овој проект", ги сподели со нас своите импресии и искуство, средношколката Зунка Атанасова.
Задоволството не го криеше и талентираниот Христијан Младеновски, кој својата идеја за една наконвенционална и специфична матурска креација, имаше можност да ја реализира во пракса.
„Навистина сум задоволен од тоа како течеше целиот процес на изработка на креацијата, и за мене е многу значајно тоа што го имав замислено како идеја, сега е реализирано како готов и нослив модел", вели Христијан.
Дефне Еминовска ни потенцираше дека крајниот резултат е повеќе од тоа што очекувала.
„Ми беше многу мило кога ја видов мојата креација како готова тоалета. Ова ми е прво вакво искуство и со самото тоа многу ми значи што имав една ваква несекојдневна можност да го стекнам ова практично знаење", ни кажа Дефне.
Ваквото практично професионално искуство е од суштинско значење во дефинирањето на квалитетен кадар, затоа апелираме што почесто да се реализираат ваков тип на соработки помеѓу образовниот и бизнис секторот.