Кога ќе се спомене името Мери Фредриксон можеби и нема да ви значи многу, но доколку потенцираме дека се работи за дамата од шведското дуо Roxette, тогаш сѐ ви станува познато.
Светот ги запозна некаде во 1986 – тата година кога и го објавија нивниот прв и најпознат албум Look Sharp! кој содржеше некои од нивните најголеми хитови кои се паметат и денес.
Шведското дуо стана едно од омилените и во САД кога нивната песна It must have been love и официјално беше назначена за саундтрак на ултра популарниот филм Pretty Woman со Ричард Гир и Џулија Робертс.
Покрај по добрите хитови, тие беа познати и по нивната одлична енергија на сцена, но и по уникатниот стил на Мери со кој таа и денеска може да се пофали.
Многумина од нејзините пријатели ќе кажат дека нејзиниот плакар е како моден музеј полн со фантастични парчиња кои ја отсликуваат нејзината личност.
Години наназад таа е позната по кусата руса коса, тесните фармерки и кожените панталони секогаш комбинирани со впечатливи јакни во кои изгледа одлично.
И денес, на 59 годишна возраст таа изгледа подеднакво добро како и пред многу години, повторно оживувајќи ги нивните хитови на бројни свирки ширум светот.
Таа ќе каже дека музиката е буквално нејзиниот лек, откако пред една деценија успешно беше оперирана од тумор на главата по што следеше долго заздравување.
Нејзиниот музички партнер Гесле ќе каже дека во тие моменти Мери ја изгубила самодовербата и мислела дека никогаш повеќе нема да пее, сѐ додека тој не ја натерал да се појави на една свирка со него.
„Публиката ја пречека неверојатно добро. Луѓето плачеа кога ја слушнаа како пее. По неколку дена, таа беше сосема нова и променета личност по што побара од мене да снимиме и нов албум“, ќе каже тој.
По неколку години турнеи и свирки, минатата година тие мораа да ја откажат нивната летна турнеја поради здравјето на Мери која била советувана од докторите дека мора да одмара повеќе.
„Ова беа неверојатни 30 години музика. Чувствувам само среќа и радост кога ќе погледнам наназад и ќе се сетам на нашите турнеи. Тие сеќавања засекогаш ќе останат во моето срце и ќе бидат дел од мојот живот. Среќна сум што можев да се вратам на сцената изминатите неколку години, но мислам дека мојата турнеја е завршена. Се радувам што наскоро ќе го објавиме новиот албум, им благодарам на сите наши обожаватели“, напиша таа минатата година на нивниот Фејсбук профил.
Во чест на нејзиниот роденден, се потсетуваме на најдобрите стајлинзи и настапи од музичката историја на Roxette.