Паратисима Скопје

Паратисима 2017: Meѓу-простор за отворен ум без забрани

Интервју со
Организатори на настанот
14 јуни 2017

Од утре (четврток) до сабота, Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде домаќин на четвртото по ред издание на Интернационалниот саем на современи уметности, Паратисима Скопје.

Започна како ентузијастички подвиг да се испита пулсот на домашните автори и публика колку се жедни за ваква форма на култура, а откако уште првата година имаше огромен интерес, неговиот прогрес од година во година е евидентен.

Неговото четврто издание закажано за наредниве три дена, до сега е најбројно и нуди навистина инспиративна програма.

Имавме супер повод да поразговараме со организаторите на Паратисима Скопје, кои ни ги открија деталите за годинешново, четврто продолжение.

Ова е четврта година по ред како се одржува Паратисима во Скопје. Направете ни една паралела како созреваше фестивалот низ годините.

-Првото издание на Паратисима Скопје е т.н. нулта издание, во тој момент се обидувавме да сфатиме дали и колку е македонската публика подготвена за настан од меѓународен карактер. На почетокот само дел од МКЦ го претворивме во изложбен простор бидејќи имавме пријавено колку 90-тина индивидуални учесници, неколку специјални проекти и едноставни музички перформанси. Сакавме да видиме и дали имаме доволно добар тим кој би се зафатил со посериозна продукција на саемот и фестивалот во наредните години. Важно е дека уште од првата година бевме мошне изненадени за интересот кој се пројави меѓу домашната публика, но и кај меѓународните учесници. Поради тоа, одлучивме да го направиме и второто издание, а останатото е историја.

Во изминатите три години Паратисима Скопје брои над 300 независни учесници со потекло од 32 земји учесници и 30 специјални проекти на кои учествувале ликовни академии, галерии, колективи и организации кои се активни на културно-уметничката сцена. Заклучно со третото издание, наградени се 33 автори со остварено учество на настанот Паратисима Торино во Италија, а во соработка со локални галерии од Македонија (Галерија Флукс, Агенција за сериозни интереси, Концепт 37) доделени се 8 независни авторски изложби.

Фото: Архива Fashionel.mk

Каков е концептот на годинешново издание?

-Секоја година Паратисима Скопје има одредена тема, оваа година темата е Hyperspace - концепт кој се поврзува со четвртата димензија односно замислен простор во времето каде може да се патува со брзина на светлината. Четвртата димензија ни служи како симболика на просторот каде уметноста и креативноста фигурираат - каде е дозволено да се експериментира, да се даде нов и свеж израз, да се истражува и да се застане зад личната визија без страв и со храброст. Во таквиот меѓу-простор не постојат забрани и се размислува со отворен ум. А светлината е всушност потребата за израз што во секој се крие. Паратисима Скопје со четвртото издание застанува зад визијата во која Скопје (и Македонија) се простори каде егзистира култура и уметност и зад секој оној што во себе го носи креативниот крик - се разбира, патот е долг и мора да се биде истраен - затоа се надеваме дека нашата идеја ќе вроди љубов за уметничкиот израз кај што повеќе млади кои потоа ќе може да продолжат да го градат таквиот творечки простор.

Има ли новитети во однос на претходните изданија?

-Од оваа година го воведовме делот на комерцијалните изложувачи. Од главниот влез на МКЦ, во холот, ќе има поставено повеќе изложувачи со продажни штандови. Воедно, изменети се одредени сегменти во изгледот на изложбената поставка - сакаме Паратисима Скопје да се унифицира како саем, каде секој учесник ќе има подеднакви елементи за изложување на своите дела. На каталогот со уметници му додадовме нотес кој може да се искористи и е интересен за употреба. Бидејќи саемот е од продажен карактер, ќе може да најдете и каталог со продажни цени за сите уметнички дела.

Исто така, организираме целодневна детска програма на 17.06. (сабота) од 10:00-19:00, бидејќи сакаме и најмалите да ги вклучиме во креативните процеси - има детска претстава, работилница за архитектура и за илустрација на книга и извидничка територија каде ќе може да научат нешто додека се забавуваат.
Во соработка со Reborn почнавме да објавуваме текстови за промоција на млади уметници и дизајнери кои заслужуваат внимание - планираме таа соработка да продолжи и по саемот и фестивалот, бидејќи имаме навистина вредни таленти за кои многу малку се знае - нашата цел е да ги откриеме на публиката.

Фото: Архива Fashionel.mk

Во рамките на фестивалот секогаш функционираат работилници од различни креативни области. Има ли интерес за истите, особено помеѓу младата популација?

-Се разбира - работилниците се секогаш добредојдени од страна на младите. Особено ни е мило бидејќи досега сме организирале повеќе работилници за средношколци, а истите секогаш биле посетени и завршувале со голем успех. Оваа година може да го издвоиме креативниот курс за Продукција на музички видео спот во соработка со Студио Баика, водена од Бојан Кртолица и снимателот Гого Клинчаров кој го поминаа седум млади ентузијасти. Музичкиот спот беше работен за песната ДЕСЕТ на младата артистка Теа Шалдева aka Galatheia, а производот ќе имате можност да го погледнете на затворањето на Паратисима Скопје, во сабота (17.06).

Каква е листата на учесници?

-Оваа година имаме 130 независни учесници, 6 специјални проекти и 5 комерцијални изложувачи. Околу четириесеттина од независните учесници се надвор од границите на Македонија, а поголем дел од нив ќе присуствуваат и лично за време на саемот и фестивалот. Навистина има голема разлика од претходните години во бројот на изложувачи и поради тоа сме радосни и задоволни - се надеваме само дека секоја година заинтересираноста сè повеќе ќе расне, а заедно со тоа и визијата на Паратисима Скопје.

Фото: Архива Fashionel.mk

Кои ќе ви бидат гости во музичкиот дел?

-На отворањето во четврток (15.06) ќе имате можност да се забавувате со Ди-џеј сет на италијанската група The Sweet Life Society чија музика е екцентричен микс од современи траки и „Свинг". Третиот ден, на затворањето во сабота (17.06), ќе настапи канадскиот состав The Operators, а потоа Galatheia чиј спот истиот ден ќе има и промоција. Сите настапи ќе бидат на платото пред МКЦ и се бесплатни.

Со оглед на тоа дека Паратисима Скопје е дел од интернационалната мрежа на фестивали, какво е досегашното искуство во однос на промоцијата на домашни креативци на глобалната сцена?

-Како што напоменавме и претходно, досега 33 автори биле наградени и учествувале на саемот во Торино кој се оддржува секоја година во ноември. На тамошниот саем, кој е многу поголем поради самата суштина на креативниот пазар и индустрии во Италија, наградените имаат можност да остварат голем број на професионални контакти со галерии, да посетат и видат повеќе предавања, работилници, музеи - она што ние им го обезбедуваме, потоа останува на нив да го искористат во најдобра можна насока.

Фото: Архива Fashionel.mk

Какви можности ќе добијат учесниците на годинешново издание што ќе се издвојат како најдобри?

-Како и секоја година, жирито на Паратисима Скопје селектира 10 независни учесници кои потоа може да се претстават во македонскиот павилјон на Паратисима Торино (Италија) во ноември. Потоа, соработката со локални галерии овозможува селектираните (од самите галерии) да остварат самостојни изложби во текот на годината. Се разбира, тука се присутни и куратори, уметници и галерии кои секогаш се отворени за нови и млади таленти - можност да бидат забележани што потоа би водело до нивно професионално остварување.

Повеќе за годинешнава програма може да се информирате на овој линк.

Објавено:
14 јуни 2017
object(stdClass)#485 (8) { ["nid"]=> string(5) "16885" ["ga_count"]=> string(4) "1126" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1652047200" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1652047200" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.126 пати