Низ содржините на Fashionel досега сте имале можност да посведочите за професионалните и за интимните приказни на голем број личности – познати и на оние што се стремат тоа да станат. За нашиот нов соговорник „да се биде познат" е мошне релативна работа. Не ужива да биде од предната страна на објективот. Она што тој многу повеќе би сакал и би бил среќен е да се каже дека неговите фотографии се познати и уште повеќе - препознатливи.
Денеска ви ја презентираме приказната на Роберт Атанасовски. Со фоторепортерство се занимава повеќе од 25 години. Во Македонија успеа да го достигне максумумот. Вели, би сакал да може да оствари и интернационална кариера и да патува, но неговите фотографии веќе го прават тоа.
За чувството кога ќе видиш своја фотографија на насловна на „Њујорк тајмс", за ризикот што со себе го носи оваа професија, за соочувањето со човечките судбини во мигрантската криза, војната во 2001, за треперењето на раката, како и за она што за него значи фоторепортерството, семејството, новите предизвци, ќе читате во продолжение:
Како започнува Вашата приказна со фотографирањето/фотографијата?
- Татко ми работеше во фабрика за автобуси и често патуваше за Русија. Беше аматерски вљубеник во фотографијата, па дома имавме неколку апарати. Во тоа време беа евтини и кога ќе одеше на патување ќе „земеше" по еден. Кога во средно училиште одевме на ексурзии, сите деца носеа фотоапарат, па понесов и јас. Инаку, првите фотографии ги направив пред зграда, во маало. Ме интересира техниката и научив сè во врска со апаратот. Гледам луѓето денес паушално „штракаат". Две работи знаат, и толку. Во тоа време сфатив дека повеќе знам од другите, дури и им покажував што е што на апаратот. На крајот си ги споредувавме фотографиите. Увидов дека моите се подобри. Си реков - или тие не знаат да фотографираат или јас многу добро знам :). Но, тоа беа детски работи. Почнав апаратот да го носам секаде и поамбициозно да фотографирам. Сакав да студирам фотографија, но таква можност овде немаше. Требаше да се оди во Белград, а тоа беше скапа одлука за мене и за моите родители... И одлучив да студирам философија на нашиот Универзитет.
Кога се отворија првите можности за остварување на сонот да се работи новинарска фотографија?
- Кога бев втора или трета година на факултет се зачленив во „Студентски збор“, пишував за филмови бидејќи тоа ме интересираше. Имаше еден повозрасен фотограф, кого го замолив да го менувам. Фотографирав портрети и некои настани и тоа ми беше првото новинарско искуство. После факултет сакав да бидам новинар со апарат, да бидам автор и на текст и на фотографија, фоторепортер во буквална смисла на зборот. Но, бргу сфатив дека тие работи овде не одат така. Увидов дека „Нова Македонија“ и „Вечер“ се единствените професионални медиуми кај нас во тоа време... Но, за да влезеш во некој од нив ти беа потребни врски. Преку еден пријател дознав дека на Александар Цветиновски, познат фотограф, моден пред сè, што во тоа време отвораше неколку списанија, му е потребен уште еден фототграф. Популарните портрети на Лепа Брена во аeробик -изданија, портретите на Неда Украден во нејзината најголема популарност беа негови фотографии. Правеше и календари. Беше еден од најпознатите во поранешна Југославија. Отидов кај него, иако сакав да работам новинарска фотографија. Научив многу за стилските фотографии, за фотографиите во големи формати.
После неколку месеци, Киро Нушев ми кажа дека ќе се отвора нов весник и ме праша дали сум заинтересиран. Секако, прифатив, се работеше за „Дневник“. Кога слушнаа дека сум работел со Цветиновски, ми дадоа шанса и така започна приказната со весниците. „Дневник“ како нова платформа ми беше предизвик. Оттогаш до 2004 година работев во тој медум. Таму си ја направив кариерата и можам да кажам дека таму ми се и најдобрите новинарски денови.
Од досегашното искуство, сфаќаме ли што е фоторепортерството и колкава е важноста на фотографијата во печатениот медиум?
- На почетокот, кога и Македонија стануваше независна држава, се работеше подобро. Можеше човек повеќе и подобро да се оформи како фотограф. Тогаш постоеше наследство од поранешна Југославија, што фунционираше, во смисла на професионализам, принципи, кодекс на работа... Беше навистина добро и научив многу. Во тоа време постоеше вистинско новинарство, вистински фотожурнализам. Постоеше и натпревар помеѓу колегите, кој ќе направи подобра насловна страница. После „Дневник“ се отворија и „Утрински весник“, „Вечер“, „Вест“ и тогаш започна вистинската конкуренција. Ние навистина се натпреварувавме кој ќе има подобра насловна. Потоа во 1999 година почна мигрантската криза и почнав да работам за странци. Прво влегов срамежливо, но во 2001, со воениот конфликт, почнав сериозно да работам за Agence France-Presse (AFP). Тоа ми е најголемиот исчекор во професионалната кариера и таа соработка сè уште трае. Таму мораш да бидеш постојано присутен - и тоа со квалитет - за да можеш да опстанеш на пазарот.
Ви недостасува ли печатен медиум?
- Да, ми недостасува. Ми недостасува возбудата. Особено она исчекување на весникот, да видам како излегла фотографијата и како е наместена во текстот, како функционира со текстот... Да, тоа ми недостасува. Меѓутоа, ако сега некој ме праша повторно да работам во весник, не би прифатил. Мислам дека тоа е надмината работа. Сепак, од друга страна, сакам Македонија да има весници, да има таква конкуреција. За жал, нема. Ова што сега го работам во интернет-порталот „МКД“ сосема ги задоволува моите професионални потреби.
Се надградувате ли?
- Има една изрека, што важи за сите професии што се поврзани со новинарството, во тој контекст и за фотографијата, а гласи: „Вредиш колку што вреди твојата последна фотографија“. И тоа е тоа. Последната фотографија мора да вреди, да биде добра, за да бидеш актуелен на пазарот и за да бидеш компатибилен, конкурентен. Ако имаш некоја добра пред три години, а потоа ништо, џабе е... Бидејќи работам за странци, ги следам трендовите и во фотографијата, но уште повеќе трендовите во медиумите во однос на пласирањето на фотографијата. Се обидувам тоа да го следам. Се трудам да се надградувам и технички. Подобро изгледа фотографијата направена со подобар апарат. Се трудам да бидам конкурентен со фотоопремата и со она што го носам во себе. Секоја фотографија има свој личен печат, или барем би требало. Во исто време, мора да следиш и трендови, да не бидеш ретро тип што застанал во 80-тите. Во Македонија има многу добри фотографии на кои им се случило токму тоа – да останат во 80-тите-90-тите и сè уште да стојат таму. Мора да им се доближиш на денешните млади генерации. Мислам дека сè уште ми успева и се справувам со тоа.
Македонската фотографска публика, ја сфаќа ли површно фотографијата?
-Пошироката публика - да. Но, има еден дел што навистина се разбира и тоа многу ми се допаѓа. Знае што е добар кадар, фотографија што раскажува приказна... И со таквите имам конекција. Има луѓе што сами се јавуваат да кажат дека одредени фотографии објавени на некој портал се подобри од некои други снимени со мобилен, на пример. Тоа во весник беше многу поедноставно. Во весник не можеш да работиш ако не си добар фотограф, затоа што тој медиум не трпи лоша фотографија, од секој аспект. Сега, во ова море од портали, има сè, но ќе си направиш квалитет и ќе излезеш на површина. Кај нас има квалитетни фотографи што можат да се рамнат со светските. Не сите, но дел од луѓето го препознаваат тоа, и тоа е океј.
Како гледате на актуелните трендови што подразбираат употреба на филтери, фотошоп-апликации...?
- Тоа останува само за социјалните мрежи. Медиумите не трпат шминкање. Мора да се пренесе реалноста, а тоа го правиш така што не ставаш филтери или фотошоп. Можеш да ја естетизираш фотографијата со контрасти и слично, но тоа е сè. Не смееш повеќе да интервенираш. Тоа што го прават на социјалните мрежи, тоа си останува таму, тоа е друг свет.
А, на социјално ангажираните фотографи и нивниот морал?
-Кон крајот на 90-тите бев во Америка на еден курс. Уште тогаш таму беа поставени цврсти стандарди на фотографијата, кои и денес важат, а во рамки на тоа и моралниот аспект на фотографијата. Ако некого го објавуваш во весник, мораш да го прашаш дали е во ред. Мора да ти даде дозвола, макар и премолчана. Humans of New York е, на пример, еден нов тренд кој спаѓа под стрит-фотографија, нешто помеѓу фотографија на социјални мрежи и фотожурнализам, а мене тоа ми се допаѓа. Конкретно за нив тоа се многу добри фотографии и приказни. Има доста такви обиди како Humans of New York. Дури и ние, со нашите колеги, се обидовме да направиме такво нешто, имаше страница Humans of Skopje. Правевме фототграфии, но немаше голема амбициозност. Во Њујорк има таков спектар на луѓе - интересни, карактерни - што сакаат да зборуваат или да раскажат некаква приказна, што овде недостасува. Таму фотографот има контакт со човекот, разговара со него и тој знае дека ќе биде објавен и од морална гледна точка, тоа е океј и во тој поглед функционира. Јас ги почитувам тие стандарди. Ако фотографирам некого и не ми реагира, значи дека ми дава некоја премолчена согласност. Доколку ме праша зошто ме фотографираш, ќе му одговорам. Ако ми рече не објавувај ја, тогаш нема да ја објавам.
Може ли во едно општество добра фотографија да направи промена од каков било тип?
- Може, а ќе кажам и конкретен случај. Постои една фотографија што ја направив со три девојки, во Охрид, 2012 година, беше почеток на „Охридско лето“. Фотографијата ја пуштив на АFP и се погоди моментот. Сите ја објавија – „Вашинготн пост“, „Њујорк тајмс“, „Гардијан“, „Европа“, сите големи весници, веб-страници, летни галерии... Фотографијата буквално го обиколи светот. Ја објавив и на „Фејсбук“ и добив коментар во стилот дека Општина Охрид треба да ме чести за ваквата реклама, бидејќи ниту „Си-ен-ен“ не може да постигне таков ефект, дека ваква реклама со пари не се плаќа. Некогаш можеш да направиш одлична реклама за државата, но некогаш, кога полицаец тепа мигрант, можеш и лоша. Не можам да кажам ако полицаец тепа некого, дека нема да објавам, затоа што сум патриот. Тоа е тоа. Тоа е реалноста и јас ќе објавам. И кога тепа и кога дава вода.
Ја споменавте мигрантската криза... Постои ли преголем ризик за добра фотографија?
- Ризик секогаш постои. Ми се случувало да застанам на среде улица да фотографирам нешто, а покрај мене автомобили поминуваат, можат да ме прегазат, но во тој момент не размислувам за тоа. Во 2001 имаше многу ризични ситуации, но изгледа знам да внимавам на себе. Внатре работи еден инстинкт кој ти вели кога треба да се повлечеш. Инаку, кога си помлад повеќе ризикуваш. Од последните жешки случувања во државава сфатив дека тоа што сум повозрасен ми донесе контрола. Кога бевме во Танушевци кај караулата, летаа куршуми од сите страни. А, кога има пукање мораш да се пазиш. Кога почна мигрантската криза муабетот беше дека има неколкумина што шетаат по пруги. На почетокот одев и сам. Ми се случи еднаш околу Велес, да седам сам на пруга во три часот наутро и наеднаш да надојдат 50 мигранти. Дотогаш сè беше мит дека има мигранти. Јас со себе носам апарат, пари и кој ми гарантира дека нема да ме повредат или да ми земат сè што имам. Но, во тој момент не размислуваш... а можеа да направат што сакаат, кој ќе знаеше. Такви ситуации не можеш да предвидиш, едноставно ќе веруваш во некоја среќа.
Како да се издржи емотивниот товар што го носат ваквите ситуации?
- На почетокот беше многу тешко, во буквална смисла. Јас сум многу емотивен човек, без разлика како изгледам. Кога сум со камера сум еден човек, без камера сум како и сите други. Понекогаш човечкото и професионалното можеш да ги одвоиш, но во овој случај - не. Зборувам за првите денови, кога не бев подготвен и беше страшно, од емотивен аспект. Гледам трагедија во живо. На телевизија има филтер, таму го нема. Не можеш да бидеш рамнодушен, да бидеш подготвен на такво празнење, а во исто време треба да фотографираш. Сакаш да им помогнеш, бидејќи има ситуации кога животи зависат од тоа. Имаше моменти кога малку требаше да се прегазат... И тоа беше многу исцрпувачки. Во тие моменти не сум бил ни свесен што фотографирам. Да бев со поладна глава, можеби би направил и подобри фотографии, меѓутоа, едноставно не можеш. Подобрите фотографии дојдоа подоцна, кога веќе бев подготвен и си направи филтер, знаев што можам да очекувам. Првите моменти на граница беа страшни, со колегите буквално плачевме. Мораш да пуштиш вентил да се ослободиш. Потоа ги преживуваваш работите секој ден одново... Се работеше секој ден, една година, а тоа е голема акумулирана енергија која мораш некако да ја исфрлиш.
Кога Ви затреперува раката?
- Кога ќе видам добра фотографија. И кога ќе ја направам. Во тој момент ми затреперува раката. Во мене пука адреналин.
Фотографијата истовремено е и интимно и јавно сведоштво...
- Мене тоа ме возбудува. Токму тоа има некој парадокс. Ти својата интима ја претставуваш, но истовремено го даваш и другиот дел, од другата страна. Не ги обојуваш работите како што ти ги гледаш, туку низ своите очи им ги претставуваш работите на луѓето, да ги видат твоите фотографии. Не само фотографијата, туку и емотивниот момент. Тоа ми е предизвик. Таа контроверза помеѓу интимното и општественото е фасцинантна.
Постои ли точно толкување на фотографијата?
- За мене фотографијата е уметност. Новинарската фотографија е дел од таа уметност и секој дел различно се толкува. Во принцип, луѓето различно ги толкуваат. Сепак, постои генерално начело што е добра, а што лоша фотографија. Ако пренесува доволно информации за темата, а во исто време успее да долови и емотивен момент, тогаш е добра фотографија. Ако таа продолжи да живее после настанот, тоа значи дека се работи за врвна фотографија. Во мојата кариера имам и неколку такви, што живеат и понатаму.
Досега сте добиле повеќе награди... Но, има ли таква за која си рековте ова е врвот?
- Сите ми се драги... Меѓу последните што ги добив беше и наградата БЕТА, за фотографија на годината и ми пружа чувство на задоволство бидејќи е на меѓународно ниво. Конкурсот беше токму за новинарска фотографија и учествуваа фотографи од девет земји. И мојата фотографија успеа да биде најдобра. Тоа беше фотографија од „Шарена револуција“. Но, кога ќе ми излезе фотографија во „Њујорк тајмс“ или во „Гардијан“, тоа за мене е бесценето. Тоа е многу поважно од која било награда, бидејќи наградите се субјективно чувство. Колку пати се случило да сметам дека на конкурсот имам најдобра фотографија, ама ништо да не добијам. Најголема потврда дека твојата работа е добра е кога ќе ти излезе фотографија на насловна страница во добар весник како „Њујорк тајмс“. Од 1.000 фотографии, уредниците ја избрале твојата. Тоа е непроценливо чувство, тоа значи дека си ја направил вистинската работа. Колку е поголема колекцијата со странски медиуми, толку работата е подобра.
Се навраќате на старите фотографии, на минатиот труд?
- Да, се навраќам. Имам императив да направам совршена фотографија, да видам што е тоа... Но, тоа не постои. Во дадениот момент може да биде совршена, но веќе утре да не биде. Но, секогаш се трудам, секој ден... Не можеш да направиш добра фотографија само со еден клик. За тоа треба време, часови и часови работа... Се трудам да имам совршена фотографија на денот, или на неделата, што мене ќе ме задоволи. Тоа е мој личен предизвик за понатаму.
Што научивте за фотографијата, а претходно никој не Ви го кажал?
- Прва работа е дека треба да бидеш свој и оригинален. Колку и да научиш што и како треба, како да се однесуваш во даден момент, прва и основна работа е да бидеш свој и оригинален. Да оставиш личен печат на фотографијата. Тоа не можеш да го научиш. Тоа во себе или го имаш или го немаш. Да не бидам нескромен, но сум добил признанија од врвни светски фотографи. Добив признание летоска од еден врвен фотограф, Грк, се вика Јанис Бехракис, работи во „Ројтерс“. Минатата година доби „Пулицерова награда“ за мигрантскиот сет во Грција. Додека беше во Гевгелија, многу се дружевме со него и Јанис отсекогаш ми бил репер за тоа како треба да изгледа добра репортерска фотографија. Му кажав дека ми бил идол и дека ми е многу драго што го запознав. Тој ми возврати со зборовите дека сум добар човек, но и многу добар фотограф. Но, тоа не го кажа за да ми врати на комплиментот, туку се виде дека навистина го мисли. Тоа многу ми значеше, имаат тежина неговите зборови. Фотографиите што ги прави се посебни, оригинални. Мислам дека тоа треба човек да го има и да работи на тоа. Често ќе се случи со колегите да треба да правиш иста фотографија, но секогаш треба да се трудиш твојата да е малку различна.
Која е Вашата цел?
- Професионално, целта ми е да правам добри фотогорафии, на луѓето да им ја пренесам приказната што е можно поверодостојно, во некоја естетска смисла, и луѓето да го преживеат тој момент што јас сум го видел. Целта ми е да бидам добар фотограф и да трае колку што може повеќе. Да речеме, во Македонија на некој начин сум го достигнал врвот. Ако можам да направам некоја интернационална кариера, ако не е доцна, да, но во овој глобален свет ова е многу тешко да се направи - освен ако не земеш апарат, ранец и многу пари да шеташ по светот.
Кога фотографите заминуваат во пензија?
- Па, за фотографот нема пензија. Неодамна видов еден од своите идоли, има преку 70 години, се вика Џејмс Нешвил. Тој се прослави со фотографиите од Африка и од тамошната криза со глад, во текот на 70-тите и на 80-тите, работи за „Тајмс“ и тој беше во Грција на граница. Се запознав со него. Дури и на таа возраст работи со ист ентузијазам како да има 30. Јанис, пак, има статус „селебрити“ во Грција, а инаку познат е на интернационално ниво. Тој секој ден работи како да му е прв. Станува во пет часот наутро, во шест веќе има нови фотографии, прв доаѓа на терен, последен си оди... Толку е посветен на работата, те мотивира. Кога Јанис може тоа да го прави, тоа може секој. Мислам дека не сум дисциплинирам колку што би сакал да бидам, колку што е Јанис на пример. Војнички е дисциплиниран, а креативен до бескрај. Тој спој многу ми се допаѓа. Јас ја немам таа дисциплинираност во однос на работата, не на тоа ниво, но секој човек си е приказна за себе. Тој недостиг би сакал да си го искоренам. Инаку, додека можеш да работиш - ќе работиш. Мораш да имаш идеја и светлост, жар што те држи... Јас сè уште имам жар што ме одржува во фотографски живот. Живеам за добра фотографија и приказна.
Како Вашето најблиско семејство се справува со темпото на живот, ризик и сè друго што носи оваа професија?
- Морам да ги пофалам и сопругата и ќерката, што многу биле трпеливи кон мене и кон тоа колку вечери и денови не сум бил дома... Но, тоа се обидувам да го надополнам на начин што, кога имам слободно време, се трудам да го поминеме максимално квалитетно. Мора да има разбирање за да може да се функционира. Најчесто, ако погледнете, најголемите светски фотографски имиња немаат семејство. Сами се, затоа што тие две работи не одат заедно. Во Македонија тоа е многу поедноставно.
Со ова животно и професионално искуство, што ја советувате ќерката?
- Ја советувам тоа што го работи да го работи со срце и со душа. Таа е книжевник, заврши општа и компаративна книжевност. Сум добивал пофални зборови за неа од нејзинте професори, што ми е многу драго и горд сум на таква ќерка. Сака да биде писател и јас ја поддржувам во тоа. Сега сака да се надградува во Германија. Пишува навистина убаво и се надевам дека ќе успее во животот.
Што Ви е следен предизвик?
- Морам да признам дека во последно време многу ми претставува задоволство кога им помагам на млади колеги. Претходно немав нерви за тоа. А, сега ми е предизвик. Тука нема многумина што сакаат да се занимаваат со она што јас го правам. Има десетина помлади колеги што фотографираат на свадби, бидејќи сакаат брзо да дојдат до пари. Но, мислам дека прво треба да ја поминат оваа школа, па потоа да работат свадби. Тоа е мое мислење. И во моментов тоа навистина ми е светла точка, покрај фотографирањето, и би сакал да го работам и тоа во иднина. Мислам дека можам да им помогнам на помладите, како што мене ми помагале постарите колеги кога сум почнувал, и знам што значи таквата поддршка. Јас би го правел тоа со големо задоволство. Место за вообразеност - нема. Речиси секогаш прв им пристапувам на младите колеги. Постојат патчиња што треба да ги поминат и многу е поедноставно и подобро ако некој им помогне или им посочи. Живко Јаневски беше најдобар фоторепортер во Македонија, работеше во „Нова Македонија“. Кога јас прв пат со него отидов на настан, Живко ми објасни сè што треба – каде да застанам, што ќе се случува, што да правам... Тоа многу ми значеше и го паметам до денес. Можеби и затоа денес сакам јас да помогнам колку што можам, со совети. И на „Фејсбук“ ми се случува да добивам пораки за совет или за мислење и одговарам секогаш кога можам, и навистина ми е ќеф. А, исто така, сакам да направам едиција фотографии од Македонија, во стилот на „Нешнал џеографик“. Постои нешто во тој стил, но не онака како што јас го замислувам.