На денешен ден во 1883 година е родена легендарната Коко Шанел. За нејзиното влијание врз развитокот на модната сцена во Франција, но и пошироко, досега повеќе пати сме пишувале.
Сепак, денеска, во чест на нејзиниот роденден, ќе се потсетиме на 10-те работи на кои би требало да ѝ се заблагодари секоја жена.
Блузите со риги
-За нивното популаризирање посебно придонесе Коко Шанел. Дизајнерката се вљуби во сино-белиот принт при посетата на француската ревиера и во 1917 година претстави колекција инспирирана токму од тамошните морнари. Пренесено во денешно време, се работи за „круз“ или ресорт колекција, која доживеа голем успех.
Панталоните
Долог време ова парче можеа да го носат само мажите. Но Коко Шанел го смени тоа. Клучниот момент е кога тргнала на јавање, но сфатила дека тоа не може да го прави во долго здолниште. Затоа, ги земала панталоните од машкиот јавач, ги облекла и така се родила идејата за панталоните, што потоа ќе предизвика револуција во модната индустрија.
Мал, црн фустан
Шанел сакала да создаде фустан што ќе биде достапен на жените од сите општествени слоеви, а кој ќе може да се носи на безброј начини. Така го создава „малиот црн фустан“, кој ќе стане воедно и најпопуларниот фустан на светот. Првпат е претставен во 1926 година. Уште тогаш „Вог“ пишуваше дека ова парче ќе стане униформа за сите жени, за сите пригоди и стилови. И денес, ова парче не ја губи својата популарност и моќ.
Женскиот костим
Идејата за ова парче повторно произлегува од машката мода. Јакната, односно палтото што денеска го нарекуваме „Шанел“, без околувратник, изработено најчесто од волнени материјали, односно твид, е најпопуларното парче што жените ќе го носат по Втората светска војна. Одри Хепберн, Грејс Кели и Џеки Кенеди се само дел од познатите дами што го обожаваат „Шанел“ костимот.
Жерсеј
Во времето кога живее и работи Коко Шанел, удобните материјали се користеле најчесто за изработка на машката долна облека. Но, дизајнерката одлучила да им овозможи удобност и на жените и почнува да создава женска облека од жерсеј, наместо дотогашните крути материјали. Ова сосема ги просветлило жените, кои што дотогаш носеле скапи, но не и удобни материјали. Жерсејот бил многу евтин, особено по Втората светска војна.
Накит
Речиси на секоја фотографија, Коко Шанел носи бисери. И за нивната популаризација придонела. Бисерите што ги носела не биле вистински, па за да им овозможи и на другите жени да носат евтин накит, со кој ќе ги збогатат дневните комбинации, почнува да се занимава со дизајнирање на бижутерија. Синџири, стакленца, монистра – сето тоа го вклоопувала во дневната, лежерна облека.
Потемен тен
Во минатото, потемнетиот тен се врзувал со работничката класа, а белиот со аристократијата. Но, Коко Шанел и тоа го менува. Шетајќи на француската ревиера, таа ќе добие потемен тен, а кога ќе се врати во Париз нејзините пријатели ќе бидат воодушевени од нејзиниот тен, па ќе почнат да го практикуваат истото. Сега, исончаниот тен е тренд кој се задржува преку целата година.
Парфем
„Шанел бр.5“ е класика кога се парфемите во прашање. Благодарение на навиките на Коко, идејата дека жените треба да мирисаат убаво во секое време трае до денес. Во чест на нејзиниот роденден, модната куќа „Шанел“, презентира нов парфем, насловен како „Габриел“, каде изобилува мирисот на јасмин.
Ставот
Иако на крај, ова е можеби едно од најважните работи за кои Шанел се заложувала – ставот што жената го има кон себе. Ако ги прочитате нејзините цитати, ќе видите дека изобилуваат со тоа дека жената треба да се сака самата, да изгледа дотерано, да биде елегантна – едноставно да биде дама, која има став!