Интервју Драгана Левенска: Животот во театар го живеам и надвор од него

Интервју со •
26 август 2013

 

Не пресретна на улицата кај нејзиниот дом, насмеана, срдечна, позитивна, едноставна, а сепак толку посебна, со Париз во нејзините мисли и благата нетрпеливост со која го чека септември. Младата актерка Драгана Левенска а.к.а Кала Кос не маѓепса, со театарското волшебство, ни ги откри нејзините фетиши, стил, начин на живот, идните професионални планови и желби.

Актерството е нејзината прва љубов уште од мали нозе. Иако првенствено се запишала на факултетот за книжевност, сепак не престанала да сонува за театарската магија, и таа желба еден ден и се остварила:

„Отсекогаш сакав да бидам актерка, не знам за друга професија, освен за актерството. Кога завршив средно училиште, на академијата за драмски уметности таа година не примаа актери, морав да чекам две години, па затоа решив да запишам студии по книжевност, но на моја голема радост, во меѓувреме се случи отворањето на факултетот за радио-визуелни  уметности ЕСРА, па така после една плејада на настани стигнав до крајната цел. Запишав студии по глума кај професорот Дејан Пројковски, за кој со сигурност можам да кажам дека е најпосветениот професор на целиот свет и му благодарам за искрениот пристап и откривањето на вистинските тајни за печење на занаетот“, ни раскажа Драгана за нејзините почетоци.

Единственото место каде се чувствува заштитена, сигурна, своја и каде може да направи се што и душа сака е театарот.

„Театарот ми е најголемиот љубовник“, вели актерката.

Формата на психичка и физичка подготвеност ја црпи во пешачењето.

„Нештото кое ме одмара и ме одржува во форма е пешачењето. Пешачам многу и најчесто сама, бидејќи кога го правам тоа навика ми е да си ги преповторам текстовите и репликите од претставите во кои играм“, ни откри Левенска.

 

За Кала секоја нова улога е нова приказна, нов карактер, нов лик и нов предизвик за неа како млад актер пред сè, кој има уште многу да учи и напорно да работи ако сака да успее и да се реализира себе сù како одличен актер.

„Можам да кажам дека за да се биде добар актер единствениот клуч е посветеноста кон работата, одговорноста и вербата во себе, бидејќи за мене театарот претставува еден храм кој треба да се почитува и во кој треба да се верува ако сакаме успех. Мора да работиш на себе, за себе, за екипата, за целиот тим, за партнерот, препуштајќи и се на театарската магија и уметничкиот склоп на процесот кој резултира со ремек дело“, ни кажа Драгана.

 

Позборувавме за нејзините сегашни и идни професионални ангажмани и можеме да констатираме дека Драгана ја очекува еден богат и плоден период на работа, но и собирање плодови од претходно сработените проекти.

„Првата професионална улога која ми è неизмерно драга е улогата на Евушка во култната и прогласена за најдобра претстава за минатата година според еминентното жири на манифестацијата „Златна Буба Мара на Популарноста“ и според мислењата на врвните критичари и театролози „Генетика на кучињата“ , по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, каде имав чест да глумам рамо до рамо со најдобрите театарски имиња на македонската сцена. Потоа дојде, проектот „Вртелешка“, претстава каде ја играв улогата на проститутката, која ми беше голем предизвик, бидејќи сум човек кој сака да глуми ликови кои се разликуваат од она што сум јас приватно. Од септември ме очекуваат два нови приватни проекти, претставите „Будење на пролетта“ во режија на Драгана Таневска и „Вејка на Ветрот“, во режија на Ирена Стеријовска. Сега имам премиера на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола со краткометражниот филм „Намини бар еднаш“ во режија на Косара Митиќ, кој го снимавме во ноември минатата година, каде партнер ми беше Александар Микиќ и играв улога на млада мајка. И уште со ова да се пофалам дека во април ми беше премиерата на филмот од Гоце Цветановски „Мал дисконтуитет во време и простор“, кој е избран да настапува во мај месец на Интернационалниот Фестивал  во Париз, на мое огромно задоволство. А, во моментов актуелна сум со моите синхронизации на сериите и спремањето на дипломскиот труд“, заклучи Кала.

 

Модната приказна на Драгана, е тесно поврзана со театарот. Таа живее за театарот и со театарот и секогаш нејзиниот имиџ е под влијание на театарската магија. Негува стил кој има едно ретро издание надополнето со винтиџ  елементи.

„Сакам едноставни работи, односно, секој да го носи, она во кое се чувствува среќен и исполнет“, вели убавата актерка.

 

За неа, една жена или девојка е вистински убава, само тогаш кога е чиста. Хигиената за Кала е клучниот момент кој една девојка или жена ја прави убава. Не е битно да носи скапи чевли, накит или брендирана облека. Неа и е важно да биде чиста и негувана во секој поглед, коса, тело, кожа, лице, заби итн.

За себе вели дека сака да биде едноставна, привлечна и различна, не во поглед на тоа да биде центар на внимание, туку да биде она што е таа вистински, дури и кога ги носи кошулите од мајка ù или накитот на баба ù.

„Јас не би била јас во нешто од 21 век, нешто што е сега топ, актуелно, тренди и модерно. Никогаш не сум сакала да се базирам на моменталните тенденции“, децидно одговори Левенска.

Омилениот стил и е оној кој припаѓа на 60-тите и 80-тите години, а омилена модна икона и е Одри Хепберн. Вели дека не ја копира оваа холивудска дива, но имаат многу сличности во поглед на физикусот и професијата. Омилен странски дизајнер и е Гучи заради раскошот кој го промовира во неговите тоалети, а од македонските модни дизајнери многу ги почитува креациите и дизајните на Елена Лука за која вели:

„Уметничкиот стил, готиката, барокот се мојата пасија и слабост, а тоа се епитети кои успеав да ги најдам во дизајните на Елена Лука. Ми се допаѓаат ретро фустаните, кошулите со карнери и тоа што Елена Лука не се базира на одредени тенденции кои се актуелни во моментов. Во нејзините салони можам да најдам креации кои припаѓаат на едно време и стил, кои се класични, елегантни и секогаш модерни“. И да, со задоволство би и дозволила на Елена да ми го преуреди плакарот“.

Без сомнение нејзин моден фетиш се шапките. Вели дека и без мобилен телефон ќе излезе од дома но, не и без шапка.

„Кога ќе ставам шапка се чувствувам некако посебно, моќно, како да сум на сцена“, ни кажа Драгана.

Не е зависник од брендирана облека, може да купи некое парче дури и од маалска продавница, нормално ако и се допадне. Со оглед на специфичноста на нејзиниот стил ни откри дека единствено брат ù и ги купува најубавите парчиња гардероба и знае да и даде искрен моден совет или критика.

 

Но затоа е целосен зависник од козметика. Млека за тело, ампули, креми, масла, шампони, третмани за пилинг, бебешки купки, парфеми, маски, шминки и лакови за нокти се само дел од богата палета производи кои Драгана ги користи за нега на кожата, косата, лицето, нозете. И тоа го прави со голема желба и уживање.

Најскапото парче кое го поседува е шапка која ја купила на нејзиното патување во Париз ова лето.

„Тоа е дефинитивно еден од најубавите градови. Го сакам Париз и мислам дека е единствениот град каде има најмногу модели на здолништа со висок струк, каде скоро сите жени одат со рамни обувки, каде има најголем избор на шапки и беретки и каде модата, уметноста, театарот и се она што е благородно и оплеменува се споени во една целина“, ни раскажа Левенска.

Но сепак, најмодерен град за неа е Москва. Иако никогаш не го посетила вели дека доколку сега ги затвори очите на миг би се нашла токму таму, бидејќи многу ја сака зимата, шубарите, крзната и капутите кои ги носат русинките.

„Каде и да одам, што и да правам, на крајот секогаш со многу љубов повторно му се враќам на моето Скопје, на моето семејство и блиските луѓе. Од нив црпам инспирација, сила и креативност за нови предизвици“, изјави за крај Драгана.

 

 

Објавено:
26 август 2013
bool(false)