музичка група

„Слушам кај шумат шумите“ ни беше тест

Интервју со
Некст Тајм
27 октомври 2017

Изминатиов период музичкиот етер го разбранува новата обработка и спот на „Некст Тајм“ за песната „Слушам кај шумат шумите“. Музичкото дуо одлучи да ја продолжи приказната што започна со „Ја излези Ѓурѓо“, нудејќи производ идентичен по квалитет на првиот, и по музичка и по видео продукција.

Токму Стефан и Мартин Филиповски се нашите нови соговорници. Велат, сè уште не се свесни за успехот на песните кои настанале сосема спонтано.

Додека се подготвувавме за снимањето на фотографиите, поразговаравме за нивното музичко созревање, искуството што го стекнале за овие речиси 10 години на македонската сцена, за квалитетот како појдовна точка за успех, но и за тоа колку како браќа се разликуваат, што прават кога не создаваат музика и новиот имиџ, благодарение на кој, сè почесто го носат и епитетот „секси“.

Уживајте во нашиот разговор и фотографии, како и нивните последни музички приказни:

 

 Коментарите околу новата песна не стивнуваат. Очекувавте ли ваков одѕив на обработките на „Ја излези Ѓурѓо“, а сега и на „Слушам кај шумат шумите?

Стефан: Преработката на „Ја излези Ѓурѓо“ дојде спонтано. Се сеќавам, навечер ја ставивме на нашиот „Јутјуб“ канал и следното утро кога се разбудивме, песната имаше околу 22.000 прегледи, што ниту една наша песна претходно немала. Навистина бевме изненадени. Кога ќе се случи нешто такво, сакаш и потајно очекуваш да се држи нивото на гледаност, да расте и не опаѓа. Во однос на „Слушам кај шумат шумите“ би рекол бевме и малку исплашени, дали маркетиншки добро се снаоѓаме, затоа што Мартин и јас немаме официјален менаџер, работите сами ги водиме. И така и ги учиме... Сепак, имавме надеж дека луѓето после успехот на „Ѓурѓа“ ќе сакаат да видат што е новото што „Некс тајм“ го најавуваат.

Од каде идејата да се прават преработки?

Стефан: Идејата не е форсирана, „Ја излези Ѓурѓо“ е песна што навистина ја сакаме. Ние сме изведувачи што не сакаат да ги форсираат работите. Доколку имаме инспирација да дадеме ново руво на песната, тогаш ќе го направиме тоа. Ако сфатиме дека се форсираме наменски, тогаш би се повлекле бидејќи сметаме дека нема да излезе добар производ.

Мартин: Изборот за овие две песни беше наш. Кај медиумите постои мислење дека Николче Мицевски е виновникот што сето ова се случува, но Стефан и јас се водевме според нашата наклонетост кон овие две песни. За сè понатаму што ќе се прави, одлучивме дека треба да биде пред сè, нешто што на Стефан и на мене ни лежи, и се разбира, Никола Мицевски да се инспирира и да даде дух на она што го работиме.

Ова е сосема поразлично од сè што досега сте правеле. Како гледате на вашиот минат труд?

Мартин: И тој е создаден со љубов, но во друго време. Таа музика и нè донела до овде до каде што сме. Јас никогаш не би го игнорирал минатиот труд, затоа што без тие песни немаше публиката ни да нè запознае. Ние ќе продолжиме да правиме поп музика, но првин имаме во план да го заокружиме ова што го работиме моментално, со албум. Наредната година одбележуваме и јубилеј,10 години работа. Имаме желба да се претставиме и надвор од Македонија, да видат во другите земји дека нешто квалитетно се прави и тука, дека има образувани и добри музичари, добра музика. Исто така, сакаме овие песни да заживеат и меѓу нашите луѓе што веќе не живеат тука.

Стефан: Сè уште не сме почнале да настапуваме со овие песни, така што уште не сме сосема свесни и не сме доживеале како народот го восприема ова што го направивме. Реакцијата во живо е нешто сосема друго. Но, постојано добиваме коментари од луѓе дека многу им се допаѓа. Дури добивме и порака од една личност, дека токму на „Ја излези Ѓурѓо“ за првпат заплакала на песна.

Сакате ли преку овој нов пристап, да порачате дека созреавте?

Мартин: Не, бидејќи пак ќе речам, сè дојде спонтано. Ја испеавме во нашето домашно студио. Ја слушавме и си признавме дека верзијата воопшто не звучи лошо. Почнавме да бараме композитор што може да направи официјална обработка. Бевме свесни дека тоа мора да биде некој што одлично ја познава македонската народна песна. Затоа и го одбравме Николче. Во тоа време течеше неговата соработка со Каролина. Му објаснивме што сакаме и точно нè разбра, ја слушнавме првата верзија и тоа беше тоа. Во ниту еден момент не помисливме дека ни е потребно нешто вакво за да покажеме дека сме зрели.

Она што го презентиравте во јавноста и со двете песни, е еден комплетен, но мошне скап продукт. Колку чини да се создаде ваква музичка приказна, и од аспект на композиција и од аспект на видео-запис?

Мартин: За македонски услови и артисти многу. Сепак, колку и да чини, не се мери со чувството на среќа  и задоволство кога ќе добиете фидбек од публиката. Ние и за публиката твориме. Немаме однапред направена пресметка за тоа колку сакаме да чини спотот, колку песната и слично. Ја гледаме целата приказна и ефектот што ќе произлезе од неа. А кога ќе поченете да работите нешто, секогаш излегува некој трошок повеќе. Сепак, нашата цел е да понудиме производ што ќе биде со светски квалитет. За среќа, овој вториот е потпомогнат од една жена, Македонка која живее во странство. Самата ни се јави и ни кажа дека тоа што го правиме многу ѝ се допаѓа и дека би сакала да биде дел од приказната која ќе допре до што повеќе луѓе.

Стефан: Со работата на овие две песни или проекти увидовме дека, колку луѓето од страна можат да препознаат квалитет и се подготвени да помогнат, толку овдешните компании се затворени. Ние Македонците, генерално, сме навикнати ако може само во резултатот да уживаме, но не и во создавањето на производ. Сакавме да покажеме дека и кај нас може да има нешто квалитетно, а притоа да не нè спречи моментот колку тоа чини.

Сметате ли дека има недостаток од свежи и нови авторски дела на македонската музичка сцена, на која се чини во последно време доминираат преработките на народните песни?

Стефан: Да, можеби се појавија повеќе преработки на македонски песни, но нашата среќа е што, сметаме дека сме поиновативни од другите. Ние македонската традиционална музика ја доживувавме како филмска музика, па си рековме зошто да не прозвучи токму така. Имавме цел која не беше лесно да се оствари. Да се биде иновативен е одлично, било што да работите, но не секогаш е лесно изводливо.  Инаку, следиме што се случува на македонската сцена, што прават колегите. Но, на крај доаѓаме до заклучок дека, ако сакаме работите да се подобрат, мора сите заеднички повеќе да се трудиме и да понудиме квалитет. Исто така, треба да се внимава и на имиџот и надвор од сцената. Кога си артист, па и јавна личност, не треба да леташ во облаци, но треба да држиш ниво. И во животот и во работата. Треба да знаеш што сакаш, а потоа да се трудиш тоа и да го изреализираш најдобро што можеш. Сè уште мислам дека не сме го покажале најдоброто од Македонија, во смисла на комплетната музичка сцена. Имаме квалитетни артисти, има и многу со голем потенцијал, само на сите нив/нас ни недостасува менаџер, продукциска куќа, инвеститор, како и обука за да се усовршуваме.

Мартин: Им недостасува и љубов кон тоа што го работат. Тоа што ние го правиме навистина чини, но сакаме да го презентираме на највисоко можно ниво. Толку труд е вложен, две години работиме на видеото и сакаме да си го испочитуваме трудот. И генерално, ако самите не се почитуваме, не можеме да очекуваме и туѓа почит.

Стефан: Исто така, сметаме дека на промоциите на спот или песна, не треба да се канат пејачи. Тоа не треба да изгледа како собиранка на колеги, треба да се направи за народот. Затоа, ние и за оваа промоција одлучивме да повикаме медиуми за да го презентираме пред народот. Го викнавме Лозано бидејќи многу го почитуваме и уште неколку музичари со кои навистина се почитуваме, но не сакавме тоа да биде собир на цела естрада. Сега живееме во време на социјални мрежи, сите снимаат видеа, тоа оди во живо.... Треба малку да го смениме нивото на размислување.  Промената треба да тргне од нас, сите да размислуваме малку попрофесионално.

Музичката промена беше проследена и со менување на изгледот...

Стефан: Денеска Интернетот ни помага да бидеме во чекор со актуелни трендови и за изглед, стајлинг. Конкретно, за последната песна, не сакавме да ставиме носија на нас и капчиња и да бидеме како да сме излегле од „Народни приказни“. Сакавме да бидеме модерни, но сепак да има винтиџ елементи. Сами се грижиме и за тој дел. Не сме дозволиле други да ни се мешаат. Сме имале обиди за соработка, но не било тоа-тоа, бидејќи и модниот совет треба да биде издржан. Странските видеа се одличен показател дека во видео не се појавуваш со џемперче и кошулче. Треба да е нешто уникатно, привлечно за камера. И не мора да е видливо дека тоа што се носи е бренд.

Што сметате за ваше најголемо достигнување?

Мартин: Ова што сега го работиме е нашето најголемо достигнување. Бевме и на „Евровизија“, сме освојувале и награди, статуетки, но за ова не сме добиле ниту една статуетка, а гласот на народот ни ја дал најголемата награда.

Кои се вашите херои од реалниот живот?

Стефан: Семејството. Нашата мајка е нашиот херој. Работи од утро до мрак, нè одгледа сите, го држи целото семејство. И мачката Мики :).

На кој начин се надополнувате?

Стефан: Слични сме во изгледот, но всушност сме многу различни, начинот на размислување ни е различен. Јас сакам да сум поотворен за било каков настан, интеракција, но Мартин е тој што вели, „Не, не е добар момент, ќе дојде и нашето време“. Јас како пејач не ги гледам така работите, јас сакам што поголема интеракција со публиката. Не се работи за бизнисот, се работи за тоа да се почувствуваш жив, да почувствуваш реакција, емоција. Што ако народот нè фали, ако си останеме дома и си пееме сами на себе?

Која карактеристика најмногу ја цените кај луѓето?

Мартин: Искреноста. Ако некој е искрен кон нас, ние враќаме многу повеќе. Оваа работа ни овозможила да се сретнеме со луѓе трчи-лажи, или што не можат да ни ја следат амбицијата.

Мартин: Истото важи и за девојките. Секој кај партнерот цени искреност, зрелост, да биде човек што може да ти се најде за сè, да нема лаги и измами. Иако имаме сосема различен тип девојки, неговата е архитект, а мојата спортист, карактеристиките што ги почитуваме се исти.

Кога сте биле најсреќни?

Стефан: Среќни сме секој ден. Семејството ни е на број, покрај себе имаме личности што нè сакаат и почитуваат. Имаме пријатели, работа што ја сакаме. А кога е токму работата во прашање, може да се рече дека овој успех што ни се случува, кој не се опишува со зборови, ни е извор на голема среќа.

Мартин: За мене дефинитивно тоа е 10-ти октомври, промоцијата на спотот. Одлучивме за првпат и ние да седнеме во публика и да го погледнеме. Кога заврши и кога го слушнавме аплаузот, се свртевме околу нас, и гледаме 400 луѓе ни даваат награда за тоа што се сработело. Можеби ќе звучи и нескромно, но навистина бевме горди. На производот, на себе и на тоа дека народот нè сака, а не сме политичари (се смее). После „Ѓурѓо“, ова ни беше тест, дали навистина можеме и знаеме да правиме ваква музика. Да не беше овој производ добар, сите ќе помислеа дека успехот со „Ѓурѓа“ е случаен. Склоп на околности и време. Затоа одговорноста сега беше многу поголема. Знаевме дека ако ова јавноста го прифати, тогаш ја имаме нивната доверба.

Која е најголемата предрасуда за вас со која сте се соочиле?

Стефан: Сме се соочиле со тоа да нè потценуваат, во смисла дека сè тоа што го правиме не е добро, ниту од аспект на музика, облека, производ. Да бевме на почеток на кариера, можеби ќе нè погодеше тоа, но после 10 години научивме да ги прифаќаме и различните мислења. Не може на секого ни да му се допаѓа тоа што го работиме и тоа го почитуваме, треба да има и такви, но се гледа кога нешто е тенденциозно.

Мартин: Почитуваме размена на мислења, сакаме конструктивни забелешки, но кога некој само го исфрла револтот, тоа во никој случај нема да наиде на почит кај нас или да биде земено предид.

Како ви изгледа еден обичен ден?

Мартин: Освен со музика, јас се занимавам и со видео дизајн и продукција, Тоа е нешто што многу ме интересира и во што сè повеќе навлегувам. Инаку, сме и големи љубители на спортот. Пред музиката, бевме активни спортисти. Така што си спортуваме рекреативно, ни помага да се одржиме во форма, на што исто така многу внимаваме. Се дружиме со пријателите и музички се надградуваме. Стефан посебно се посветува на тоа.

Стефан: Татко ми понекогаш на шега ќе ми рече: „Уште ли не научи да пееш?“. Но, не е тоа така.  Сметам дека техниката на пеење е нешто што постојано се учи и навистина би им советувал на сите да се надградуваат по тоа прашање. Така што, голем дел од денот го посветувам на часовите по пеење, возам мотор, се гледам со пријателите. Инаку, се трудиме да живееме од музиката, да не работиме некоја, да речеме, административна работа, нешто што како семеен бизнис би можеле да го имаме. Сакаме да останеме артисти.

Што научивте за овие речиси 10 години работа?

Стефан: Да не веруваме на менаџери. Научивме дека кога ќе каже некој, „јас сакам да ве застапувам, ама треба да инвестирате толку и толку за наредниот спот и песна“, да не потпишувате за него. А ние го правевме токму тоа. Се водевме од мислата дека инвестираме во себе. Претходните искуства нè научија да си веруваме себеси и затоа и најчесто сами ги водиме сите работи. Тоа не значи дека не сакаме да соработуваме со некој, но тоа треба да е личност која ќе понуди стратегија и план како „Некст тајм“ да бидат подобри од тоа што се сега.

Кој е најдобриот совет што сте го добиле?

Мартин: Влатко Стефановски ни дал еден од најдобрите совети. Ни кажа: „Деца, вие сте одлични, но мора да бидете малку поагресивни. И јас бев таков, дозволував секој да ми кажува што и како мисли. Но, не дозволувате секој да ви кажува што да правите, ценете се себеси и научете е да ги зграбите шансите“.

Како понатаму ќе се одвиваат вашите музички планови?

Стефан: Следно, чекаме да го видиме интервјуто :). Во моментов сме насочени кон тоа да видиме како ќе заживее песната, да нè види публиката во живо, да видиме како ќе се рефлектира овој успех на живите настапи. Исто така, подготвуваме албум. Веќе со Николче го правиме планот за тоа кои песни да се работат. А, здравје, би сакале следната година да направиме концерт со Македонската филхармонија и луѓето да посведочат на едно ново музичко доживување.

Објавено:
27 октомври 2017
object(stdClass)#454 (8) { ["nid"]=> string(5) "17803" ["ga_count"]=> string(4) "3498" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1688076000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1688076000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
3.498 пати