Емотивниот времеплов на „Меморија“ го разгоре оганот во срцата на публиката

20 ноември 2017

Со звуците на „Не плачи мило либе“ во саботата вечер започна долгонајавуваниот и очекуваниот концерт на групата „Меморија“ во преполната „Метрополис арена“.

Бане Поповиќ, Сашо Ангелов, Димитар Божиков - Миќо, Валентино Скендеровски, Апостол Икомонов - Поце и Петар Георгиевски – Камиказа го исполнија она што го ветија уште на првата средба со јавноста и медиумите пред шест месеци – вистински музички спектакл, за кој и после два дена од одржувањето, коментарите не стивнуваат.

„Параходот“ и „Македонија“ беа песните кои во еден глас ги пееја со публиката, а кои беа само загревање за она што следи.

 

#memorija #makedonija #metropolis #koncert

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk) onNov 18, 2017 at 12:48pm PST

 Со „Зошто Боже“, „Возови“, „Разбира се“, течеше музичкото патување низ македонската рок историја, во кое им помогнаа и специјалните гости.

„Зијан“ од Гевгелија нè потсетија на огромниот хит „Пушти коси“, а Мики Јовановски – Џафер на легендарната „Одам на југ“.

Забавата продолжи со емотивниот настап на Таки Гранит од „Лева патика“ со неговата ќерка Леа и безвременскиот хит „Неправда“, а меѓу специјалните гости беше и Никола Перевски – Пере од „Нокаут“ со „Во бестрага“.

фото: Радован Вујовиќ

фото: Радован Вујовиќ

фото: Радован Вујовиќ

фото: Радован Вујовиќ

На сцената го видовме и Ристо Самарџиев, кој беше дел од „Меморија“ на последниот, петти студиски албум. Со него се потсетивме на прекрасната „Нашите слики“, „Девојки ко ангели“, „Снежо Снежана“...

фото: Радован Вујовиќ

Вечерта не можеше да помине ниту без големиот хит „Нена“, а музичкото патување немаше да биде комплетно без, како велат многумина, нивната лична карта – „Оган под ѕвездите“, која и во саботата, по кој знае кој пат, побуди посебни емоции кај присутните, кои ја пееја наизуст, во еден глас со групата.

„Вие сте најголемиот оган под ѕвездите“, ѝ се обрати Поце на публиката.

А кога сме кај неа, таа сведочеше на историски настан и генерациско зближување. Од деца со родители, чија младост ја одбележала „Меморија“, до највозрасните, сите придонесоа за оваа вечер да биде уште повеличествена.

фото: Радован Вујовиќ

Некаде во задните делови на публиката, можеше да се види македонското знаме и транспарентот „Меморија македонскиот „Duran Duran“ “, кој ги оживеа сеќавањата на членовите од групата на легендарниот концерт во Штип од 1991 година.

фото: Радован Вујовиќ

фото: Радован Вујовиќ

Можеби ќе си помислите дека вечерта беше во знакот на минатото, но тоа ќе биде само делумно точно. Тоа беше вечер каде видовме нова, уште подобра верзија на она што „Меморија“ и сите од таа генерација го живееле, минато пренесено во сегашност, за која пак, ќе се зборува уште многу во иднина. Од аспект на осветлување и звук, ова веројатно е најдобриот, или уште подобро, најзрелиот концерт на „Меморија“, нешто што и самите го признаа во текот на овие шест месеци, а во што присутните се уверија во саботата.

Благодарение на камерите што постојано шетаа по публиката и видео-бимовите, можевме да видиме дека во првите редови се децата на членовите на групата, чии очи и срца беа исполнети со гордост, љубов и восхит кон нивните татковци.

За тоа колку публиката уживаше во оваа вечер, доказ се и четирите биса.

фото: Радован Вујовиќ

„Дирлада“ беше песната резервирана за првиот бис, но во поинаков аранжман и изведба. Трубите уште повеќе придонесоа за атмосферата, па публиката воопшто и не сакаше да си замине од салата.

Потоа следеше уште еден бис со „Македонија“, па уште еден со „Оган под ѕвездите“, но и тоа не беше доволно, па ја слушнавме уште еднаш и „Снежо Снежана“.

Што точно чувствуваа членовите на групата таа вечер, веројатно не можеме ниту да претпоставиме, но сигурни сме дека  срцата на сите што таа вечер се најдоа на сцената беше полно, како и на оние во публиката, која ги награди онака како што и заслужуваат.

Воедно, не можевме да замислиме и подобро збогување со „Метрополис Арената“, место каде се создаваа бројни сеќавања, вклучувајќи ги и оние од саботата.

„Се гледаме во следниот век“, рече за крај Камиказа.

фото: Радован Вујовиќ

Ако судиме по саботната вечер, песните на „Меморија“ и тоа што тие го оставија како приказна и белег, ќе патуваат уште долго и ќе бидат дел од времиња на кои дури и ние нема веќе да посведочиме. 

 фото: Радован Вујовиќ

Објавено:
20 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.193 пати