Последиците од насилството врз жената оставаат лузни на целото општество!

6 декември 2017

Една од три жени се жртви на некаква форма на родово базирано насилство на глобално ниво, според статистиките за последните 12 месеци! Подеднакво загрижувачки се и податоците што се однесуваат на нашата земја. Ниту една жена не е изземена, независно од нејзиниот општествен, професионален, социјален или било каков друг статус, иако ранливоста кај некои жени е поголема. Жртва е можеби вашата најдобра пријателка, колешка, претпоставена, сосетка...


Должност на секој од нас, како индивидуа и како општество, е оваа сериозно загрижувачка статистика да биде променета од корен. Ова не е апстрактен проблем што му се случува на некое трето лице, туку е реалност со која сите ние треба да се соочиме за #Секоја една!

Во тек е кампањата „16 Дена активизам против родово базирано насилство", годинава
под слоганот #Вклучи се. Со срце за секоја една! во организација на семејството на Обединетите нации, со цел да се крене гласот и да се запре ова огромно прекршување на човековите права.

„Еден од стратешките приоритети на Телото на Обединети нации за родова еднаквост и зајакнување на жените - UN Women е спречување на сите форми на насилство врз жените и девојчињата. Фокусот го ставаме на превенцијата на насилството врз жените и девојките, како и овозможување на квалитетни услуги за жртвите на насилство. Во таа насока, соработуваме со Владата, пред сѐ Министерството за труд и социјална политика на полето на усогласување на националното законодавство со меѓународните норми и стандарди, како и на зајакнување на капацитетите на државните институции (Центарот за обука при МВР и Заводот за социјални дејности) во понатамошно јакнење на професионалците за родово сензитивно давање на услуги на жртвите на насилство. Конечно, со финансиска поддршка од Европската комисија, даваме поддршка и соработуваме со граѓанските организации (даватели на услуги и не само) во превенцијата, заштитата на жртвите, но и нивното јакнење во барањата до пристапот до правда. Заедно со сите агенции на ОН и под водството на Постојаната координаторка на Обиединетите нации, и во соработка со националните институции, НВО секторот и меѓународните организации во земјата ја реализираме кампањата 16 Дена активизам за елиминирање на родово базираното насилство врз жените и девојките. Овогодинешниот слоган на кампањата е „Вклучи се (#со срце за секоја една)", со цел да се здружиме сите во елиминирање на ова зло, на оваа глобална пандемија од која и ние сме дел", вели Доминика Стојаноска, раководителка на канцеларијата на UN Women во Скопје.

Следното прашање кое се поставува е колку кампањите од ваков тип ги охрабруваат жртвите на родово насилство отворено да зборуваат за проблемот со кој се соочуваат и колку суштински влијаат на промена на состојбата.

„Според податоците со кои располагаме, пријавувањето на случаите на насилство врз жените и девојките е во пораст, што е добар знак. Зголемениот тренд ни укажува на тоа дека жените сѐ повеќе пријавуваат, а не дека насилството е во пораст. Сметам дека постои доволна свесност за постоечките предизвици во системот на заштита, но се преземаат сериозни чекори тие да се надминат. Она што е најважно, е секој пријавен случај да го добие должното внимание и одговор, а тоа би значело дека жените уште повеќе би биле охрабрени да го пријавуваат насилството, а тоа воедно ќе придонесе и кон се поголема свест дека насилството не смее да се толерира", додава г-ѓа Стојаноска.

Психологот Бојана Стојменовиќ смета дека преку ваквите кампањи, жртвите добиваат повеќе информации за тоа како да постапат, каде да се обратат и што да преземат.

„Сметам дека со кампањите од овој тип се направи одредено поместување од тој аспект. Пред сѐ повеќе се зборува јавно за овој проблем и самите жртви имаат повеќе информации за тоа како да постапат, каде да пријават, што да преземат. Сепак статистиката не ни е толку светла, се претпоставува дека сѐ уште има голем број на жртви на родово базирано насилство кои што не го пријавуваат насилството од повеќе причини како што се : неможност да го препознаат, не се свесни дека се жртви, се плашат, тешко им е да се излезат од улогата на жртва", вели г-ѓа Стојменовиќ.

Елена Пандева, основач на фондацијата „Елена Лука" која преку своите програми на различни нивоа им помага на жени и девојки од различни категории, вели дека преку ваквите кампањи е особено значајно да се влијае на колективната свест, но пред сѐ гласот да допре до жртвите на родово насилство.

„Суштината на ваквите кампањи, што секоја година стануваат се помасовни што е добар податок, е гласот да допре до секоја жртва, пред сѐ да ѝ помогне да го препознае проблемот со кој се соочува и да ја охрабри да го пријави. Информираноста и едукацијата се значаен чекор и битен фактор во решавањето на овој горлив проблем како сериозно повредување на човековите права. Преку невладиниот сектор исто така е исклучително значајно да се вложува во различни проекти и работилници, преку кои на жртвата ќе и се помогне да се информира за своите права, да се подигне нивото на свесноста за насилството и да се едуцира какви сѐ можности постојат за заштита, вклучително и тоа да им се понуди правна помош", изјави г-ѓа Пандева.

Родово базираното насилство, насилството врз жените во сите негови форми е кршење на нивните основни човекови права и слободи. Насилството врз жените е манифестација на историскo нееднаквите односи на моќ коишто доведоа до дискриминација и доминација на мажите врз жените. Насилството е оној социјален механизам којшто се уште ги држи жените во подредена позиција во однос на мажите...

„Кога ќе се спомене за родово насилство некако веднаш се помислува на физичкото насилство, што не е погрешно, но исто така постојат и многу други форми. За да препознаеме некоја форма - мора и да знаеме дека тоа е еден вид на насилство. Така ние можеме да зборуваме за многу широка палета и за разни нијанси на родово базирано насилство како што се: селективно абортирање врз основа на полот, нееднаков пристап до храна, инцест, прерани бракови, принуден секс, силување, убиство од интимен партнер, присилно мајчинство и други", вели психологот Бојана Стојменовиќ.

Ниту една група жени или девојки не е изземена од некоја форма на родово базирано насилство, но ризиците и ранливоста кај некои жени се поголеми.

„Искуствата говорат дека жените и девојките кои се соочуваат со повеќекратна дискриминација и бариери се повеќе ранливи и имаат поголем ризик да бидат изложени на родово базирано насилство. На пример, жените со попреченост се во ризик на поголема изложеност поради попреченоста или други пречки со кои се соочуваат, жените од етничките малцинства и жените од руралните средини исто така се изложени на поголем ризик поради комуникациски бариери или недостиг на пристап до правда и услуги за поддршка. За време на кризата со мигранти, искуствата од терен укажуваат дека жените мигранти, бегалците и внатрешно раселените жени и девојки се исто така многу ранливи поради недостатокот на формален статус и документација во земјата домаќин/ транзит", вели г-ѓа Стојаноска според податоците на UN Women.

Со оглед на тоа дека статистиките говорат за висок степен на родово насилство, еден од клучните стратешки чекори кон негово намалување, е превентивно да се влијае, да се изгради јавна свест за причините за појавата на насилството.

„Уште во раните фази на образовниот процес треба да се најде соодветен начин на едукација и да се гради јавната свест дека не постои толеранција за насилството во било каква негова форма. Синхронизираната и координираната работа на секое општествено ткиво, тргнувајќи од индивидуалецот, од мене и тебе, па се до невладините организации, медиумите и официјалните институции, има значајно и клучно влијание во превенирањето на родовото насилство. Мора да сфатиме дека секој од нас има одговорност во соочувањето со проблемот и дека со изолирање од суровото лице на реалноста со алиби „тоа му се случува на некој трет", само придонесуваме кон тоа проблемот да се продлабочи", смета г-ѓа Пандева.

Раководителката на канцеларијата на UN Women во Скопје, г-ѓа Стојаноска посочува неколку конкретни чекори по ова прашање:

-Не можеме повеќе да слушаме дека „жената самата си го барала, бидејќи носела кратко здолниште и широко деколте"! Ќе ја зголемиме превенцијата доколку континуирано се работи на подигањето на свеста дека жените и мажите се еднакви, имаат еднакви права и обврски како граѓани на една земја; дека насилството е кривично дело и е казниво. За да се оствари тоа, значајни се неколку чекори:
• да постои соодветна легислатива која ќе овозможи, пред сѐ, правна заштита на жртвата и гонење на сторителот, како и доследна имплементација на легислативата од страна на сите релевантни институции.
• обезбедување на соодветен број на сервисите за поддршка на жртвите, како и нивна достапност: сос линии кои функционираат 24 часа и обезбедуваат услуги на јазиците на етничките заедници, шелтри за жртвите на насилство, советувалишта за психо – социјална поддршка на жртвата, бесплатна правна помош, програми за работа со сторителите.
• едукација на сите нивоа на формалното образование, уште од предучилишна возраст - за препознавање на феноменот на родово базираното насилство и негово општествено неприфаќање.

Психологот Стојменовиќ потенцира дека треба повеќе да се зборува за различните форми на насилство, бидејќи за да се намали – насилството прво мора да се препознае:

-Јас мислам дека веќе медиумски постои големо влијание изминативе неколку години со многуте активности, работилници и кампањи кои што се спроведуваат. Но, сметам дека треба повеќе да се зборува за различните форми на насилство, затоа што за да се намали насилството- прво мора да се препознае. А се случува сосема спротивното- жртвата воопшто и да не знае дека е жртва.
Во овој контекст, ја прашавме какви методологии користи психологот во случај со жртви на родово базирано насилство и кои се најефективни?

„Психологот во својата работа користи метологија во зависност од психотерапевтскиот правец кој што го практикува. Гешталт и семејната и системска психотерапија до сега се покажуваат како многу ефективен пристап кога се работи со жртвите на родово базирано насилство. Пред се најважно е кај жртвите со кои што се работи да се стекне добра база на доверба затоа што целиот тек во понатамошната работа зависи од тој момент во кој што контактот е воспоставен. Потоа се работи на тоа да жртвата излезе од улога на жртва, а тоа многу често е долг исцрпувачки внатрешен процес. Вклучување на здравите потенцијали и ресурси од блиската околина на индивидуата се исто така многу значајни", објаснува г-ѓа Стојменовиќ.
Насилството врз жените е прашање на човековите права и општествен проблем. Последиците од насилството врз жената се последици што се рефлектираат во пошироката заедница и токму затоа тоа е проблем значаен за сите нас.

„Насилството остава големи и тешки последици врз жената од аспект на нејзината здравствена состојба, ментално здравје, способнoста за работа итн. Во однос на последиците од насилството во пошироката заедница, можеме да кажеме дека се зголемуваат трошоците за здравствени заштита, користење на боледувања, намалена продуктивност, трошоци во системот за кривична правда итн. Но, најзначајно од сѐ, заедниците го губат потенцијалот што го носат сите жени кои се жртви на насилство и ја губат можноста овие жени да учествуваат и да придонесат кон прогресот на заедниците", резимира г-ѓа Стојаноска.

Кампањата „16 Дена активизам против родово базирано насилство", завршува на 10-ти декември кога е и Меѓународниот ден на човековите права, но нашата морална одговорност и борбата против секоја форма на насилство е наша секојдневна обврска!

Извор на фотографии: Facebook fan page - Стави точка 

 

 

Објавено:
6 декември 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.470 пати