Не е само 8-ми Март...

7 март 2018

На глобално ниво, жените земаат помала плата во однос на мажите. Според истражувањето на „Фајнанс тинк" во 2017 година, жените во Македонија зимаат 12 отсто помала плата во однос на мажите. Иако во нашата земја, поголем процент на високообразовани и магистри се жени, од вкупното работоспособно население 50,5 % од вработените се мажи, а само 33,7 отсто се жени. Во однос на мажите, поголем е бројот на дипломирани жени - 57,1 процент, како и бројот на жени магистри -58,6 проценти. Во однос на домашните обврски, во просек жените поминуваат три часа повеќе во нивно извршување отколку мажите.

Ова се само дел од статистиките кои треба да нè мотивираат и да нè потсетат дека нашата заедничка борба за еднакви права, не е завршена. Да, 8-ми Март е светлата точка на обележување на Меѓународниот ден на жената и нејзината борба за рамноправност на секое ниво, но борбата како процес е наше секојдневие во секоја пора на општествениот систем. Ова е наша борба, а истовремено е активизам за севкупно подобро општество. Затоа нашата борба не е целосна без поддршката на секој сегмент од системот, почнувајќи од образовниот до медиумите.

На што ги учиме нашите деца, дома во најблиското семејно опкружување и во училиште? Каков личен пример им даваме и како е поставен образовниот систем во однос на третирањето на родовата рамноправност? Децата учат од примерите што ние ќе им ги предочиме, затоа да се потрудиме да работиме на себе и нашата самосвест, а резултатот ќе го огледаме во нашите идни генерации. Сè почнува од најрана возраст, домашното воспитување и основното образование. Градење на свесноста за еднаквост како основен морал и општа култура, но и како основа за економски, политички, социјален и севкупен прогрес. Доколку погрешно се постави основата, многу потешко ќе се исправи перцепцијата во понатамошниот развој на личноста. Затоа прашувам, дали доволно сериозно се занимава образовниот систем со ова прашање? Дали стереотипните погледи сè уште го диктираат правецот на развојот на младите личности? Без овој суштински сегмент од градењето на менталниот склоп на идните генрации да се постави на здрава основа, Меѓународниот ден на жената сè уште ќе се поистоветува со еден ден во годината кога подаруваме парфеми и се дружиме по ресторани. Ова е борба и на образовниот систем!

Да потсетам, медиумите во својата суштина имаат информативна, но и едукативна функција. Затоа, голем дел од погрешните и искривени сфаќања на било која тема, вклучително и женски права, ќе им (си) препишам(е) на медиумите. Во задоволување на пред сè финансиските апетити и високиот рејтинг, медиумите не само што (со чест на исклучоци) ја изгубија својата морална и професионална одговорност, туку ја подгазија својата чест и достоинство, ја злоупотребија својата моќ на креирање на јавното мнение и упорно градат искривено огледало во кое научивме да се мразиме себе си, наместо да се мотивираме, да учиме и да го храниме нашиот убав ум. Ова е борба и на медиумите!

Во нашата борба, прво треба да се поддржиме меѓусебно – ние жените. Да зборуваме гласно за мобингот на работното место, да не замолчуваме пред сексуалното вознемирување, да не се помируваме со пониска работна позиција и пониска плата, а заслужуваме многу повеќе, да не се обесхрабруваме по безуспешниот обид и да се обидеме пак во остварување на правата што нам ни припаѓаат. Ова е наша борба во која мажите не се исклучени, напротив – им должиме и на претходните генерации кои го пробиле мразот и на идните генерации што треба да живеат во општество на еднакви можности, на еднакви права и еднакви обврски.

Ви посакувам Среќен меѓународен ден на жената!

Објавено:
7 март 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
403 пати