Сте биле ли некогаш во град на книги?

27 јуни 2018

Постои едно место во Норвешка, наречено Мундал што е вистински рај за љубителите на книгите. Сместено помеѓу фјордовите и глечерите во западниот дел на Норвешка, навистина претставува бег од современиот начин на живот.

Она што го прави уште повеќе посебно е што има 280 жители, а преку 150 илјади изложени книги.

Може да се најдат речиси на секој чекор, на бројни импровизирани книжари – од телефонски говорници, приколки до „запуштени“ куќарки.... Всушност, секое напуштено место или објект во селото, жителите го уредиле, исполнувајќи го со книги и создвајќи сосема ново место каде можете да потонете во светот на имагинацијата.

Мундал е град на книгите (booktown) и не е единствениот. Ова е постар концепт, кој првпат се појавува во Хеј он вај (Hay-On-Wye) во Велс. Во текот на 60-тите години на минатиот век, граѓаните на ова место одлучиле напуштеното кино да го претворат во простор кој во целост ќе го исполнат со користени книги.

Тоа било доволно за да се инспирираат жителите и на други помали места и тоа ширум светот. Вакви слични „градови на книгите“ има и во Шпанија, Франција, Швајцарија, Јапонија, Белгија, Португалија, Холандија, Шкотска.

Со оглед на тоа дека живееме во време кога производството на книги е брзо, книжарите мораат брзо да ја менуваат понудата и да одговараат на потребите на пазарот, а сè повеќе луѓе се приклонуваат и кон читање на е-книги, се создава вишок на корисени книги, што оваа идеја за „градови на книги“ ја прави реална и релевантна.

Инаку, љубителите на пишаниот збор, на вакви места како Мундал, можат да најдат книги од секаков жанр, кои можат  да ги земат за дома или едноставно да ги читаат во совршеното природно окружување.

Доколку патот ве однесе кон ова место од мај до септември, ќе најдете и таканаречени „bookshops“ што се отворени секој ден од 10 наутро до 18 часот. Во зима пак, за време на викендот се затворени, а во останатите денови работат од 9 наутро од 14 часот.

Ако барате некое сосема ново искуство, ова е навистина совршен предлог, за вистински одмор, пред сè на умот, зар не?

 

Објавено:
27 јуни 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
192 пати
Извор: 
theculturetrip.com