музички новинар

Рокенролот нема максимум

Интервју со
Тошо Филиповски
30 јули 2018

Историјата не ја создаваат само политиката, војните, политичарите... Историјата ја создава и културата. Небулозно е да зборуваме за идентитет, а да ја маргинализираме културата. Ние имаме фасцинантна рок сцена. Трагично е што до годинава, не постоеше ниту еден официјален пишан документ што комплетно и во континуитет го опфаќа нејзиниот развој. Ситуацијата се промени пред неколку месеци, кога музичкиот новинар Тошо Филиповски го објави првиот том на „Македонска рок енциклопедија“ што го опфаќа нејзиното созревање од 1963 до 2018 година. Тошо влезе во животите на 2.500 македонски музичари, секој до еден значаен во создавањето на идентитетот на домашната рок сцена, и ги поврза нивните приказни во едно, како што многумина ќе кажат, капитално, пионерско дело...

Речиси три месеци од промоцијата на „Македонска рок енциклопедија (1963 – 2018)”. Од дистанца на овој краток временски период, какви се реакциите, одговараат ли на Вашите очекувања, се чувствува ли уште еуфоријата?

-Јас се надевам дека уште не е стивната еуфоријата затоа што би било жално и тогаш би се претворила книгата во нешто што не сакам да биде, а тоа е белетристика. Би сакал да испадне книга која што ќе трае, која по потреба би се отворила и би се „чекирала“ некоја веродостојна информација. Така што, држам до тоа оваа книга уште долго да биде релевантен прозивод за македонската култура. Има секакви реакции, но не сум задоволен бидејќи во суштина не сакам да добивам „тапшања“ по рамо. Ова е мала средина и секој што те знае ќе те испофали, а она што во моментов најмногу ми значи се реални реакции на она што го напишав. Тоа ми недостасува, реална критика на сработеното. Може како и кај секој автор, егото е малку поголемо, и самиот знаеш да се пофалиш дека си направил револуционерно дело, меѓутоа вистинската најдобронамерна реакција за мене ќе биде било каква критика и сугестија. Од друга страна, сум доволно свесен, си ги знам мааните во енциклопедијата, така да, сума-сумарум сè уште ги очекувам вистинските реакции кои ќе ми укажат на правецот кој што треба да се следи за наредното издание. Ова е пионерско дело и како такво треба да се третира.

Се залепија различни епитети, сите во суперлатив – капитално дело, урбана библија, историски документ за бунтовниот дух на генерациите од асфалтот... Но, како Вие лично ја доживувате Македонската рок енциклопедија?

-Јас лично енциклопедијата ја доживувам како учебник за идните генерации, како материјал што треба да се изучува. Грубо или претенциозно ќе биде ако кажам дека треба да се изучува во училиштата, меѓутоа зошто да не на неформален начин. Зошто оние урбани професори, од време на време да не им укажат на децата на пример денес ќе зборуваме за „Леб и сол“. Ние мора да дојдеме до ситуација, овие наши бендови да ги третираме како што треба, како живи културни споменици. Па, зошто да не се изучуваат во школскиот систем. Ако не се почне сега со такво културолошко изучување, буквално ќе имаме изгубени генерации на млади луѓе. Ние што се занимаваме со музика, тие што работиме во МКЦ може да приметиме како се зголемува старосната граница на посетителите. Тоа само по себе говори за два моменти – едниот момент е дека голем дел од таа популација што би требало да доаѓа на концерти е иселена, а другиот момент е тоа што се задоени со некои други идеологии со кои отишле во поинакви правци. Затоа полни се концертите на Цеца, а празни се концертите на некои урбани бендови. Затоа изданието на „Македонска рок енциклопедија“ може да биде некоја појдовна основа, треба да работиме на едукација на млада публика, укажување на вистинските вредности уште во најраните години. Книгата би можела да послужи како еден таков параметар, како учебник за една поинаква историја. Не само војните ја создавале државата, туку и културата ја создавала. Ние живееме во општество со изместени ситуации, каде главните идоли се политичарите, наместо музичарите и културните дејци. Глорифицираме некои други идоли отколку позитивните примери.

Што подразбира интензивна работа на труд од ваков калибар? Може ли да ни сублимирате како созреваше идејата до крајната форма?

-Создавањето и созревањето на Македонската рок енциклопедија е еден долг процес на учење. Јас откако сум свесен за себе сум активен, индиректен чинител на сцената. Постојано нешто собирам и анализирам. Така што не можам прецизно да го поделам процесот на времетраење, кога сум ја сработил книгата. Работена е можеби 20 години во глава, во начин на размислување, формирање на самиот себе како личност, за на крај да созрее како една идеја. Според мене, музичката сцена ја сочинуваат повеќе фактори, не се само бендовите. Тоа е еден мозаик, склоп на нешта кои ако се наместат точно може да функционираат како музичка индустрија. Последниве 10-15 години кај нас можеби недостасува магија во таа рокенрол приказна, недостасува пишуван материјал. Сè се сведува на некои урбани приказни кои од генерација на генерација се пренесуваат, но нема континуитет, приказните се забораваат, се јавуваат нови генерации и продолжуваат како самите да започнуваат нешто. Сметам дека пишуваниот момент, запишувањето на еден дел од таа историја е многу битно камче во тој мозаик. Така созреваше идејата. На крај сфатив дека самата идеја и нема кој да ја реализира ако не се зафатам самиот. Убаво е да даваш идеи, предлози, да дебатираш на трибини, но фалат конкретни резултати. Многу малку луѓе се зафаќаат за конкретни производи. Да ја тргнеме на страна, дискографијата како конкретен производ, друго немаме. Немаме документарни филмови, продуцентски издавачки куќи, има обиди и мали иницијативи, но не и нешто сериозно. Нема систематско функционирање, без континуитет. Знаејќи многу луѓе од оваа сцена, сите овие години како сум дел од неа, секогаш кога ќе разговарам со постарите генерации приказните се – децава ништо не знаат, ние кога свиревме беше топ, ние кога завршивме се престана. Со помладите пак кога ќе разговараш, немало ништо порано, од нас сè почна... Тој момент секогаш ме нервирал. Сум сведок затоа што сум некоја генерација измеѓу, и знам дека континуитет има, но фали некое сврзно ткиво.

Кога Петар Јањатовиќ ја објави таа „Екс-ју рок енциклопедија“, размислував дека мора да се направи и Македонска... Тоа е тоа сврзно ткиво околу кое што може да се обединат и постарите и помладите. Таа идеја созреваше низ годините, толку долго, затоа што и немавме искуство во пишување. Сега можеби ќе му биде полесно на некој друг што би сакал да пишува во овој правец, затоа што има основа и кога нешто веќе еднаш ќе се направи, малку е полесно за следен пат. Јас немав ниту критериуми по кои да се водам, ниту знаев како тоа се работи. Морав сè сам да истражувам. Дури ни почетниот, иницијален импулс не знаев како доаѓа... Едно десетина години се изгубија во разговори, преговори, ќе почнеме од денес – утре, вака или онака да обезбедиме средства за истражување, и на крај испадна десет години празен од... За да еден момент од пред десетина години кога ја отворив музичката продавница „Максимум рокенрол“, ми се врати идејата, ги собрав пријателите и ги прашав – сакате ли со мене да тргнете заедно во приказнава наречена Македонска рок енциклопедија, на следниов начин – ја правиме самите, а дури на крај кога ќе ја направиме тогаш ќе бараме издавач, а ако не најдеме ја финансираме сами. За жал не сакаа пријателите да влезат во една таква авантура, јас тргнав сам. И тие се тие девет години од кои има периоди во кои што работиш, истражуваш, па правиш пауза, па се грижиш за фамилија... Тоа се луди девет години. Ама пак, од друга страна ми дојде како спас од целово општо лудило кое што се случува, влегував во некои други светови, компензирав со сето лудило околу мене што се случуваше.  Последните година ипол беше навистина интензивна работа. Купишта собран материјал требаше да се систематизира.

Постојат ли некои дефинирани критериуми врз чија основа ја вршевте селекцијата? Во процесот на истражување, наидовте ли на некои неочекувани моменти, интересни факти што можеби и Вас ве изненадија?

-Имаше многу селекции и сè се надоврзува на онаа долга приказна на учење. Учев и во однос на критериумите и селекцијата. Првата идеја беше да ги опфатам сите бендови кои што имаат изданија или се појавиле на некои компилации. Свесен сум дека македонската продукција до 1995-96 година, не е многу голема. Потоа, истражувајќи сфатив дека некоректно ќе биде кон некои бендови од 60-те, кога немало услови да се издава, да не бидат опфатени. Па ја проширив приказнава, по некои други правила. Некои бендови имале многу поголемо влијание со самото тоа што се појавиле, што биле пионери. Така ги проширив критериумите и на такви бендови, битно било да се појавиле некаде. 70-ти години случајот е малку поинаков, меѓутоа повторно немало изданија. Но, имало многу бендови, сцената се развивала. Со самото тоа корпусот на бендови опфатени во енциклопедијата, се зголемуваше. Откривав бендови. Ако општото мнение е дека во 60-те сите знаеле за „Бис Без“, јас „ископав“ дека имало стотици бендови. Открив листи на бендови уште од крајот на 60-те. Исто беше дискутабилно кога почнала авторската музика во Македонија. Некои тврдеа со „Леб и сол“ во 70-те. Но, дојдов до информација дека и во втората половина на 60-те почнуваат со обиди за авторска музика. Еден услов за учество на популарните тогашни гитаријади, кои во тоа време како печурки никнувале низ Македонија, било да имаш барем една авторска песна. Така корпусот на авторски бендови ми се зголемуваше. На крај, после десетина години такви проучувања, се сведе сè на тоа дека морам да направам некаква субјективна селекција, а притоа да оставам простор за некоја нова книга во која ќе се опфати уште поголем дел. Значи, сè она што успеав да најдам како релевантна информација, го сместив во овој том. Сè она за што сметав дека можам да „ископам“ уште, знаејќи притоа дека се работи за вреден бенд, го оставив за другата енциклопедија. Сè она каде името на групата се водеше по лично име, односно авторски проект, ги оставив за вториот том... Финалниот критериум е сите што до средината на 90-ти години имаат свои авторски изданија, се опфатени, сите оние што од 60-те настапиле на гитаријади се опфатени, оние што имаат студиски снимки од 70-ти и 80-ти гледав да ги опфатам, се заклучно до 2015, бендови кои што имаат демо албум. После 2016-та не разгледував затоа што има уште многу. Истражувајќи сфатив дека оваа материја е многу обемна. Овие 333 бендови што се опфатени е само гребење по површина. Се работи за рок музика сфатена во најширока смисла на зборот. Сите поджанрови се опфатени. Фасцинантно е колку таа сцена е богата. Дури не сте свесни колку богати сцени сме имале, а се маргинализирани и нивните трудови и дела се оставени некади во фиоките и затоа немаме впечаток дека таа сцена е обемна.

Лично сте биле сведок на голем дел од настаните пренесени низ 500-те страници и лично се познавате со голем дел од 2.500-те музичари чии имиња се најдоа меѓу кориците. Но, покрај Вашето лично сведоштво, кој или што Ви беше најдрагоцен извор на информации?

- Не можам да издвојам еден извор. Повторно, водејќи се од тоа дека многу малку записи може да се најдат. Битни моменти од историјата на македонската музика не биле никаде забележани во печатен медиум. Една од варијантите беше да комуницирам со бендовите директно преку модерниве технологии. Изготвив еден прашалник и им го доставував на голем дел од луѓето од бендовите. Меѓутоа реакцијата беше катастрофална. Фидбекот беше – важи нема проблем и така години поминуваат, сметајќи дека самите за себе знаат најмногу информации. Тотално погрешно. Никогаш не обрнувале внимание на педантно забележување, односно најголем дел од нив, секоја чест на исклучоците. Па дојдов до ситуации во одговорите да наидам на неточни информации. Па, решив да проверувам и по печатените медиуми, влегов во Универзитетска библиотека шест-седум месеци. Но, повторно се соочив со еден поразителен факт. И по медиумите наидов на многу погрешни информации. Погрешно запишани имиња, погрешно запишани датуми на настани, или пак најавен настан кој не се случил никогаш, па не објавиле информација дека се откажал... Чудна некоја работа, се пишувало за странски групи кои овде доаѓале, меѓутоа многу ретко запишувајќи ги предгрупите односно домашните изведувачи. Едноставно немаш информација кој кога свирел. Многу нецелосни, штури информации...

Морав да се видам со најголем дел од тие луѓе. И почнав процес кој исто така траеше некоја година. Имаш ситуација кога еден член на бендот има една приказна, а друг член на истиот бенд има друга приказна. Многу извори проверував за на крај да морав членовите на бендовите да ги прашувам и лични прашања за да направам споредба, да потврдам некои датуми или информации... Морав да влезам во животите на тие 2.500 луѓе за да успеам колку-толку да направам реконструкции. Влегов со сигурност во оваа приказна и во 90 отсто од биографиите сум задоволен. Можам со секој од нив да полемизирам за нивните животи, се разбира од аспект на музиката. Никој не може 100 проценти да биде сигурен ниту тие ниту јас, но интересно е како може приказната да се развива во иднина. Можат тие податоци да се до-проверуваат. Ќе се вратам на првото прашање – токму тоа е тоа што го очекувам како фидбек. Да се разјаснат моменти, па за во следното издание точно да се пренесат тие информации.

Верувам дека се соочивте со бројни предизвици до финалната реализација... Од друга страна, каде би ја посочиле најголемата мотивација?

- Секогаш се заблагодарувам на моето семејство пред сè. Знаев да се исклучам и веројатно они најдобро знаат и секогаш ми даваа поттик да ја истуркам приказнава. И кога ќе застанев и кога ќе ме фатеше криза, тие секогаш беа тука да ме мотивираат. Еден од клучните моменти кои не е врзан за фамилијата е контактот со Мирко Стефановски, поранешен директор на МКЦ во почетокот на 80-ти, кој што ми извади една тетратка во која што забележувал, што се случувало овде. На некој начин негова лична архива. Тој не бил музичар, но имал таква пасија да си запишува што се случува во Домот на млади со кој раководел. Па во некој кризен момент кога немав доволно информации, оваа негова архива во која најдов интересни податоци, ми улета, за што сум му многу благодарен. Генерално не сум задоволен многу од соработката со луѓето кои знам дека дома имаат материјали, а тоа веројатно се должи на недовербата. Муабетот беше: добро, ќе се симнам во подрум ќе ги извадам материјалите и никогаш не се симнаа... Но, не ги обвинувам, веројатно и јас да бев на некоја друга страна немаше да верувам дека во тие 10 години, кога и да се сретнеме, кажувам да јас уште собирам материјали, уште истражувам и пишувам... Верувам за некое следно издание ќе бидат поотворени за соработка кога веќе се појави првото издание. Најголемата доверба  ја имав дома во семејството.

Лично имам чувство дека домашната алтернативна сцена е многу побудна и поактивна во однос на пример на поп сцената. Но, што е она што недостасува за вистинска афирмација... стратегија, релација со публиката...?

- Најнеефективно е кога се молчи. Или кога се зборува, но ништо не се прави. Убаво е да се отвораат теми на трибини, меѓутоа конкретните дела се она што може да ја подобри сцената. По било кои критериуми и параметри, македонската рок сцена е далеку поквалитетна од поп сцената. По број на изданија, по тираж, претставување на Македонија надвор, освен по еден параметар што се вика застапеност во медиумите. А медиумите не можеш да ги оттргнеш од сцената, едни со други треба да бидат во една спрега. Тие се многу битни за популаризација на музиката, и обратно, музиката е многу битна за популаризација на медиумите. Меѓутоа кај нас медиумите ги запоседнаа луѓе кои се лаици во однос на музиката. И сега прашањето е како да се „размрда“ таа сцена, тој однос со јавниот сервис и со електронските медиуми. Јас сум за коренити реформи во однос на пристапот на јавниот севис кон домашната музика. Ние имаме квалитетна музичка рок сцена која заслужува многу повеќе на пример од една емисија. Третман во најмала рака еднаков со третманот на поп сцената. Да нè има во соодветна мера. Рок сцената нема со што да се одбрани, медиум каде што може нашата приказна и нашиот квалитет да го пласираме. Тоа е еден правец што борбата за афирмација треба да го фати, да се отвори еден сериозен фронт кој што како краен резултат би имал квалитетно подредување на нештата, квалитетни луѓе на квалитетни места и креирање на една музичка програма каква што заслужува оваа сцена.  Второ е она што претходно го кажав, едукација на млада публика. И третиот сегмент од она што се мои тези за заживување на сцената е односот кон Министерството за култура, односно институциите кои што по мое мислење, со наша соработка, треба да изнајдат начин како, не да ја субвенционираат сцената како до сега, туку потребно е заживување на инфраструктурата која што ќе ја придвижи сцената кон создавање на музичка индустрија. Активирање на еден поширок апарат, а не давање на ситни пари на бендови независно од кој жанр. Со издавање на ЦД не ја завршуваш приказната. Туку со создавање на инфраструктура во која самиот бенд, односно неговиот продуцент и самиот ќе може да издаде ЦД, но и да му организира турнеја, да му направи ПР, да го продаде како производ. На крај завршува со тоа – да се продаде како производ овде и во странство. Вложување на институциите во инфраструктурата, во тие празни Домови за култура, нивно вмрежување, соодветни закони за медиуми, поддршка на проекти кои ќе значат ревитализација на таа македонска урбана култура, како и претставување на надворешниот пазар. Затоа би требало да служи Министерството, полесен пристап на нашите бендови до други пазари. Апропо како што целиот шунд што од странство доаѓа и по сите легални патишта доаѓа кај нас и ги уништува сите критериуми и ги собира парите на државата. Борбата за подобра музичка сцена според моите тези е на тие три фронта. И четврто е пишувани, документирани материјали како енциклопедијата, што според мене е многу битен момент кој што ќе влијае и ќе придонесе за едукација на помладите. Мене ми е чудно, 55 години имаме сцена, а ова е прв документиран материјал кој што е официјален, иако претходно има списанија кои опфаќале одредени сегменти. „Леб и сол“ во која било друга држава би биле третирани како институција, а кај нас се третирани маргинално. Немаме култура на почитување на вредностите.

Има ли рокенролот свој максимум? Според Вас каде/кој е на врвот?

- Рокенролот нема максимум. Генерациите си го покажуваат тоа, развојот на рокенролот на овие простори. Но, сега пак имам еден друг момент кој некако чудно се надоврзува на ова прашање, на дискусиите што ги имам со пријателите овие денови. Не гледам нешто силно, во последните неколку години на македонската сцена. Тоа не е поврзано со максимумот, оваа нагорна линија секогаш ќе оди нагоре, меѓутоа сега некако сме во една константа. Нема нешто што наеднаш силно ќе го дигне тикот нагоре. Но, како викаат старите, мирно и тишина, па наеднаш ќе се случи вулкан.  Дај боже „вулкан“ некој да се спрема. За разлика од порано, не се движам толку често по подрумите и по гаражите, не знам што подготвуваат младите, но се надевам е некое затишје пред бура.

Оној свет ритуал на колекционирање винил е повторно тенденција во оваа дигитлна доба... Се работи за носталгија за аналогното време, помодарство, страст...?

-Јас не можам да го кажам точниот одговор, затоа што за мене никогаш не престана таа љубов кон винилот, сите овие години ја негувам. Меѓутоа, не сум од оние кои ја држат песната за квалитет на звук, немам јас некоја страшна опрема ниту уво, кое што може да ја направи толку голема таа разлика. Но, фетишот, односот кон тоа дело во кое што некој вложил труд, е битен. Кога преслушувам некој материјал на интернет, немам однос, брзо заборавам што слушам и често се случува да ми биде само позадина за некоја друга работа, немам внимание. Јас префирирам кога преслушуваш музика, целосно да се внесеш во тоа. Затоа винилот за тоа ми е идеално.

Имате ли уште места на мапата на промотивната турнеја? Задната корица на првиот том верувам дека не значи крај, туку најава за ново продолжение?

-Има уште многу места, но и тоа за жал не оди баш така. Јас потајно се надевав дека ќе можам сите градови во Македонија да ги посетам. Она што успеав посетив, но многу градови останаа непосетени. Но, дали сепак нема некој интерес и немам некои покани... Не знам, можеби бев и наивен дека во секој град ќе има заинтересирани... Ќе бидам задоволен оној момент кога со книгата ќе ги посетам сите градови. Мојата желба е во сите градови да биде промовирана и во секој од нив да има посебно место, да стои во некоја библиотека и да ги инспирира новите генерации. Сметам дека оваа енциклопедија може да инспирира. Но, за жал не е така, не успеав да најдам  ниту доволно заинтересирани да ја продаваат, ниту пак заинтересирани библиотеки да ја имаат. Наидувам на некој ѕид кој што во никој случај нема да ми направи препрека да продолжам понатаму, меѓутоа не го очекував тој ѕид. Можеби не бев реалистичен, но навистина сметам дека оваа книга заслужува да биде во најмала рака во библиотеки. Но, нема да застанам. Ова што е завршено е звршено, а потоа продолжувам со работата на вториот том.

Објавено:
30 јули 2018
object(stdClass)#451 (8) { ["nid"]=> string(5) "19662" ["ga_count"]=> string(3) "553" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1680732000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1680732000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
553 пати