Што сум јас? – Изложба на уметницата Цветанка Јованова

18 септември 2018

Како дел од годишната програма за култура на општина Гевгелија и во организација на Пионерски дом, на 21-ви септември во Народниот театар во Гевгелија ќе биде поставена изложбата насловена „Што сум јас?", на ликовната уметница Цветанка Јованова.

„Обидот да се биде уникатен е во сечии ум. Како би можеле да сме поуникатни отколку што сме сега? Уникатноста е веќе тука, треба само да се открие. Не би требало да се измислува, таа е скриена внатре во нас. Само треба да се открие нејзинито постоење. Оваа уникатност не треба да се култивира. Таа е нашето богатство, ние ја носиме со себе отсекогаш и засекогаш", се вели во освртот за изложбата.
Ние го искористивме поводот да поразговараме со уметницата за претстојната изложба, која инаку е нејзина 16-та поставка по ред, но исто така продискутиравме и на други теми поврзани со нејзиниот ликовен профил.

Што сум јас... Интригантен наслов на изложбата. Што одговараат на ова прашање Вашите дела?

- Прашањата "Кој сум Јас?", "Што сум Јас?", "Што е другото Битие?" се многу едноставни прашања кои што би требало секојдневно да си ги поставуваме.

Делата од изложбата Што сум Јас? даваат одговор за суштинското значење на секое Постоење. Опишан е патот од себе до СЕБЕ.

Сакате бои и тоа е евидентно. Како би ја насликале нашата идеална сегашност?

- Сегашноста за мене е секогаш идеална. Неа би ја насликала така што би ги ставила сите возможни бои на платното. И сама не знам каква композиција би излегла, но сигурна сум дека таа ќе содржи бескрајна љубов.

Која емоција најтешко се пренесува на платно?

- Слободата. Слободата во себеизразувањето, слободата во интелектуалното презентирање, слободните мисли и слободниот дух имаат заеднички содржател, наречен СЛОБОДА. Слободата е уметност, а уметноста е слобода.

Таа е најтешка, а во исто време и најлесна емоција.

Што за Вас е најголема провокација за импулсивно да посегнете по четката?

- Јас сум уметник-сензитивец по природа, кој делува на лице место при инспирација. Голема улога има околината во која што се наоѓам, самиот амбиент, музиката, атмосферата, возбудата, џагорот, вкусовите, милионите различни мириси...

На каква музичка позадина сакате да творите?

- Си дозволувам да се изненадам сама себе со некое online радио, обично со џез или блуз музика.

Може ли да ни посочите во какви фази се развивавте Вие како уметник?

-Се развивам низ фаза на набљудување, зреење, реализирање и учење од сама себе.

После Што сум јас... што е следно?

- Најверојатно тоа би било сјајот на отсјајот или крајот на бескрајот.

Кратка биографија на уметницата:

Цветанка Јованова е родена во Неготино, Република Македонија, 1979 година. Дипломирала во 2001 година на ФЛУ во Благоевград, Р.Бугарија – отсек графика. Во 2011 година магистрирала на ФЛУ Скопје. Членка на ДЛУМ од 2004 година. Учесник е на неколку групни изложби во земјата и странство, како и на преку стотина колонии, работилници и ликовни перформанси во земјата и странство. Имала самостојни изложби во повеќе градови во нашата земја, како и во Торонто, Њу Јорк и Котор. Добитник е на наградата за акварел "Тофе Шулајковски".

Фото: Приватна архива

 

Објавено:
18 септември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
571 пати