Македонски поп ѕвезди

Нова генерација поп ѕвезди – свежа енергија на македонската сцена

Интервју со
Лина, Мартија и Мина
19 декември 2018

По драматичниот период на македонската поп музичка сцена, кога музиката беше оставена безгласна, па дури и во сенка, во последно време таквата незавидна ситуација доживеа драстична промена. И тоа во позитивен контекст, што сите нè радува. Промената дојде заедно со неколку нови, млади, но исклучително перспективни таленти. Во име на нашата поддршка кон новата музичка генерација, сакаме да им отстапиме простор во кој нашата публика ќе ги запознае и од една поинаква перспектива. Мартија Станојковиќ, Лина Пејовска и Мина Блажев, се дел од амбициозната тинејџ генерација која ветува побогата слика на домашната поп сцена. Имавме прилика непосредно да се дружиме со нив за време на заедничката фотосесија и може да посведочиме дека секоја од нив носи различна енергија, ама талентот, харизмата, амбициозноста им се заеднички карактеристики. Позитивни, насмеани, со целиот младешки ентузијазам, позираа пред нашиот објектив, а во меѓувреме разговаравме за привилегијата, но и одговорноста што ја носи славата, особено во нивната возраст. Отворивме тема и за музиката што ги поврзува, за соништата и визијата на нивната професионална иднина, за нивниот личен стил, но и за првите сеќавања на новогодишните празници во пресрет на празничната сезона. 

Мина Блажев: Следете го вашиот сон и тој ќе стане реалност

Дел од интервјуто во кое сакаме да ви ги претставиме македонските поп ѕвезди со блескава иднина е и шармантната Мина Блажев која освојува со нејзината „заразна“ енергија и одличен глас. Разговорот го започнавме со прашањето за тоа како таа успева да се справи со статусот на тинејџерска поп ѕвезда, на што таа ќе каже дека се чувствува подеднакво исто како и првиот ден кога почнала да се занимава со музика.

-Не можам да кажам дека се чувствувам поразлично од другите и од моите врсници, но веќе сум свесна дека сум дел од шоу бизнисот и се занимавам со јавна професија поради која во некои случаи нормално е да има повеќе внимание. Токму затоа, многу повеќе треба да се внимава на тоа што го правам, а понекогаш дури треба и да се жртвува нормалното детство што го имаат моите врсници. Сметам дека кај мене, тоа воопшто не влијае на моето однесување во секојдневниот живот и дружбата.

Детскиот избор за песна на Евровизија за неа бил посебен предизвик на кој се чини дека успешно одговори и одлично ја претстави Македонија.

-Евровизија за сега е најголемиот фестивал на кој сум учествувала и тоа беше натпревар каде не се претставував само себе, туку ја претставував и нашата држава Македонија. Како и на сите фестивали досега, таму отидов за стекнување на ново искуство, а дружбата беше нешто што  секогаш ќе ми остане во сеќавање. За мене Евровизијата беше посебен предизвик затоа што самото тоа што од цела Македонија, од сите наши таленти, јас бев избрана да ја претставувам нашата држава, едноставно ми даваше уште поголема желба да го покажам најдоброто.

Подеднакво успешно се покажа и нејзиното учество во регионалното шоу „Пинкови ѕвездички“ за кое ќе каже дека е едно од најубавите искуства во нејзиниот живот.

-Сметам дека ова шоу многу ми помогна во мојата кариера. Ми даде поголема самодоверба, искуство и безброј спомени. Предизвикот да пееш пред познати имиња на Балканот беше огромен, освен тоа што можеби кај некои натпреварувачи знаеше да се појави напнатост или вознемиреност поради нивните негативни или позитивни коментари. Лично јас, нивните коментари ги сметав за успех, ги прифаќав критиките и се обидував да се поправам таму каде што грешев.  

Во однос на нејзините омилени модни парчиња, таа ќе каже дека не е девојче кое обожува фустани или здолништа, туку дека секогаш сака нешто поразлично.

-Мислам дека се разликувам од другите по самиот стил на пеење, песните што ги пеам, стилот на облекување за настапи. За реализирање и надополнување на моите идеи секогаш е тука Јована Филиповиќ. Исто така, без очила за сонце не излегувам од дома, тоа е моден додаток што секогаш можете да го забележите кај мене и е одбран од најдобрите, Optika ZEISS“.

Што се однесува до македонската естрада и колку младите ѕвезди како неа имаат можност да се докажат, Мина вели:

-Мислам дека полека, но сигурно, естрадата во Македонија се враќа. Освен добро познатите пејачи како Тамара, Елена, Каролина, доаѓа еден нов бран на генерации исполнет со многу таленти кои ја освежуваат македонската естрада во последниве две години во кои спаѓаме јас, Лина, Мартија, Антониа, Барбара и уште многу други квалитети. Комуникацијата меѓу сите нас на естрадата мислам дека е супер со тоа што сите сме тука да се поддржиме, да си дадеме совети, едноставно не се сметаме како конкуренција. Кога станува збор за кариерата мислам дека секако може да се изгради успешна кариера во Македонија, но како и на сите други така и на мене, целта и желбата ми е да бидам дел од светската естрада.  

Сосема за крај, посакавме да ни каже кое е нејзиното прво сеќавање поврзано со Новата година и кои се нејзините желби за нашите читатели за 2019 – тата година.

-Нова Година едноставно ме потсетува на многу емоции, многу љубов, време поминато со најблиските, со моето семејство и другарите. Новата година која доаѓа нѝ дава шанси за нови почетоци, промени и позитивен старт на годината. На вашите читатели би им кажала да го следат нивниот сон и тој да стане нивна реалност. Новата година која доаѓа поминете ја со најблиските кои вистински ве сакаат и имајте само убавини во 2019 – тата. 

Лина Пејовска: Го одам патот за кој сонував

Лина Пејовска е талентирана млада дама која со целата своја посебност и исклучителна музикалност,  ја вбројуваме меѓу протагонистите од младата и перспективна генерација тинејџерски поп ѕвезди. Со своите 16 години, веќе е препознатлива како лик кој има голем потенцијал што може да се соочи со светската музичка сцена. Милионските прегледи на нејзините видеа на Јутјуб, како и неколкуте хит песни, се само еден показател на нејзиното сериозно присуство на музичката сцена.

- Музиката е со мене отсекогаш. Додека по дома сите нешто правеа, јас само си потпевнував. Желбата за музика беше посилна од сè, а нормално талентот дојде до израз, па еве денес го одам патот за кој сонував. Многуте интернационални фестивали и мојот натпреварувачки дух ми го трасираа патот на кој сум своја на своето, го започнавме разговорот со Лина.

Неизбежно беше, а да не ја прашаме за нејзиното искуство и импресиите од интернационалното шоу за детски, музички таленти, „Ѕвездичките на Пинк“, каде Лина оствари голем успех.

- За дете како мене, кое тогаш имаше неполни 14 години, тоа беше најубавото нешто што може да ми се случи, иако целосно збунета, а воедно и среќна, ја искористив сцената да покажам што знам и не можеше никој да ме сопре. Големата сцена е секогаш голем поттик и знам често да се навраќам на тие денови кои ми будат само насмевка на лицето. Импресиите траат и ден денес зошто таа сцена ми донесе пријатели кои постојат и денес и до некаде од таму започнува целиот мој успех.

Разговорот со Лина го продолживме во контекст на тоа кои се нејзините размислувања и планови за развојот на нејзината кариера во иднина.

-Поднебјето не ни нуди многу слобода да планирам токму како што сакам јас, но генерално периодично планираме со мојот продуцент Дарко Димитров со која динамика да оди издавањето на песните и нивна промоција. Секако дека мојата кариера би сакала да се движи и надвор од нашите граници како што тоа го правам и сега, но сите тие патувања надвор во моментот ми се ограничени поради моите училишни обврски, иако имам голема поддршка од професорите за што сум и бескрајно благодарана.

Не може, а да не се забележи дека генерално сите од новата музичка генерција, вклучително и Лина, посветуваат големо внимание на сценскиот имиџ, но и на личниот стил.

-Ме интересираат модните трендови, сакам да експериментирам, свесна сум дека сцената сака и малку поуникатен израз, а  јас се трудам да наликувам на своите години, облеката да ми прилега и јас да ја носам неа а не таа мене. Сакам уникатно и несекојдневно, урбано и заводливо, а за тоа се тука секогаш Fashiongroup Macedonia со нивните ултра модерни парчиња.

Славата е привилегија, но понекогаш и не е едноставно да се носи одговорноста на популарноста, особено кога сте тинејџер.  Ја прашавме Лина како таа се справува со статусот на тинејџерска поп ѕвезда?

- Искрениот однос со публиката е оној кој најдолго трае и е вистински. Тие се храна за секој уметник и вистински приказ за тоа до каде си во уметноста. Почитта и искреноста би рекла дека е она кое не ни го отежнува животот и популарноста ја прави природна и спонтана. Со оглед на тоа дека моите  другари и пријатели се сите  се уште околу мене и не би рекла дека промената лошо влијае на мене.

Со оглед на празниците што ни следуваат, не пропуштивме прилика да направиме муабет и за првите сеќавања поврзани со Нова Година.

-Некое посебно сеќавање немам, но Новогодишните празници секогаш ме потсетуваат на Дедо Мраз, снег, семејни ручеци... а самиот новогодишен период  ме потсетува дека се приближува периодот за скијање – спорт во кој што најмногу уживам.

Крајот на разговорот со Лина го заокруживме со празнична честитка до нашите читатели.

- Нова година и нормално нова надеж! На читателите на Fashionel им посакувам многу магични моменти во Новата 2019. Сакајте се и бидете сакани! Нека 2019-та биде токму таа која ќе им го осветли патот кон една блескава иднина, кон исполнување на сонот кој си го замислиле. Здравје, среќа и многу насмевки! 

Мартија Станојковиќ: Сакам да бидам инспирација за другите

Мартија Станојковиќ исто така направи вистински бум во „Пинкови ѕвездички“, па многумина ја нарекуваа тинејџ ѕвезда. Но, сепак таа не се согласува со тоа:

-Се доживувам како обично девојче што сака музика и што сака да пее. Мојот живот со ова шоу не се смени многу. Јас сум девојче што сепак оди на училиште, има приватни обврски... Се смени во поглед на тоа дека има повеќе луѓе што ме поддржуваат, сакаат да слушнат редовно нешто од мене. Инаку, не гледам никаква конкуренција во врска со тоа и со останатите тинејџ ѕвезди односно пејачи од оваа генерација имам супер однос и навистина ми е убаво што ги познавам и чест ми е што се дружам со нив – вели Мартија.

Кога е стилот во прашање, го претпочита минимализмот.

-Сакам едноставни работи. Така се облекувам и секојдневно – дуксер, јакна, патики – ништо посебно, за сцена исто така практикувам да биде нешто едноставно, бидејќи кога ќе облечам нешто што со премногу детали или премногу бои, не се чувствувам убаво, не сум јас тоа. Колку е поедноставно за мене подобро. Помалку е повеќе.

Мартија зад себе има и неколку песни на англиски јазик, како резултат на соработка со странски продуценти.

-Снимав три песни во Америка, од кои две се излезени, Next to Me и That’s What I Like, за кои има и спот. Целта ми беше да ме слушне некој од страна, од тој пазар, и сосема случајно тоа и се случи. Многу сум среќна за тоа и се надевам дека ќе продолжи соработката. Инаку, тие си имаат свој стил на работа, малку е поразлично од тука и ми се допаѓа. Јас сакам да учам и да работам на тој пазар, се надевам тоа и ќе се случи – искрена е Мартија.

Под истите видеа постојат и коментари дека потсетува на Дуа Липа.

-Да, ги прочитав коментарите за Дуа Липа и драго ми е, но сепак јас сум Мартија и сакам да оставам свој печат. Инаку, јас и не слушам толку комерцијален поп, повеќе сакам на пример да го слушам The Weeknd, отколку Дуа Липа.

Во текот на разговорот се осврнавме и на искуството од детската „Евровизија“, на кое младата кумановска се сеќава по убави работи.

-Детската „Евровизија“ е едно прекрасно искуство, светски настан, Сепак, беше малку напорно, бидејќи бев дете, имав 12-13 години. И за разлика од „Пинкови ѕвездички“, ова беше постресно, бидејќи во талент шоуто имате повеќе емисии каде можете да покажете што знаете, а ваму е сè сконцентрирано во еден настап. Но, драго ми е и чест што бев од таа сцена и ја претставував државата.

Со оглед дека сите три се претставнички на новиот бран или новата генерација на пејачки на македонската сцена ја прашавме и чија кариера ја посакува.

-Тоше, него не го заборавам, неговата кариера ми е инспиративна и ми дава мотивација. Сепак сакам да се покажам најдобро што можам, да појдам по свој пат и јас да бидам инспирација за некој друг. Ќе се потрудам тоа да го направам.

За крај, со оглед на тоа дека се дружевме кон крајот на декември, позборувавме и за најубавите сеќавања на Нова година и честитките.

-Кога некој ќе спомене Нова година, првата асоцијација ми е славењето во Охрид со друштво, кое ќе го паметам засекогаш, како и снимањето за спотот за Next to Me. И со оглед на тоа дека сме на прагот на 2019 година, на сите ќе им посакам среќна Нова година, работете го тоа што го сакате, стремете се кон својата цел и ако ви е доволно јака мислата и ако сте доволно упорни, сигурно ќе успеете! Проверено! – порача Мартија за крај.

Локација: Хотел Ибис

Објавено:
19 декември 2018
object(stdClass)#486 (8) { ["nid"]=> string(5) "20625" ["ga_count"]=> string(4) "2403" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691100000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
2.403 пати