Портфолио Горан Поповски: Целам кон минималистичка фотографија, иако обожавам да уфрлам и несоодветни моменти...

17 септември 2013

Препознатлив по алтернативниот стил на коцепирање на своите фотографски дела, Горан Поповски е млад фотограф , но со богато професионално портфолио и со амбиции да го надоградува во насока на светска кариера.

Роден е во Суботица, Србија и уште во рано детство бил заинтересиран за уметноста, за понатаму да ги насочи комплетно својот интерес, време и креативна енергија на модната фотографија.

“Повеќе целам кон минималистичка фотографија, иако обожавам да уфрлам и некои  “језиви” и несоодветни моменти во фотографиите”, вели Горан за принципите на својата работа, што секако го прават забележителен и автентичен во неговиот уметнички израз.

“Инспиративни ми се различни моменти, лични искуства, туќи приказни, книги, филмови музика. Особен мотив ми е музиката и мојата муза Anja Franziska Plaschg”, ја посочи како свој идол австриската музичарка.

Омилени фотографи чија работа особено ја почитува се Helmut Newton, Steven Klein и Robert Mapplethrope, а од нашиве простори ги издвојува Миодраг Миша Обрадовиќ и Марко Вулевиќ.

Во неговото портфолио се застапени речиси сите македонски дизајнери, за кои изработувал различни едиторијали, фото-приказни и содржини, и независно од стилот кој го третира дизајнерот, Горан им дава специфична нота преку својот објектив, препознатлива за него.

За своите едиторијали секогаш избира модели со неконвенционална убавина, меѓу кои ги издвојува Јована Плескониќ и Ана Ежова.

Најавува нови проекти и соработки со артисти од Македонија и Балканот, а она кон што крајно цели е светскиот магазин Dazed and confused.

“Еден ден се надевам дека ќе работам за магазинот Dazed and confused, а до тогаш останувам dazed and confused”, споделува Горан  со Fashionel.

 

 

Објавено:
17 септември 2013
Категорија: 
Портфолио