Шеф

Македонецот кој создава кулинарски уметнички дела

Интервју со
Филип Митевски
12 август 2019

Ќе се согласите дека популарноста на кулинарските емисии, кои доживеаја вистинска експанзија на нашите телевизии во деведесетите, повторно се врати, па речиси на секоја програма, а секако на интернет, секојдневно може да посведочиме на некој интересен рецепт. Како и за сè друго, и трендовите во оваа област се менуваат, па приготвувањето на храната, а уште повеќе нејзиното декорирање стана вистинска уметност.

Она што го прави нашиот нов соговорник исто така спаѓа под уметност. Филип Митевски веќе низа години живее и работи во Германија, во синџирот хотели „Мартим“ и создава неверојатни јадења!  

Филип Митевски

Фотографиите што ги поставува на социјалните мрежи навистина нè воодушевија, па сакавме одблиску да се запознаеме со овој 37-годишен кумановец и да пренесеме уште една успешна приказна.

Неговата љубов кон кулинарството започнува уште од рана возраст, благодарение на тоа што неговите родители отвораат ресторан за рибни специјалитети. Иако дете, тој уште тогаш знае која ќе биде неговата професија. Но, за да се биде меѓу најдобрите, бара многу посветеност, но и знаење.

-Завршив средно угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје. Потоа, студирав на Медицинскиот факултет во Софија, отсек Санитарен инспектор, а потоа магистрирав на Економскиот факултет во Софија – Менаџер во здравството – ни откри Митевски.

И иако можеби ви изгледа неговото образование чудно, со оглед на тоа дека е готвач и имате поинакви очекувања, сепак токму ваквиот избор на едукација му помага да се запознае со храната, со контролата на храната, одржувањето на истата, складирањето, обработка, а потоа и организација... Сите важни процеси за да знаете што да користите, кога и како.

-Идејата да заминам од нашата држава беше моја, сакав да се пробам себеси како ќе функционирам во друга, поразлична средина од нашата. Тоа ми беше загатка, која мислам дека успешно ја реализирав :) – вели Филип.

Го прашавме што сè подразбира да се биде успешен Македонец во странство, а одговорот всушност е рецепт за успех каде и да се наоѓате.

-Успехот е еднаков на среќа. Ако сте среќни, значи дека сте успеале. Но, секој од нас си има свој избор, определба за успех, која се разликува од онаа другите. Најдете си работа што ја сакате и никогаш повеќе нема да мора да работите. Поточно, не треба да работиме нешто кое „мора“ да го работиме, по задолжение. Ако најдеме работа  која ја сакаме, лесно ќе постигнеме успех. Јас си поставив цел, која се стремам да ја реализирам, а успехот си доаѓа сам.

После воодушевувачкиот ефект, ако ги погледнете подобро фотографиите од неговата работа, ќе забележите дека е човек од „новото време“, кој го привлекува иновативната гастрономија, односно молекуларната.

-Веќе е ново време, време на модерни генерации, затоа и ние младите треба да бидеме во чекор со времето. Ексмериментирам во секоја област, затоа што работата тоа го бара од мене. За да сте на врвот, треба многу да експериментирате и сето тоа да го вклопите во добар вкус, мирис и изглед. Исто така, новите трендови нè засегаат и нас во гастрономијата и секој што се занимава треба да е во тек со модерната гастрономија, ако сака да напредува. Социјалните мрежи многу ја олеснуваат работата, бидејќи на тој начин имате широк пристап до информации, можете да се посоветувате, но и да се реализирате и себепромовирате – вели Филип и додава дека работата во Германија му овозможила да осознае бројни тајни на кулинарството.

-Тука научив многу, се надевам дека нема да престанам да учам. Гастрономијата тука е на многу високо ниво и се радувам што сум овде. Совет до младите што сакаат да се занимаваат со оваа работа – разменувајте искуства, учете секој миг, секој ден и на тој начин ќе блеснете во светот на гастрономијата.

Со оглед на тоа дека кулинарските шоу-а од типот на „Master Chef“ се исклучително популарни, го прашавме и дали некогаш размислувал да ги „одмери силите“ во некое вакво шоу.

-Ги следам и тука се емитуваат, ме интересират и во истата емисија може да се забележи голем квалитет. Да бев на почетокот на кариерата, веројатно ќе се пријавев, но сега не ми дозволува работата, затоа што сум многу ангажиран и имам планови што допрва треба да ги реализирам.

Низ разговорот ја допревме и темата за тоа дека најдобрите готвачи во светот се мажи, а во секојдневието сè уште жената е главна во кујна.

-Според последната статистика за 2019 година, од топ 100, мислам дека има само четири жени готвачи, што доволно кажува колку жените се помалку застапени во оваа професија, секако зборувам за професионални готвачи. Сметам дека оваа професија бара многу жртви, издржливост, стрес. Не велам дека жените не ги поседуваат овие особини, но сметам дека веројатно тие самите не се пронашле во оваа професија, па оттаму и ваквата статистика. Инаку, добар готвач се препознава по организираност, креативност, изграден карактер, конфликтност, брзо размислување, петто сетило, гордост и подготвеност за ризик – вели Митевски.

Како и во секоја друга професија и тука постои конкуренција, и секој си го бара својот идентитет во гастрономијата, но тој не гледа така на работите.

-Секој е креативен на свој начин. Се радувам кога ќе видам дека има некој покреативен од мене, бидејќи тоа значи дека можам нешто да научам од него. Од друга страна, јас сум посебен, колку што е и некој друг и затоа не гледам конкуренција во никого.

На прашањето дали кога оди во ресторан е критичен и има ли доверба во други готвачи, ќе каже:

-Секако дека имам доверба. Не сум критички настроен, реагирам само кога нарачувам едно, а ми носат друго и притоа ме убедуваат дека тоа сум го нарачал :).

Филип се смета за перфекционист, што комплетно му веруваме, особено имајќи го предвид изгледот на храната што ја приготвува. А во релациајта техника наспроти инстинктот ќе рече:

-За успех се секако потребни и двете, но лично се базирам повеќе на инстинктот :).

Сигурни сме дека сте посведочиле на порции во кои садот е огрмомен, порцијата минимална, цената висока, а еве и зошто:

-Продуктите од кои е составена таквата порцијата се неверојатно скапи, па затоа е и минималистичка. На пример, магарешкото сирење чини 1.000 до 1.2000 евра по килограм, како и многу други намирници, па оттаму и таквите цени, односно порции.

Некаде пред крајот на разговорот го прашавме дали би се вратил дома и колку Македонија му е предизвик.

-Дома доаѓам еднаш годишно, за да се видам со фамилијата и мислам дека така ќе остане некое време. Не велам дека нема да се вратам назад, но сега шансите се навистина мали – искрен е Филип.

Иако е поразително што голем број вакви талентирани и едуцирани личности ни заминуваат од државата, сепак за поздрав е нивниот успех надвор. Вети дека штом ги реализира своите следни цели, повторно ќе поразговараме, а дотогаш ние му посакуваме да ги достигне зацртаните врвови!

И да, Филип вели дека онаа старата дека до „Срцето на мажот се оди преку стомакот“, важи асполутно и за жените, па сигурни сме дека дополнително откако ќе ги видите овие негови дела, ќе се инспирирате и ќе посакате да освоите и нечиј стомак и нечие срце денеска!

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Filip Mitevski(food designer) (@f__ili__p__food_designer) onJul 1, 2019 at 9:53am PDT

 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Filip Mitevski(food designer) (@f__ili__p__food_designer) onFeb 8, 2019 at 11:42pm PST

 

Објавено:
12 август 2019
object(stdClass)#483 (8) { ["nid"]=> string(5) "22332" ["ga_count"]=> string(4) "5255" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1688680800" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1688680800" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
5.255 пати