Новата балетска сезона во НОБ започнува викендов со „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“

2 октомври 2019

Оваа сабота (5. октомври) со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет во Скопје, започнува новата балетска сезона во знакот на 70-годишниот јубилеј на оваа установа, со премиера на фантастичните балетски претстави „Кармен" и „Валпургиска ноќ". Зад кореографијата на двете претстави се потпишува унгарскиот кореограф Габор Кевехази кој на денешната прес конференција потенцираше дека долго се подготвувал за овој проект, но истовремено дека уживал во целиот процес.

„Сон на секој кореограф е да ги постави на сцена „Кармен" и „Валпургиска ноќ", бидејќи тие се две прекрасни дела, од двајца музички великани, Жорж Бизе и Шарл Гуно. Кога уметничкиот раководител на балетот на НОБ, Олга Панго, ми понуди заедничка соработка за овие две дела, без размислување прифатив и веднаш започнав со подготовка на кореографијата. Оваа задача бараше од мене посебна инспирација, бидејќи за овие две дела има постоечка кореографија од светски познати кореографи, како што се: Алберто Алонсо, Баланшин, Матс Ек и др. Кога започнав со работа на кореографијата, сфатив дека дури и не го познавам доволно балетскиот ансамбл на НОБ, а мојата креативност секогаш е подобра, кога правам кореографија според балетски играчи, кои лично ги познавам. Затоа, многу се подготвував дома, само јас и музиката. И од таму, кога почнав со работа со балетот во Скопје, точно знаев што сакам да направам. Комбинирајќи различни стилови на движења, сакам да презентирам чиста, неокласична, сложена технички и возбудлива кореографија за македонската публика. Би сакал да истакнам, дека добив огромна поддршка од прекрасниот балетски ансамбл Националната опера и балет", изјави Габор Кевехази.

Диригент е Бисера Чадловска, сценограф е Марија Ветероска, додека костимограф Марија Пупучевска.

Првата реприза на „Кармен" и „Валпургиска ноќ" ќе биде на 8 октомври, под диригентската палка на Иван Еминовиќ.

Својата прва премиера, Балетот на МНТ ја прикажал на 27 јануари 1949 год. во кореографија на Ѓорѓи Македонски, под диригентската палка на Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ - Цицо, костимограф Милица Бабиќ - Јовановиќ, беше изведен балетот ВАЛПУРГИСКА НОЌ од операта „Фауст" на Шарл Гуно. Во таа прва претстава настапиле: Ѓорѓи Македонски, Анелизе Асман, Драган Савиќ, Благовеста Каваја, Жика Сувачеревиќ...

 

Објавено:
2 октомври 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
212 пати