Соработка на Пјер Харди и Хермес

30 септември 2013

Креативниот директор Пјер Харди дизајнира чевли и накит за жени за модната куќа Хермес.

Продавницата Хермес ја промени својата локација во Милано преселувајќи се од улицата Сант Андреа на Монтенаполеоне. Секако дека за овој потег извршните директори имаат своја причина, а тоа се воведувањето на нови модно уметнички катчиња во самата продавница, која покрај облека изработена од свила, воведува и катче за женски обувки, накит како и дел кој е посветен на „art de vivre“. За што поточно станува збор објаснува Пјер Харди, францускиот креативен директор кој за Хермес дизајнира женски чевли и накит изработен исклучиво од сребро и злато.

 

 

Пјер Харди Пјер Харди

 

„Сакавме да понудиме едноставност и невообичаен начин со кој ќе ги испочитуваме клиентите. Сакавме да го воведеме изгледот на природна кожа изработена од злато и сребро но во симетричен облик. Идејата е ѓерданите да имаат совршена симетрија и истовремено природна подршка за вратот на жената, за таа да се чувствува комотно и удобно“, вели Харди.

Ваквата изработка и уникатност чини многу. Еве што изјави за цените креативниот директор:

„Зависи како гледате на тоа. Иако цената не ја купува убавината, ниту прави да сте поубави, сепак јас си ја ценам работата, часовите поминати во изработка, техничкиот момент, рачната работа. Сакам да кажам дека и Хермес го има истиот принцип на работа и му посветуваме големо внимание и на најмалиот детаљ, па дури и на оние предмети и парчиња кои не чинат многу. Опсесијата да се доведе едно дело до перфекција, притоа задржувајќи го својот квалитет е приоритет број еден како за мене така и за оваа модна куќа“.

 

Пјер Харди за Хермес Пјер Харди за Хермес

 

За него накитот има моќ на заведување, затоа работата која ја работи е занает, а не луксуз. Тоа се два различни поими за Харди и смета дека за да бидете вистински мајстор на својот занает мора да бидете мошне прецизни, бидејќи ако се згреши дури и милиметар, тогаш производот не вреди ништо, затоа се мора да биде беспрекорно.

Тој нема аспирации своите креации и дизајни да ги изложи во музеј, тоа се негов личен труд и дела, кои луѓето и покрај кризните времиња ги купуваат поради фактот дека се заљубиле на прв поглед, а не за да се покажат пред другите дека поседуваат скапоцено парче накит.

 

 

„Модата и накитот не се револуционерни сами по себе, па поради тој факт не можат ниту да вметнат некакви драстрични промени и реформи во градењето на модната култура и идентитет. Тие се последица на други светови. Новините доаѓаат од технолошките пронајдоци кои во последниве години го освоија светот. Мене лично најмногу ми се допаѓа стариот римско-грчки стил на накит, но од друга страна се прашувам дали има смисла да се повторува нешто што веќе било актуелно во минатото. Носењето на кондури или накит кој бил модерен во 20-тите години не може да ја оживее епохата и духот на тоа време, едноставно ќе бидете бледа копија на едно битисување, а тоа мене не ми се допаѓа“, завршува Харди.

 

 

Објавено:
30 септември 2013
Категорија: 
Актуел