Дино Имери: Бајките денес ни се потребни повеќе од било кога!

9 декември 2019

„Зимска бајка“ е името на рециталот со кој Дино Имери утре во камерната сала на Македонската филхармонија празнично ќе ја почести публиката.

Сосема ненаметливо, разговорите во декември со овој наш врвен пијанист станаа традиција. И пред доаѓањето на новата деценија, ние повторно се сретнавме да поразговараме не само за овој концерт, кој несомнено ќе биде вистинско уживање, туку и за нештата кои ја одбележаа оваа година на изминување.

- Навистина веќе преминува во традиција. За мене е прекрасна традиција да се разговара со Вас!
Голема е радоста што почесто да се дружам со домашната публика која зазема важен дел од моето срце. Вообичаено, во Скопје планирам барем два големи концерти во текот на годината во зависност од приликите. Оваа година вториот концерт беше неизвесен бидејќи не наиде на финансиска поддршка, но публиката е таа која беше главна мотивација да се засукаат ракавите и да се направи „Зимската Бајка“, вели Имери.

Концертот ќе биде во камерната сала во Македонска филхармонија. Повторно одбравте интимна атмосфера, само за "одбраните"...
- Рециталот како форма на израз според мене секогаш треба да се одвива во една интимна атмосфера, тоа е во склад и со корените на оваа форма која ги влече уште од времето на големиот Франц Лист кој за прв пат музицирал сам на пијано во тогашните салони. Не се чувствувам како музичар за "одбраните", музиката припаѓа на сите. Понекогаш си мислам само таа и ни остана.

Каква „Зимска бајка" ќе раскажете задутре? Во контекст на истово, сметате ли дека композициите што ги одбравте совршено ја опишуваат зимата?
- Се надевам дека ќе биде една магична приказна раскажана во еден здив. Всушност, приказната не е осмислена да ја опише зимата сама по себе. Повеќе би рекол дека е еден обид да си ја разубавиме, да ја надополниме со магична музика која многу соодветствува со овој предновогодишен период.

Воопшто, кога ќе ја слушнете синтагмата „зимска бајка" на што Ви текнува прво?
-Првата асоцијација, можеби чудно, ми е топлината. Она чувство кога седите покрај камин, внатре, додека пак надвор моќната зима го сее студот. Сакам да се чувствуваме како да сме внатре, на топло, фасцинирани од она што се случува надвор, но и благодарни што ние сме внатре, опкружени со луѓето што ги сакаме!

Животот Ве научи сè уште да верувате во бајки или пак да ги оставите сосема во детството?
-Мислам дека човек се повеќе треба да се потсеќа како е да се биде дете. Тоа е најголемата мудрост. Да, бајките денес ни се потребни повеќе од било кога!

Минатата година кога разговаравме по повод јубилејниот концерт, изјавивте дека сте разочаран од тоа какви се работите во Вашиот професионален свет. Како ја доживеавте годинава?
- Веројатно човек станува зрел кога ќе ги прифати фактите, ќе ги проголта и ќе се обиде нешто да превземе во врска со тоа. Борбата во нашата средина е секојдневна. Од една страна ми е драго што публиката и јавноста ме препознава како реномиран музичар во друштво на нашите големи уметници кои ја претставуваат нашата земја, од друга страна ми паѓа тешко што ги гледам токму истите тие големи уметници како ги делат истите проблеми со кои се соочувам и јас во професионалниот свет. Најтешко ми паѓаат и борбите на младите уметници кои допрва треба да се пробиваат низ музичкиот свет каде границите и правилата итекако не се јасно исцртани. Но, во моментот кога ќе се повлечам од музицирањето тоа ќе биде сигнал дека сум се откажал. А како што гледате, музиката и понатаму свири!

Колку сте блиску до исполнување на целта која Ве води низ професионалниот пат?
-Постојано сум на целта, бидејќи целта ми е да го живеам сегашниот миг со сите приказни кои се проткаени.

„Џингл Белс" е сè уште доминантна песна во овој период од годинава во Вашиот дом или ќеркичката диктира нови „трендови"?
- Оваа година Џингл Белс е во позадина поради фрагментите од балетот Оревокршачка кои се идеален сопатник за зимата, а секојдневно ги работам дома и ги спремам за концертот – на огромно задоволство на мојата ќерка.

На изминување сме на уште една година, а 2020 е всушност почеток и на нова декада. Како гледате на категоријата време?
-Празно платно на кое треба нешто да нацртаме. Што ќе нацртаме останува на нас – ние сме уметниците, креаторите на нашиот живот. Не дозволувајте нечија друга рака да Ви го исцртува платното.

 

 

Објавено:
9 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
473 пати