Оние што уживаа да го гледаат ситкомот „Преспав“, сигурно се сеќаваат и на ликот Преслава, која дојде во пансионот минатата сезона, а кој го толкуваше бугарската актерка Јана Маринова.
Кога за првпат се сретнавме со неа, го изрази големото задоволство и среќа што има шанса да соработува со наша продукција и актери, а на тој начин да се поврзе и запознае со македонската публика.
Сега пак, македонската публика ќе има можност да ја гледа во акционата комедија „Диви и среќни“, чија премера ќе се случи утре во „Синеплекс“. Тоа беше главниот повод да поразговараме со Маринова, која ни откри интересни детали за филмот, но поразговаравме и за жените, животот, стравот, акцијата, храброста, стереотипите и други интересни нешта.
Разговорот следи во продолжение:
Македонската публика Ве запозна благодарение на „Преспав“? Од дистанца, какви впечатоци носите од овој проект, Ви недостасува ли?
-Многу се радувам за „Преспав“! Запознав прекрасни луѓе од Македонија додека работевме на третата сезона. Сите актери, режисери и автори се исклучително талентирани професионалци. Не би издвоила ниедно име, затоа што сум фан на сите. „Преспав“ е навистина забавен проект со одличен хумор и сатирични ситуации во кои публиката лесно се препознава. Сега се прикажува и на ТВ во Бугарија – па имам прилика да се потсетам на некои од шегите што и сега ме засмејуваат слатко. Многу сум му благодарна на продуцентот Пеце Талески и на МТВ што ми направија чест да бидам дел од Преспав.
Сега ќе имаме можност да Ве гледаме и на големото платно, во акционата комедија „Диви и среќни“. Кажете ни повеќе за ликот што го толкувате и зошто треба да го погледнеме филмот?
-Мојот лик во филмот е Боријана или само Бо. Таа е навидум обична жена која љубејќи еден маж заборавила дека е најважно да се сака и себеси. Исто така, заборавила и колку е храбра, иако жена. Работи работа што не ја сака, има човек што не ја сака доволно и сето тоа ја прави несигурна, па дури и досадна. Но благодарение на една лекомислена одлука, понесена од желбата да помогне, доживува животен пресврт и одеднаш станува баран криминалец по кого трага полицијата. Заедно со нејзината најдобра пријателка Мила (Луиза Григорова-Макариев), тргнува на најголемата авантура во животот. Две храбри бунтовнички, со киднапиран маж на задното седиште во автомобилот, бегаат од полицијата, гонети од инспекторот Донев (Александар Сано, познат на македонската јавност како коса од серијата „Undercover“). “Диви и среќни“ е филм за искреното и безусловно пријателство, за лудата љубов и за уметноста да живееме диви и среќни.
Се сметате ли за дива и среќна?
-Апсолутно! За да бидам среќна, одам над удобноста. Посакувам тешко достапни нешта и истрајно работам за да ги реализирам. На крајот, за да можам да постигнам многу повеќе, знаејќи ги моите способности, дејствувам без страв од тоа што ќе кажат луѓето и добивам сè од животот што навистина го заслужувам. Но, и најобичните работи ме прават среќна. Среќна сум што сум сакана, се чувствувам слободно и во исто време знам каде припаѓам. Среќна сум кога знам дека и мојот син, семејство и пријатели се чувствуваат исто така. Сепак најважно ми е да сум здрава. Само тогаш можам да дадам сè од себе, мојата целосна и нескротлива страст кон работата. Е, тогаш следуваат авантурите. Книгите, филмовите, театарот, танцот... Уживам што сум дел од највозбудливите приказни досега раскажани, некаде на светот.
Од трејлерот можеме да видиме дека со Глигорова често ќе го менувате изгледот и стилот, дали тоа значи дека ќе имаме прилика да видиме мало модно шоу во филмот?
-Во “Диви и среќни“, промените во стилот, облеката и косата, се специјално поставени од професионален стилист. Мартин Макариев, режисерот на филмот, сакаше да го направи филмот целокупно визуелно задоволство и естетика што потсетува на духот на 80-тите години. Да асоцира на некои култни рок уметници, бунтовници и филмски ликови од 80-тите години. Јас и Луис се забавувавме со промените на нашиот изглед. Се чувствувавме како девојки кои си играат снимање филм. Да, дефинитивно ќе видите модна ревија на различни стилови од поп културата низ годините.
Каков е вашиот став кон модата и убавината, особено ако се има предвид дека своевремено бевте и Мис Бугарија? Убавината ви олесни или ви отежна во животот/кариерата?
-Ќе излажам ако кажам дека убавината не ми помогнала во личниот живот и кариерата. На личен план, мажите полесно ве забележуваат кога сте убави. Понатаму е прашање на ум, шарм и достоинство да го задржите човекот што го избравте. Не станува збор само за изгледот. А, за кино и театар, важно е да се биде привлечен. Другото се учи, иако е тешко, но личниот шарм помага неверојатно. Особено на филмското платно. Камерата е како лупа и ако имате „филмско лице“ имате огромна предност. На телевизија, можеби изгледате поубаво со шминка, но во кино на големото платно, цртите на лицето го издаваат вашиот карактер. И, ако не сте карактерна личност во вашиот личен живот, тешко дека ќе добивате главни и важни улоги.
Во “Диви и среќни“ изведувате каскадерски сцени и ризични акробации. Вие очигледно сте вљубеник во акцијата, не само како филмски жанр, туку воопшто и во животот. Раскажете ни за вашите каскадерски искуства, и како помина последното?!
-Сакам акција! Обожувам! И секогаш се обидувам да сама да ги изведувам каскадерските сцени и да правам свои акробации колку што е безбедно, но за сцената со моторите што ќе ја гледате во „Диви и среќни“ имав одличен бек-ап, каскадерката Теа Маркова. Таа е “виновна“ за екстремните искуства на Луиз во прашините дури ја снимавме таа сцена. Беше многу смешно. Теа Маркова дава гас, а Мартин (режисерот) вика „трчај, трчај по моторот“, Луис трча без здив зад моторот, и во еден момент се сопна од угорнината и падна, а моторот запре и испука темен чад директно во лицето на Луиз. Беше црна од глава до пети, дури и нејзиниот јазик беше црн, и забите. Само очите и светеа бели, очигледно ги затвори навреме. Никогаш нема да заборавам како изгледаше таа во моментот! Пред тоа, јас возејќи ја Луиз ја превртев од мотор на асфалтот пред Соборниот храм во Варна. Наеднаш само го почувствував моторот полесен, се вратив назад и кога ја видов на земја, се скаменив. Потоа во амбулантното возило, лекарот ја врзува и таа ме гледа со тие големи еленски очи и срцето ми крши. Не писна. Херој. Инаку, другите каскадерски сцени се одвиваа според планот. Се подготвивме сериозно, не се откажавме од ниедна тешка сцена. Тимот каскадери со кои работевме, заедно со Георги Димитров-Бомба е докажан во најголемите американски и европски филмови. Имавме среќа тие да работат со нас. Имаше огромна експлозија што избувна на само неколку метри зад Александар Сано. Двојникот негов беше спремен да ја изведе сцената само еднаш. Ќе ги видите сцените, ќе ги препознаете во брканиците, полициските трки, и кражбите на возила.
“Диви и среќни“ е акциона комедија. Во што се состои комичноста во приказната?
-Комедијата е во ситуацијата... Фактот дека две обични жени “ја креваат на нозе“ целата бугарска полицијата. Полицијата ги брка со сите свои ресурси, специјални сили, хеликоптери, засилувања…, а нашите девојки секогаш успеваат да ги надмудрат и избегнат. Само посебе е веќе забавно и смешно. И шегите и штосовите. Шегите што ги разменуваат двете пријателки – кои дефинитивно имаат смисла за хумор. Ќе имате прилика да го гледате филмот, се надевам ќе и биде близок и на македонската публика. Ќе биде на репертоарот на Cineplexx од 13 февруари.
Сте биле и русокоса, сега сте бринета... Дури и во филмот неколкупати менувате перики и фризури. Генерално, дали ја сакате динамиката и во модниот израз? Како се негувате?
-Ох, за улога би се менувала како и да е. Сум направила секакви жртви што се однесува до промена на изгледот. Јас единствено досега не сум ја избричила главата на нула, но може и тоа да се случи. А, сега во филмот беше прекрасно да се гледам повторно, руса и црвена, а многу ми се допадна како ми стои и силната шминка. За кратко се почувствував како Јана пред 10 години. Порано сакав да експериментирам со бојата на косата, а сега во личниот имиџ ја негувам темната нијанса. Ми се допаѓа елеганцијата што ја додава темната коса. Се чувствувам добро во мојата кожа и не ми треба многу “тинтрање“.
Навлеговте во петтата деценија, што научивте од животот досега?
-Што е најважно - сфатив дека никогаш не треба да донесувам важни одлуки во мојот живот од страв. Научив дека за да бидам среќна, важно е да “жонглирам“со тешките моменти во животот, да се насмеам и да ги надминам. Бидејќи тешките времиња ме прават похрабра. А храброста води кон повеќе авантури… Научив дека успехот нема формула. Постои само чиста мисла, чудесна имагинација и кул парола! Остатокот е нарачан сам по себе. Кога ќе заборавам една од овие три работи, веднаш настапува сивило. А јас не сакам да живеам сиво : )
Познато е дека за една улога сте морале да го совладате танцот на шипка. Го гледавте ли Hustlers? Го можете ли тоа што го прави Џенифер Лопез во филмот?
-Хаха, не го гледав Hustlers, но ветувам дека ќе го гледам. Џеј Ло мора да е одлична. Но, дури и без видам како танцува таа, знам дека можам да го научам тоа сè со доволно вежбање, упорност и соодветна исхрана. И верувам дека секоја самопочитувана жена би можела да го стори истото. За филмот Living Legends, вежбав 4 месеци танцување на шипка. Почнав од нула. Отпрвин, не можев да се држам ни 10 секунди само на рацете. Ужасно ме болеа дланките од железото залепено во кожата. Но, ден по ден, почнав да ја надминувам болката и да добивам сила во рацете. Потоа, дојде задоволството од овој танц. Затоа што прави да се чувствувате многу секси :) Беше предизвик и да се погледне во животот на стриптизетите додека се подготвував за улогата. Се чувствував многу тажно кога гледав како овие девојки го продаваат „изгледот“ на нивните тела за да се хранат... Но, мојата улога во филмот беше комична, па се принудив да се ослободам од негативните впечатоци.
Против кој стереотип за жените најбурно се борите, имајќи предвид дека со сето она што го правите и умеете – ги рушите предрасудите за поделбата на „машки “ и „женски “ професии и активности?
-Ако сакате да ми верувате, јас не се борам против одреден женски стереотип, туку против стереотипите за луѓето без достоинство. Без разлика на полот. Но, за да одговорам на прашањето, не сакам кога жените се угнетувани од мажи. Не сум задоволна кога гледам жена на која единствена цел во животот и’ е грижата за домот, децата и мажот. Мислам дека не е добро жената да живее туѓ живот, ако тоа не ја прави среќна. Жалам кога гледам дека жената заборавила на себе, на својот сон, на своите желби и живее празен живот режиран од мажот, децата и нејзините родители. Жената има право да постави свои цели во нејзиниот личен живот и професијата. А мажот, важно е да ја поддржи ако навистина ја сака.