Писателка и поетеса

Најлесно се зборува вистината. Никогаш не мора ништо да памтиш!

Интервју со
Марта Маркоска
28 април 2020

Кога животните потези ги одигрувате сами и вашето опстанување го оставате единствено на сопствената одговорност без да барате оправдувања и изговори и кога таквите потези ве изнесуваат како победник, тогаш вредноста на вашата приказна станува светлост. И кога ќе осветлите барем уште еден што се идентификувал со вашата борба и нашол мотив за својата, тогаш станувате блесок со траен белег. Затоа денеска ќе ви ја пренесеме приказната на нашата позната писателка и поетеса, Марта Маркоска. Започнува или завршува или подобро, циркулира околу кампањата „Larger thаn life" како стаклено „платно" на нејзиниот живот и со лицето и со опачината, несебично изложувајќи ги своите животни премрежја пред јавноста, свесна за сите потенцијални ризици. Кампањата ја слави жената и женскоста, физичките трансформации како последица на трансформациите на свеста. И создадена е за да мотивира и да донесе светлина...

Ова е приказната на Марта...

Фото: Игор Тодоровски

Марта, искушенијата во животот доаѓаат ненајавено и во борбата со нив не секогаш сме претходно подготвени. Во каква состојба тe затече тебе животното искушение со кое за жал се соочуваат сè повеќе жени?

-Ме затече во состојба на распаѓање на бракот со партнер кој на денот на дијагнозата, пред моите родители, се одрече од мене. Ме затече во ситуација на "угоре високо – удолу длабоко". Си реков, знам да качувам планини, а богами сум и одличен пливач, ќе поминам низ ова сама. Се разбира, слегов до деветтиот круг од пеколот и како Хермес (Меркур), успеав да се вратам за да раскажам нешто што можеби би помогнало да извлече многу други од нивната агонија.

Жената, ден потоа... Нè дефинира ли соочувањето со болката? Ни го менува ли ликот, менталната состојба, перцепцијата, духот откако ќе се изборме со премрежјето?

-И треба да нè менува. Потребно е да израснеме од таа ситуација, да ја надраснеме и да направиме сè за што отсекогаш сме сонувале. Пет години ја спремам кампањата LARGER THAN LIFE. Ми даде толку сила да направам чуда со себеси и со сопственово тело, да направам експерименти, трансформации и реформации на сите полиња. Ме водеше оваа мисија да ви покажам дека стравот е парализирачка состојба на умот. Не ви дава да размислувате јасно, прецизно и фокусирано. Само со смирена и "студена" глава се донесуваат правилни одлуки и ништо не може да ве исфрли од колосекот на зацртаните цели.

Особено ви се менува перцепцијата на луѓето и настаните околу вас, се изоструваат сетилата и станувате почувствителни за сè што ве опкружува, во контекст на тоа дека далеку побрзо ги детектирате намерите на другите.

Фото: Стерија Зиков

Каква трага остави кај тебе соочувањето со болеста? Како ти лично ја преживеа приказната?

-Јас бев премногу детерминирана да направам од себеси, од својот живот и од сопственото тело – ремек дело, за потоа да направам уметничка кампања, со сензуални фотографии на кои роле-моделот сум јас, за да ја покажам силата на духот и волјата. Воедно сакав да ја покажам најнежната и најженствената страна од мене, што, секако, ме стави во позиција на ранливост, иако тоа беше пресметан ризик. Со апсолутна свесност влегов во овој ризик, но и со огромна верба дека правам нешто исклучително добро за подигнување на свеста кај секоја една жена. Да го изложиш не само своето тело, туку и душата пред целата јавност, треба навистина да те води благородна мисија и мисла дека на многумина ќе им влееш надеж, не само за продолжување на животот, туку за подобрување на квалитетот на животот; ќе им дадеш мотив утре да станат од креветот и да го започнат денот со ведрина и насмевка. Мене, во моите падови ме водеше идејата дека јас ќе ги мотивирам другите да направат нешто со нивните животи. При тоа не мислам овде само на болните, туку на секоја една индивидуа на која ѝ недостига мотивација за завршување на каква било задача. Ми имаат речено многумина после кампањата, не само жени, туку и мажи, дека сум им дала волја да направат многу повеќе во нивните животи одошто биле свесни до тој момент. Додека ја подготвував кампањата молчев, знаеја избројани (и одбрани) неколкумина, а и тие не веруваа дека ќе издржам во намерата до крај. Наидов на една личност која најмногу веруваше во мене и без двоумење, без премногу да ѝ објаснувам, ме поддржа уште веднаш. Големите идеи треба не само некој да ги препознае туку и да ги поддржи.

Мене, во ниеден момент не ме напушти мислата дека на многу луѓе ќе им го променам текот на животот раскажувајќи ја својата приказна. Намерата ми беше исклучиво мотиваторска, затоа што мене немаше кој да ме мотивира, па одлучив дека јас ќе ги мотивирам другите, веројатно, зашто, имам повеќе снага да го направам тоа. Потешко се зборува за себе одошто за другите.

Во претходниот живот (така, бар, го нарекувам, т.е. пред да се случи овој неочекуван пресврт, бев комплетно посветена на науката, во вториов живот, комплетно се свртев кон сè она друго што сум го запоставувала, потиснувајќи го со години). Најтешката задача е да си отворен за учење и стекнување нови искуства, зашто треба да одучиш сè што си знаел дотогаш и да ги пренасочиш сите свои капацитети кон други с(п)ознанија.

Фото: Игор Тодоровски

 

А како средината реагираше на твојата состојба?

-Овде знаеја едвај петмина. Одлучив да ги одиграм сите потези сама, вклучително коцкањето и со терапиите и со методите на лекувањето. Ме одржуваше мислата дека ако, и покрај сè, испадне по мое, односно како што јас очекувам, со сите мои методи да се борам и да го вклучам целото свое досегашно знаење овде, си реков да видам, сега, на дело, како тоа функционираат сите тие прочитани теории и дали функционираат во пракса моите истражувања од биологијата до квантната медицина, преку зен будизмот и таоизмот до квантната физика.

Најдобрата работа е што во најтешките ситуации најубаво прогледувате. Им го видувате вистинското лице на сите што ве опкружуваат. Тогаш дури разбирате кој вистински ве сака и кому му требате, но и вие вистински сфаќате кој ви е потребен вам, без кого не можете. Затоа што така понизно пристапив кон сите, на сите им ги видов вистинските лица. Во слабоста е твојата сила – вели една библиска поговорка.
Им благодарам на сите кои ништо не знаеја, а беа тука за мене и особено им благодарам на сите кои знаеја, а не беа тука за мене. Заради нив станав жената која сум денес.

Што те научи овој животен пресврт?

-Здравјето е наша одговорност, не на медицината. Многу почесто нашето здравје зависи од опкружувањето, од личната психичка состојба и психичката состојба на тие околу нас, од смиреноста на умот, смиреноста на душата, од способноста секогаш да гледаш на позитивната страна на нештата и од љубовта што ја носиш во себе. Ако видите луѓе што постојано бараат конфликт со вас, поттргнете се, тие немаат конфликт со вас туку со себе. Сите критизери главно имаат конфликт со себе, никогаш со тоа што е субјект или објект на нивното критизерство.

Луѓето завидуваат за она што тие не се. Некои би ви завидувале (и ви завидуваат) и на болеста само доколку ве сметаат за поуспешни, попаметни и поубави од нив. Ја одлеваат нивната животна енергија натпреварувајќи се со: партнерот, со браќата, со сестрите, со пријателите, со комшиите, со колегите.... Секој има свој пат, своја карма, своја мисија на овој свет. Цвеќињата не се натпреваруваат кога стојат едно до друго. Секое цвета кога ќе му дојде време за цветање.

Велиш дека сопственото преживување си го довери на самата себе, како сопствена одговорност? Каков ти беше пристапот, со кои методи?

-Самодисциплината е сè во животот! Но, самодисциплината почнува од дисциплинирањето на сопствените мисли. Ако не можете да го контролирате она што го мислите, не ќе можете да го контролирате она што го правите, односно ако немате контрола над мислата, не ќе имате контрола ни над постапките. Затоа, забранив да се користи било каков вокабулар кој ја опишува болеста или кој самиот е звучна манифестација на болеста во нејзината материјална реализација. На тие петмина околу мене кои знаеја им беше забрането да зборуваат со мене како со болна личност. Не смееја да ми се обратат со патетика, сожалување, драма, или не дај боже со поглед полн со тага. Веднаш станував и си заминував, ја напуштав средбата, масата, друштвото. На сите интервенции си одев сама, не сакав никој да ми шири енергија несоодветна на мојата, да ми го спушта фреквенциското поле, а со тоа да ми го нарушува и магнетното поле. Затоа што сите околу вас кои кукаат ви ја спуштаат херцажата на некои ниски фреквенции и ви го паѓаат имунитетот кој бара високи фреквенции за да се подобри. Ова не е метафизика, ова е био-физика. Исто така, духовните практики се овде многу важни, ова е тестот на ве(б)рата и волјата. Холистичкиот пристап во лекувањето е можеби најважната компонента. Употребувањето на афирмации кои ја менуваат молекуларната структура на целиот организам, пред сè, го крепат духот, а телото јакне и е способно да се бори со предизвиците. Значи, потенцирам, најважно е да се пристапи со смирен ум кој ќе одбира дури и со какви зборови го опишува искуството.

„Larger than life" е платното на кое го наслика своето искуство, како сведоштво и како лекција. Бидејќи секој лично ќе си ја протолкува оваа кампања, какво е толкувањето на авторот?

-Физичкиот изглед е огледало на душата. По сè што преживеав станав толку сензитивна, хиперчувствителна, па како "пет-скен" детектирам карактери на луѓето во мојата близина. По физиономија се открива голем дел од карактерот на личноста, а останатото е искуство или минат труд стекнат врз основа на набљудување на луѓето при секојдневна комуникација со нив. Моите телесни трансформации покажуваат трансформации на свеста. Сакам да покажам дека само со трансформирањето на внатрешното, може да има прогрес на надворешното. Светот надвор е рефлексија на човековиот ум.

Сознанието дека, на крајот, што и да направиш, луѓето секако ќе те осудат е најважното нешто што го имам на ум во сè што работам! Затоа и никогаш не се трудам да ги импресионирам другите, туку себеси. Штом се наштимате на повисока фреквенција, другите, на пониска, природно ќе отпаднат од вашите животи, како суви листови.

Кампањата LARGER THAN LIFE е славење на убавината жената и женскоста преку фотографија. Фотографиите се елегантни, префинето стилизирани, ненападни, невулгарни, сензуални. Затоа што цврсто верувам дека на освој свет не му требаат веќе луѓе надуени од теории, му требаат миротворци, луѓе што љубат, што сакаат да помагаат, што умеат да се соживеат со останатиот жив свет на планетава, луѓе што умеат да дадат утеха, закрила, убав збор, но кои знаат да го покажат ова, опипливо, на дело. Никој веќе не сака да слуша грдости и пакости. На светот му се потребни нежности од секаков вид.

Фото: Стерија Зиков

Ти си поетеса и писателка, ама сепак излезе од таа димензија и приказната ја раскажа преку слика? А сликата е испринтана на стакло. Зошто таков концепт?

-Ви стојам сега овде разголена и со телото и со душата, а кој себеси се смета за безгрешен – прв нека фрли камен кон фотографиите на стакло. Животот и онака е премногу кршлива материја, тешка за составување, проѕирна, низ која се гледаат и лицето и опачината. Ова го потенцирам постојано: "еднаш покажано вреди повеќе одошто сто пати кажано". Дури и мене како на писателка, смачено ми е од раскажување гачки и прикаски. Презаситена сум од празни зборови, сакам да покажувам на дело. Затоа моите методи беа: "повелете, видете - вака се прави тоа". Сликата активира други рецептори и предизвикува лачење на поинакви хормони во мозокот.

Борец си. Но, каква е твојата кревка страна, ја имаме сите?

-Љубовта е мојата и најсилна и најнежна страна. И мојот меч и моја "Ахилова" петица.
За неа знаат само привилегираните и одбраните.

Што е животот, кога не е борба?

-Ќе ви одговорам со две куси песни од претходната книга, затоа што не е многу умно да се умува за животот. Кога и да се обидеш да го дефинираш ќе ја заврти својата опонентна страна. Само прифаќањето дека животот е полн со антагонизми, дека е континуирано прелевање, како чај или кафе, од еден филџан во друг, а притоа се ретчи, се отсипува настрана, капнува и по некоја капка каде не било планирано, го прави совршено убав.

ЖИВОТОТ Е КАКО ЧАЈ

Подолго време обмислуваш каков го посакуваш
Не можеш да одлучиш дури и помеѓу два вида
Потребни се минути за да дојде до точка на зовривање
а многу повеќе време за да остине и стане питок
Го испиваш на искап и секогаш си одново жеден

ЖИВОТОТ Е КАКО ПИЕЊЕ КАФЕ
ДОДЕКА ЧИТАШ КАТРЕН

Со нетрпение брзаш да го вкусиш пред да остине
Подголтнуваш по малку за подолго да трае
Веднаш си подготвен да испиеш уште многу
но, талогот во чашата сведочи за само уште едно
завршено уживање...

Објавено:
28 април 2020
object(stdClass)#447 (8) { ["nid"]=> string(5) "24127" ["ga_count"]=> string(4) "1176" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691100000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.176 пати