Стефанија Гаштарска и Марија Крстевска

Да се биде артист на театарот „Бољшој“ е луксуз кој им припаѓа на највредните и најамбициозните

Интервју со
балерина
11 јуни 2020

Неодамна, во морето неубави и загрижувачки вести низ интернет просторот, одекна и една прекрасна. И тоа од дома - младата Стефанија Гаштарска е првата Македонка што успеала да стане дел од ансамблот на престижниот театар „Бољшој“.

На таква вест не можете да не кажете браво! Во ерата на ријалити ѕвезди, на деградација на вредности, кога површината доминира над содржината, една 18-годишна девојка го докажа токму спротивното - дека квалитетот и напорната работа можат да те доведат до остварување на сонот. Сцената што многу од балерините ја посакуваат и сонуваат, таа ја впива со сите сетила и чекори по неа.

Сега, секој балетски чекор  со „крв, солзи и пот“, зад себе остава и ѕвездена прашина, која се надеваме ќе ѝ го постела и патот што следи пред неа и ќе ја доведе до нејзината крајна желба.

За тоа каква е нејзината цел во животот, како изгледа еден нејзин ден, за образовниот систем во Македонија и Русија, за шансите и жртвите разговаравме токму со 18-годишната Стефанија Гаштарска. Нејзината приказна, која можете да ја наречете и бајка со сите елементи што ја сочинуваат, ја надополнува и нејзината мајка, балерината Марија Крстевска, која открива што се крие зад сега среќниот крај.

Разговорот со овие две дами, следи во продолжение:

 

Стефи, како изгледа патот од Илија Николовски Луј до Бaљшој театарот?

-За да се стигне до Болшој од било каде е тешко, а од една мала држава како нашата е просто нереално. Поминав долг пат колку и да звучи смешно, со оглед на тоа дека имам само 18 години, пат со реални проблеми, многу жртви, многу многу работа, натпрвари, но пат и со многу успеси, среќни моменти кои ме мотивираа да продожам понатаму со уште поголемо темпо и елан. Вежбав многу, но не само затоа што бев амбициозна, туку и затоа што ја имав мајка ми покрај себе себе. Таа секогаш ме насочуваше и ми го овозможуваше тој напредок, благодарение на тоа што и самата е во таа професија и точно знаеше што е потребно за да се стаса до таму каде што сум јас денес. Имав голема среќа во еден период  да работам и со професорката Елисавета Кушовска од која научив многу и на која сум ѝ бескрајно благодарна, бидејќи работата со неа ме донесе до финалето на еден од најголемите професионални натпревари по балет , Арабеска,, -Перм ,Русија, натпревар под заштита на UNESCO, после што и следеше покана за школување во едно од најпрестижните  и најстари Ваганова училишта, државното училиште во Перм. Тука е и подршката и работата со наставничката во чија класа бев во тој период, Дафина Данилоска.

Си имала можност да се запознаеш и со нашиот и со рускиот систем на образование. Може ли да се направи споредба, во што се разликуваат?

-Се разликуваат дефинитивно, првин по условите што ги нудат, но и квалитетот на образованието што можеби е логично и реално со оглед на тоа каква и колкава традиција имаат Русите, посебно кога се работи за уметност. Во „Болшој Академијата“, а секако и во државното училиште во Перм се стекнуваш со комплетно образование , не само за балет туку буквално за сè. Професоите бараат многу, но и нудат многу од знаење. Во академијата научив многу и за балет и за музика, за композиторите, историја на руска култура, историја на театар, историја на балет, историја на уметност,  информатика, физика, психологија, педагогија... Тоа и беше целта на мајка ми, што толку се трудеше да ми овозможи да учам во Русиија, да добијам комплетно (не само балетско) врвно образование.

Каков е твојот стил како балерина? Се сметаш за принцеза на сцената или успева и темпераментот да остави белег како карактеристика – смее ли една балерина воопшто да си го дозволи тоа на сцената?

-Секоја улога бара различен начин на итерпретација различен стил, манир, темперамент... Една коплетна балерина треба да може да ги изведе сите стилови и различни темпераменти за да биде успешна, но секогаш треба да се стреми кон индивидуалност во игрта и да создаде свој стил по кој утре ќе биде препознатлива и единствена. Искрено се надевам дека тоа ќе успеам да го постигнам. Предизвикот да се одигра и белиот и црниот лебед во претставата „Лебедово Езеро“ е токму тоа, да го  доловиш контрастот  на тие две улоги, односно да успееш во една претстава да се трансформираш од нежна и кршлива до арогантна и негативна. Затоа, оваа претстава е најголемиот предизвик за една балерина.

По што си посебна  - артистичноста или техниката?

-Една балерина мора да поседува сè и артистичност и техника, без тие две компоненти не може да се биде комплетна балерина. Јас напорно работам за да бидам комплетна и се надевам ќе добијам шанса да го покажам моето умеење во некоја од претсатвите на сцената на „Бољшој“ театарот.

 

„Бољшој" е врвот за еден артист 


Дали и на овие години е забележлива конкуренција? Иако си сè уште млада, како гледаш на суетноста?

-Како не, во сите професии е забележлива конкуренција, а во балетот тоа е можеби само најизрзено. Има да, ама така и треба да биде, здравата конкуренција е голема мотивација и јас на тоа гледам позитивно .На суетноста не гледам како на нешто позитивно, колку и да си голем и познат треба да останеш приземен, реален и скромен, тоа е доблеста на еден човек.

Како изгледа еден твој ден во Москва?

-Претежно поминат во сала . Во текот на денот имаме многу вежби и проби ,многу балетски часови карактерни игри, дуетен танц, историски, современ..... а кога не сум во сала тогаш сум на предавања. Многу малку слободно време имам, а кога го имам, и тоа обично во недела, бидејќи и сабота ни е работна, го користам да се прошетам по „Горки Парк“да се напијам кафе лате со другарка и да гледам некој претстава во театарот „Бољшој“.

 

Која е првата работа што сакаш да ја правиш кога ќе си дојдеш дома?

-Да се изгушкам и изнаиграм со брат ми Давид : ), да си го поминам секој момент со семејството бидејќи тоа се ретки моменти и ги користам максимално.

Амбицијата и багажот од преголеми очекувања? Каде е границата?

-Нормално е и треба да се има амбиција и тоа голема, тоа е моторот, треба да се сонува, но и да се работи напорно, треба се поставуваат високи цели, но да си свесен за жртвите што треба да ги поднесеш. Јас сум човек што си постави и тоа како голема цел, но секако бев подготвена и да го поднесам товарот. Соништата сами од себе нема да се остварат, но треба да ги имаш. За да ја постигнеш целта траба да ја зацрташ, а лимитот за мене е првенка на „Бољшој театар“.

Што конкретно значи да се биде вработен таму?

-Тоа значи дека вредела работата, трудот и жртвите : ). Да се биде артист на еден театар како што е „Бољшој“ е луксуз кој им припаѓа само на највредните, најпожртвуваните, најамбициозните. „Бољшој“ е врвот за еден артист .

Велиш, твојата цел не е да си само вработена балерина, туку прима балерина во „Бољшој“. Што значи тоа од сега натаму? Какви критериуми треба да исполниш?

-Тоа секако значи целодневни проби ,многу работа, надградување на себе и на тоа што си го постигнал, но и срќа, да добијам  шанса да покажам колку умеам и нормално, таа шанса максимално да ја искористам за да докажам дека сум ја заслужила.

 

Јас овој начин на живот сум го одбрала и уживам во него


Што е најдобрата работа од работата што ја работиш?

-Тоа што е креативна, интересна, комплексна. Дефинитивно, тоа е возвишена професија и е голема привилегија  да се биде блетски уметник.

Потекнуваш од семејство каде се испреплетуваат уметноста и спортот. Кои совети ги имаш прифатено од родителите, во контекст и на професијата, но и животот?

-Да работам напорно, да живеам здраво, да се хранам правилно, да сум амбициозна, вредна, но скромна и секогаш да бидам чесна пред себе и другите.

Како го доживуваш ова медиумско внимание што сега го добиваш дома?

-Малку сум збунета искрено, некако сум навикната вниманието и доказот дека сум на прав пат да го добивам на сцена, но од друга старана многу сум среќна што луѓето (јавноста) се радуваат за мојот успех, тоа ми е дополнителна мотивација, голема поддршка  и ме радува доколку јас преку мојата приказна станам мотивација за некоја идна балерина  и општо за младите во државата.

Се сметаш ли за поразлична од своите врсници? Каде ги гледаш најголемите промени кај себе?

-Дефинитивно се чувствувам поразлична, но сето тоа е затоа што професијата која сум ја избрала го наложува тоа. Легнувам рано, за телото да ми е одморно и спремно за тешките проби кои ме очекуваат, не пијам акохол, цигари никако, се хранам здраво... Но, секако бев свесна за тоа и воопшто не ми претставува проблем, јас овој начин на живот сум го одбрала и уживам во него .

Балетот и модата – од рачно шиени костими до бренд амбасадор на “Гришко“. Што значи да се биде бренд амбасадор? Што најмногу сакаш да носиш кога ќе го симнеш од себе костимот?

-Да вистина, од рачно шиени костими до „Гришко“- бренд амбасадор . Сето тоа многу ми значи. Секој период колку и да бил тежок, носел своја магија. Колку само љубов, позитивна енергија и труд имаше во костимите што ги правеше мајка ми, тој период ми беше многу значаен и вреден, некако научив уште повеќе да го ценам тоа што мајка ми го правеше и прави за мене. А од друга страна, да се биде бранд амбасадор на најпознатиот балетски бренд „Гришко“, кој ми бил најомилен од мала, тоа секако е огромна чест и задоволство за мене. Да се биде нивно заштитно лице е исполнување на сон на една балерина. Шансата да се ужива во танцување во најудобните шпиц патики, да се вежба во прекрасните трикоа и да се настапува во нивните костими е нешто за што сум можела само да сонувам и за тоа сум многу благодарна. Кога не  сум во балетски костим, дефинитивно сум во нешто удобно  и практично. Преферирам спортски стил на облекување, но некогаш ситуацијата наложува нешто поелегантно, во тој случај сакам да носам едноставни елегатни фустанчиња.

Размислуваш ли некогаш што после балетот?

-Сè уште не , сепак сум само на почеток на кариерата ,но дефинитивно повторно ќе биде поврзано со балет. Веројатно ќе гледам да го пренесам знаењето на идните генерации, што значи најверојатно мојт избор би бил балетски педагог.

 

Сè уште не сум свесна дека заедно со Стефи успеавме да го оствариме сонот


Пат постелан со рози и трње. И колку да ви звучи оваа синтагма како клише, точно го опишува она со што се соочувале Марија и Стефи при чекорењето до остварувањето на сонот. А токму во таа насока го продолживме разговорот со Марија:

Прочитав податок дека да се „издигне“ балерина до 18 годишна возраст, трошоците на тренинг, опрема и трошоците за аудиции се проценуваат на 120.000 долари. Реална ли е оваа сума?

-Многу е реална. Една година во добро балетско училиште чини од 10 000евра па нагоре, а на тоа плус интернат, храна, балетски патики, опрема, авионски карти, секојдневни трошоци, натпревари... Огромни се трошоците посебно за една самохрана мајка на две деца, со плата на балерина со стандардот што го имаме. Толку е незамисливо тешко што и  јас сè уште не сум свесна дека заедно со Стефи успеавме во тоа, но најтешкиот момент  беше да ги убедам институциите дека Стефи е вонсериски талентрано дете и дека целата иднина ѝ зависи од нивниот одговор и од нивната поддршка. Колку само барања имам испратено колку молби, колку непреспиени ноќи..... буквално секој ден се боревме со низвесност дали ќе успееме да ја собереме потребната сума и дали ќе успее да дипломира на академијата од нејзините соништа, иако беше најдобар студент во руски клас.

Имавте ли помош од институциите, државата или најчесто беше „успех во сопствена режија?

-За да стасаме до моментот да нејзиниот талент и потенцијал биде препознаен од врвните балетски стручњаци, се со цел  да и се пружи можност  школувањето да го продолжи во колевката на балетската уметност  Русија јас сметав дека е потребно да оди на високо професионални натпревари. .За сите тие натпревари морав да ноѓам средства сама, иако на тие натпревари го претставуваше училиштето МБУЦ. За секој натпревар беше потребна голема сумае за да се покријат комплетните тошоци и за Стефи и за професорката, од авионски карти, сместување, храна, котизации... За среќа  за дел од сумата кога натпреварите беа во прашање  ни излегуваше во пресрет Министерство за култура, а првите две фирми кои помогнаа за првиот натпревар na Стефи во Рига беа „Fashion group“ и „Bauer“ на кого ги ветивме првите карти за во „Бољшој“ :)

Целиот тој процес беше ужасно тежок, ама во ниеден момент не отстапив од идејата Стефи да се школува во Русија, бидејќи тоа дете го заслужува тоа. После натпреварот во Перм ја повикаа да се школува во државното Пермско балетско училиште и тоа беше шансата што ја чекавме и што не смеевме да ја пропуштиме. Потребни беа многу пари, една година чинеше 10 000евра, а една авионска карта над 800 евра. Двете бевме свесни дека ваква шанса се добива еднаш  во животот и за да не ја пропуштиме земав кредит, свесни дека доколку не биде меѓу најдобрите и не добие стипендија ќе мора да се врати во Скопје. Стефанија со нејзиниот квалитет, амбициозност и пожртвуваност на само 14 год толку далеку од дома, (во Сибир), сама поред таква конкуренција успеа да се избори за  влез во Бољшој Академијата и да ѝ  биде овозможена стипендија преку „Russia study“ . Тоа беше најубавата вест што ја добивме, но трошоците околу интернатот, храна , авионски карти... моравме сами да ги обезбедиме, а висината на сумата месечно беше поголема од мојата месечна плата и со тоа  неизвесноста и борбата продолжија.. Најтешкиот дел беше да се убедат институциите во вредноста и квалитетот на Стефи ,колку што е сега воочливо толку на почеток тоа  беше тешко да се докаже и да се направи тие што треба, да го воочат тоа.

Тоа беше најмачниот процес бидејќи никако не можев да ја обезбедам целата потребна сума  .За дел од сумата земав кредит ,дел од Министерството за култура,  дел од Општина Центар , Општина Струмица, МОБ, ,Македонско –Руска Стопанска Комора но исто така безкрајно  сум благодарна и на „Еуролинк“... патешествие кое конечно и за наша среќа, заврши прекрасно.

 

Имавме многу тешки моменти ама за среќа многу повеќе ѕвездени моменти


Зошто е толку важно да се биде студент во руски клас?

-Разликата да учиш во интернационален клас и во руски е огромна, најпрво дипломите се различни, дипломата од интернационален клас нема ни приближно иста тежина и вредност како таа да завршиш во руска паралелка, за да се влезе во руски клас е права реткост и е привилегија само на најспособните и најталентираните

Веќе е познато дека во почетокот Вие сте ги изработувале костимите за Стефи. Како откривте дека воопшто сте талентирана за тоа?

 -Стефи ми е неисцрпна инспирација самата желба да ѝ овозможам сè бидејќи таа заслужува и повеќе од тоа, направи да ми се развијат супер моќи :). Благодарение на Стефи  пронајдов во себе таленти кои не бев ни свесна дека ги поседувам. Од шиење костими, нивно китење во зависност од тоа за која улога беа правени, до изработување на круни, балетски украси од камчиња, цртање маички со балетски мотиви, уметнички слики со Стефи на нив... Секоја креација што ја создавав за неа е правена со многу љубов, многу убава енергија... Сите тие моменти и изработки имаат посебно значење за нас.

рачно изработен костим од Марија

рачно изработен костим од Марија

круна рачно изработена од Марија

Колку чини (просечно) еден балетски костим? Колку треба да поседувате, доколку се занимавате со оваа работа?

-Просечно еден балетски костим чини од 400 евра нагоре, зависи од која фирма е и колку е накитен, па според тоа сумата варира. Конкретно за натпреварот во Перм беа потребни 5 костима. Сега откако е бранд амбасадор на „Гришко“ работите се многу поедноставни., Кога се опрема и балетски патики во прашање, како и нејзиниот сценски изглед, „Гришко“ стои комплетно позади Стефи. Секоја улога си има посебен костим, буквално за секоја улога

Стравувате ли дека може да изгори во амбицијата?

-Во ниеден момент немав ни најмала дилема, ниту сомнеж во Стефи и нејзините психофизички способности. Таа е едно вонсериско дете со врвни квалитети, премногу вредна, посветена, амбициозна и талентирана и ако до неодамна ова се сметаше за мое субјективно мислење ,сега веќе е факт : ).

рачно изработен костим од Марија

рачно изработен костим од Марија

рачно изработен костим од Марија

Што научивте Вие од сето ова?

-Научив многу. Мојот пат многу ми помогна да сите недостатоци и пропусти што јас ги направив во мојот развој како балетски уметник ги искористам позитивно за да ја насочам и да ѝ помогнам на ќерка ми да го пронајде својот пат и колку што можам да ѝ го олеснам. Факт е дека тоа што сум јас во истата професија ги олеснува работите, тоа што сум свесна во пропустите во нашиот образовен систем кога е балетот во прашање, тоа што можам да согледам дали рботите одат во права насока, тоа што бев со неа и покрај неа и кога требаше да се искритикува и пофали, сигурно имале влијание на целиот развој на настаните за сево ова да прерасне во една убава приказна - професионалниот развој и патот на една млада балерина со големи соништа од Македонија до Русија.

балетски украс изработен од Марија

Од дистанца, како гледате на ова животно патување на Стефи? Како гледате на нејзиниот успех како мајка, но и како некој од професијата?

-На ова наше заедничко патување гледам со многу емоции, имавме многу тешки моменти ама за среќа многу повеќе ѕвездени моменти. Како мајка сум многу горда и пресреќна што ќерка ми успеа да си го оствари сонот, што испишува историја и што е пример за тоа  колку соништата и да изгледаат нереално и недостижно, може да се остварат со многу љубов, поддршка, работа, што е  пример за  успешна приказна  и пример за идните генерации и за младите воопшто. Би била многу среќна доколку оваа наша приказна  поттикне и  има позитивно влијание над иднината на некоја млада балерина.

 

 

фото: приватна архива

Објавено:
11 јуни 2020
object(stdClass)#482 (8) { ["nid"]=> string(5) "24458" ["ga_count"]=> string(4) "2637" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1689026400" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1689026400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
2.637 пати