Висока мода: Скјапарели се претстави со скулптурални силуети и масивен накит

26 јануари 2021

По големиот успех со изгледот на Лејди Гага на инаугурацијата, креативниот директор на Скјапарели, Даниел Розбери, може слободно да се пензионира. Меѓутоа, за среќа на високата мода, не го стори тоа. Напротив, на модната недела која започна вчера, се претстави со крајно необична колекција која наиде на релативно позитивни коментари.

Колекцијата беше претставена со 25 изгледи, секој поинаков и повпечатлив од претходниот. Можеа да се забележат скулптурирани корсети во црна, кафена и циклама варијанта, како оној кој го носеше Ким Кардашијан во зелена варијанта на Инстаграм.

Ако сте љубител на масивен накит, сигурно ќе ви се допадне овој од колекцијава: голем, смел и претежно златен. Кога сме веќе кај златната, како боја преовладува во најголем дел од изгледите, а доаѓа до израз помеѓу монохроматските комбинации на црна и бела.

Ракавите кај голем дел од креациите ја делат истата масивност како и накитот. Помеѓу кожата и наборите кои даваат фантастична игра на димензии и текстура, ќе забележите и некоја целосно навезена тоалета.

Објавено:
26 јануари 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
178 пати