Дали е време течниот шампон да го замените за тврд?

23 март 2021

Најголемата битка во индустријата за убавина во моментов најверојатно е онаа меѓу течниот и тврдиот шампон. Течниот шампон ја ужива славата генерално години наназад, но во последно време тврдиот шампон котира високо меѓу потрошувачите и е голема конкуренција за чистачот на коса во шише. Во продолжение, неколку прашања околу тврдиот шампон чии одговори можеби не сте ги знаеле, пред да одлучите дали ќе посегнете по тврдиот или ќе се задржите на течниот шампон во иднина

Што е тврд шампон?

Очигледно, станува збор за течен шампон во цврста форма. Нанесувањето е различно, наместо да истиснете течност на дланката од пластично шише, го наводенувате тврдиот шампон кој има облик на сапун и настанатата пена ја користите зс масирање на скалпот. Како и течниот шампон, така и тврдиот има за задача да ја исчисти косата и да ги отстрани насобраните нечистотии од кожата на темето. И тврдиот шампон е достапен за сите типови коса.

Дали ефектот на тврдиот е ист како и оној на течниот шампон?

Накратко: да! Меѓутоа, при користење на тврд шампон, мосата еден период е леплива или нескротлива и со восочна текстура. На косата и' е потребен период на адаптација. Многу е важно да инвестирате во шампон кој во себе содржу сурфаканти - површинско активни супстанци кои се комбинираат со нечистотиите и мастите на кожата на скалпот и се одмиваат кога го плакнете шампонот.

Тврдиот шампон и буџетот

За разлика од течниот, тврдиот шампон е доста поекономичен. Во просек, еден тврд шампон е доволен за 80 миења, што значи заменува околу 2 шишиња течен. 

Тврдиот сапун е попрактичен

Барем кога е патувањето и просторот во прашање. Со течниот шампон, ризикувате да се истури врз алиштата во куферот, додека со тврдиот тој проблем го немате. Од друга страна, тврдиот шампон не зазема многу простор - ниво куферот, ниту во бањата.

Еколошки подобро решение

Една од главните причини поради која тврдиот шампон е толку актуелен во последно време е неговата позитивна еколошка природа. За разлика од течниот шампон,кој се пакува во пластични шишиња (само 9% од нив се рециклираат), твдриот доаѓа во картонска или биоразградлива амбалажа, што придонесува за поздрава животна средина. Освен тоа, скоро сите тврди шампони се изработени од 100% природни органски состојки. 

Накратко, ако сте поборник за подобра животна средина и природен состав, тврдиот шампон е решение за вас, иако можеби ќе ви треба време да се навикнете на восочното чувство кое го остава шампонот.

Објавено:
23 март 2021
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
744 пати