Добредојде дома стари! Едвај чекам да седнам до тебе пак...

19 август 2021

„Конечно, после една година изработка, долги ковид-месеци во склад, и неколку недели во кутија, сабајлево бронзениот Горан го виде небото над Дебар Маало!

За жал, поради новите мерки, нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено - едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен).

Така што, еве и овој пат, во текот на денот (здравје), Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите.

ДОБРЕДОЈДЕ ДОМА СТАРИ! Едвај чекам да седнам до тебе пак...“, со овие зборови синот на Горан Стефановски, Игор соопшти дека долгонајавуваната и очекувана скулптура од татко му конечно е во Скопје.

Нашиот голем драмски писател, академик и универзитетски професор Горан Стефановски почина во 2018 година, но остави големо културно наследство кое треба да го негуваме.

Цитати од „Диво месо“, „Тетовирани души“ „Дупло дно“ итн... и денес се актуелни и денес одѕвонуваат, веројатно уште посилно од времето и кога биле создадени. 

Три години по неговата смрт и речиси со година дена задоцнување, сега сите имаме можност да го поздравиме Горан во неговото Дебар Маало.

Тој е автор на некои од најпознатите македонски драми, меѓу кои: „Диво месо", „Јане Задрогаз", „Дупло Дно", „Тетовирани души" и многу други...

По три години од неговата смрт и 10 месеци откако беше најавено дека скулптурата на Горан Стефановски е готова, таа конечно го доби своето место во скопско Дебар Маало, а ние уште едно драго место во срцето на градот.

 

 

Објавено:
19 август 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.517 пати