Почина маестро Александар Џамбазов

25 јануари 2022

„Си замина нашиот МАЕСТРО, тивко и нечујно , како што живееше во последните 25 години...од денес, конечно со својата Анче...вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој...“, вака Игор Џамбазов се прости од својот татко на социјалните мрежи.

 

Александар Џамбазов почина на 85 годишна возраст, на само неколку дена пред својот роденден. Роден е на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина.

Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Има реализирано безброј снимки и концерти во живо, настапувал во земјава и во странство (Раденци во Словенија итн.). Добитник е на голем број  стручни награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

Неговиот творечки опус е многу богат. Автор е на голем број детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент беше на фестивалот за деца, „Златно славејче" во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо", за драмите „Мајка", „Двајца на нишалка" итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје" - за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации" - за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Во 2016 година беше промовирана мнографијата насловена „Маестро Александар Џамбазов – Живот низ сеќавања, афоризми, сентенции", на авторките музиколози Елени Новаковска и Јулијана Папазова.

-Многу ви благодарам на сите за честа што ми ја укажавте. За 37 години како диригент, јас не почувствував трема како вечерва. И сега размислувам, што значи да си најстар македонски композитор и по години и по стаж – рече Маестро Џамбазов и продолжи со своите анегдоти, посочувајќи дека ова дело е исполнето и со многу хумор, што го отсликува не само како музичар, туку и како човек.

 

 

Објавено:
25 јануари 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.292 пати