Кога ќе избледи мирисот на розата...

8 март 2022

Сè почесто слушаме реченици како 8 Март е „безврска“ ден, како многу жени не сакаат да го слават, бидејќи не чувствувале таква потреба.

А можеби не ја чувствуваат затоа што немале прилика да бидат „шлапнати“ од реалноста која тие не ја живеат. Или пак, ќе речете дека ние немаме време да се секираме за другите, како што можеби има некоја Скандинавка, ние сепак живееме на Балканот, а тука ништо никогаш не мирува и секој се „секира“ за себе, но подобро знае за друг.

Не знам како е во другите земји, но еве како ни е дома.

-Основното и средното образование се задолжителни, но сепак се' уште повеќе машки се запишуваат во основно училиште отколку девојчиња -  Во основните училишта (вкупно 1042), во учебната 2019/2020 се запишале повеќе ученици (96 740 ученици наспроти 90 500 ученички)142.  Во средните училишта (вкупно 138) ситуацијата е слична, односно во учебната 2019/2020 запишани се 36 297 ученици и 33 683 ученички.

-Жените доминираат во процентот на невработеност или уште полошо неактивност - не фигурираат во системот и не бараат работа - затоа што не им е дозволено бидејќи се жени, или затоа што мора да се грижат за домаќинството, бидејќи тоа е една од нејзините главни функции.

-На последните избори жени градоначалнички има само три. 

-Според Анкетата за користење на времето од 2015 од Државниот завод за статистика, жените имаат 4 ч и 53 мин. просечно слободно време на располагање, наспроти мажите кои користат 5ч и 42 мин. просечно слободно време. Просечното време, пак, поминато во домашни активности за мажите изнесува 1 ч и 11 мин., наспроти 3 ч и 38 мин. за жените. Жените поминуваат 18 пати повеќе време во миење садови, 9 пати повеќе време во готвење, 12 пати повеќе во чистење на домот, 3 пати повеќе во грижа на деца во однос на мажите.

-Сè уште има жени што никогаш не биле на гинеколог. 

-Жени се доведени во ситуација да се борат за живот и слобода, како жртви на насилство. Скоро половина (45 %) од жените доживеале некаква форма на насилство од страна на интимен партнер (физичко, сексуално и/или психолошко) од 15-годишна возраст, додека скоро секоја трета жена (30 %) доживеала сексуално вознемирување (ОБСЕ (2018) - Истражување спроведено од ОБСЕ за насилството врз жените во државата, Благосостојбата и безбедноста на жените). Последните податоци покажуваат дека 82 % од жртвите на семејно насилство се жени.

-Во нашиот „двор“ сè уште се коментира колку долго здолниште носи жената. А ако има тетоважи и пирсови - тогаш е наркоманка. 

-Во нашето „дома“ срамота е ако денеска немаш ручек, ако мажот сам си зготви или испегла, бидејќи „жена си, ти треба мажот да го стокмиш“. 

-Сè уште љубезност и насмевка се смета за непристојна покана.

-Забрането им е да се облекуваат како сакаат. 

И списокот секако не завршува тука...

Тоа што ние денеска овде пишуваме за овие теми и што пробуваме да ја разбудиме свеста, што имаме право да го дадеме својот глас, да го кажеме своето мислење  и да биде релевантно, тоа што гласот на жената не е само нежен, туку и силен, можеме да им се заблагодариме токму на Клара Цеткин и нејзините соборки.

Првиот национален Ден на жената е одбележан на 28-ми февруари 1909 година во САД, после декларацијата издадена од Социјалистичкта партија на САД. Истата година во август е организирана Меѓународната конференција на жените на Втора интернационална. Инспирирана со американското делување по повод ова прашање, Германката Луиз Циц предлага да се организира Меѓународен ден на жените.

Со оглед на тоа дека таа не е во можност да ја реализира својата идеја, иницијативата ја презема Клара Цеткин (1857-1993). Од 1889 година, Цеткин се бори за правата на жената. Првото одбележување на денот е на 18-ти март 1911 година во Австрија, Германија, Швајцарија и Данска. Со многу демострации, феминистките го одбележуваат и ширум Европа. Инаку, Швајцарија последна го воведува правото на жената да гласа (1972 година). На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.

Осми март како Меѓународен ден на жените, како официјален датум е прифатен во 1917 година. Обединетите нации од 1975 година (прогласена за меѓународна година на жената) почнаа и службено да го одбележуваат овој ден.

И зошто да не го славиме? Тоа е најмалку што можеме да направиме. И денека, по повод Меѓународниот ден на жената под слоганот „Сиромаштијата има женско лице" во Скопје  се одржува шестиот Марш за женски права. 

Дајте да застанеме една до друга. Да не си бидеме волчици, туку соборки на модерното време и да го продолжиме патот што едни храбри жени го започнаа за нас. И ние ќе треба да оставиме нешто за идните генерации - дајте да бидеме пример за женска солидарност.

-Во нашето „дома" се полемизира и се коментираат вести за тоа која жена мириса на парфем и рози, а која на запршка... Мирисајте на што сакате!

Од сите проблеми, најмал е како ќе го прославите денешниот ден. И тоа е ваше/наше право. Да го прославите како сакате. Но, уште поважно е што ќе правите/ме од утре. И како. Добар старт ќе биде да не се правиме дека овој ден е неважен, бидејќи ова е ден кога треба да видиме до каде сме стасале во борбата, а овие статистики велат дека имаме уште многу за борба. 

 

 

*Податоците се дел од презентацијата на ЗЕЛС за родова еднаквост по области

Објавено:
8 март 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
188 пати