My name is Goran Stefanovski, а вашето?

1 април 2022

„My name is Goran Stefanovski“ го читате називот на претставата, а штом светлата се изгаснат излегува на сцена Мето Јовановски и вели: „Јас сум Јане“.И уште од почетокот е јасно дека таа потреба и потрага по идентитет ќе биде нишката која ќе ги поврзе сите седум текста („ Црна дупка", „ Long play", „ Сараево", „ Казабалкан", „ Хотел Европа", „ Euroalian" и „ Одисеј") од Стефановски, кои досега не биле поставени на сцената на Драмски театар.

Сериозен потфат на режисерот Бранислав Миќуновиќ и драмартургот Бранислава Илиќ, која ја направи адаптацијата на текстовите, шетајќи не' низ овие седум дела на начин да изгледаат како раскажување на приказни поврзани токму преку проблематиките препознатливи за Стефановски.

Горан знаеше да каже дека понекогаш и дома се чувствуваш како странец. „Во Велика Британија ми недостига Скопје, а во Скопје – Англија“. Велеше: Говорам на два јазика, живеам на два простори, никако да се смирам. И, од тоа по малку веќе сум уморен. Уморни се и бројните емигранти по светот кои трагаат по нова локација и живот. Тоа се тие некои наши внатрешни идентитети, преиспитувања на нашите внатрешни идентитети. Во овие текстови што ги користиме за претставата има реченица која вели: Домот е таму каде што боли! - изјави Миќуновиќ на конференцијата за медиуми.

Идентитетот кој започнува од кажувањето на своето име, од местото каде живееме, или каде би сакале да живееме. Идентитетот преку идеологии, преку навики, преку отпор. Идентитет преку дом.

А каде е тој?

Оној Одисеј на Горан вели онаму каде што боли.

А боли и минатото, но и сегашноста, од неа бегаме. Ќе боли и иднината. Други ја кројат. 

Болат спомените кои истовремено се и храна. А храна ни треба за егзитенција. Но, на крај ни останува само оној див, нескротилив, сиров, природен нагон на физичкото, оти другото е затруено - со мисли, одлуки, навики, наметнани верувања, власт, идеологии... Затоа што другото често е како други сакаат.

Ние заминуваме од дома, барајќи се себеси, заминуваме за да сфатиме дека имаме каде да се вратиме. И Одисеј заминал од Итака. И Горан заминуваше и се враќаше. Вчера повторно се врати дома.

„Чувствував голем страв при работата на текстовите бидејќи јас никогаш не го запознав. Во драматуршките кругови од Македонија до Словенија, тој и икона. Неговите дела се факултетска лектира. „Идентитетот не е зацртан, туку се освојува од ден на  ден. Исто како и слободата“ - оваа негова мисла б еше мнојата појдовна точка при изборот на драми и сцени во кои оваа потрага по авторот, но и на луѓето од овие простори, е видлива. Во периодот на пандемија се отворија многу прашања н а кои Горан, да беше жив, ќе одговореше лично, ќе заземеше став и ќе напишеше нова драма. Но, всушност, тој преку драмите кои веќе ги напиша го предвиде она што ние го живееме. Ги читав драмите хронолошки и овој текст не е само за нас тука, туку за било каде во Европа. Потребата по сигурност, идентитет се се' уште актуелни“, објаснува Бранислава Илиќ.

Делата кои се споени во овој омаж се пишувани од 1987 до 2012 година. А ние еве ги гледаме во 2022 и сфаќаме дека пораките и проблемите се толку актуелни, што дури ти доаѓа и да се засрамиш.

А во меѓувреме животот останал „натпревар во гомнојадење. Во наше маало гомна јадат, во ваше маало гомна серат“.

Се' уште други глумат богови и заведуваат во убава облека, а со зли намери. 

Разговараа меѓу себе ликовите, но никогаш не се гледаа во очи, во лице. Гледаа некаде таму, далеку. Во иднината, присетувајќи се на минатото, а спасувајќи се од сегашноста. Не е лесно да го погледнеш другиот во очи.

Имаше и музика, но како што се вели во една од репликите, порано барем се знаеше што е музика, а сега дрнда кој стаса. Не само за музика. За се'.

Седумте приказни беа совршено претставени и надополнети и преку сведената сценографија, дополнета со реквизити на Александар Дениќ, познато име на германската театарска сцена. Оригиналната музика е на Влатко Стефановски, а останатиот музички избор е на Давор Јордановски. Костимите кои умешно ја следеа приказната на ликовите се на Розе Трајчевска.

А спојот на старите и нови актерски сили на сцената на „Драмски“ се покажа одличен. 

Билјана Драгиќевиќ - Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов - Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветаковски, Саша Димитриевска се актерските имиња кои ја пренесоа замислата на Миќуновиќ и Илиќ.

И покрај тоа што низ своето творештво, интервјуа, разговори официјални и неофицијални,  постојано истакнуваше дека уште трага по домот и идентитетот, неговиот (за нас) сепак беше јасен. 

Секаде се претставуваше со: „Моето име е Горан Стефановски“. 

Како би се претставиле ние?

Претставата ќе има уште две премиери, вечерва и утре со почеток од 20 часот, а потоа ќе биде и дел од репертоарот на Драмски театар.

 

фото: facebook.com/dramskiteatar;

Објавено:
1 април 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.318 пати