Џим Кери се повлекува од актерството: Го сакам мојот мирен живот

5 април 2022

Откако пред неколку дена Брус Вилис најави дека се пензионира од актерскиот живот, наведувајќи ја неговата здравствена состојба како причина, уште една актерска ѕвезда најави повлекување.

Џим Кери изјави дека е прилично сериозен во својата намера да се откаже од актерството или барем да го стави на пауза до некое сценарио кое навистина ќе го воодушеви и притоа наведе дека тоа не го прави од здравствени причини, туку дека се работи за лична одлука.

„Па, се пензионирам. Да, најверојатно... Навистина сум сериозен. Зависи, освен ако не се работи за сценарио напишано со „златно мастило" кое би било многу важно за луѓето да го видат, можеби во тој случај би продолжил, но сега си земам пауза. Навистина го сакам мојот мирен живот и уживам да сликам на платно и го сакам мојот духовен живот. Направив доволно. Доволно ми е...", изјави актерот во интервју за „Access".

Кери има околу 60 улоги во филмови, и ТВ-серии, од кои повеќето се комедии (Ејс Вентура: Луд детектив, Глупав и поглупав, Како Гринч го украде Божиќ, Кажи да, Дик и Џејн ....). За највпечатливи важат неговите ликови во трагикомедијата „Шоуто на Труман" (1998) и мелодрамата „Сјајот на чистиот ум" (2004), каде комичните улоги ги замени со драматични.

Има освоено две награди „Златен глобус", 11 филмски награди на „Ем-ти-ви" и француски Орден за уметност и литература (2010).

Канадскиот актер во јануари наполни 60 години, а неговиот последен актуелен проект е неговата улога во второто продолжение на филмот „Соник: Супер еж 2" (Sonic the Hedgehog 2).

 

Објавено:
5 април 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
76 пати
Тагови: 
Џим Кери