Мурал во скопско Дебар Маало за 70-от роденден на Горан Стефановски

28 април 2022

Вчера по повод 70-от роденден на еден од најзначајните македонски драматурзи и писатели, Горан Стефановски, беше претставен мурал со неговиот лик на фасадата на ООУ „Коле Неделковски" во скопско Дебар Маало.

Автор на муралот е уметникот и тату-артист Блаже Атанасков-Нејмлес, и истиот е дел од програмата на Општина Центар за одбележување на јубилејниот роденден на бардот на македонската драма.

Свое обраќање на настанот имаше и синот на Горан Стефановски, Игор, кој меѓу другото се осврна и на претставата „Моето име е Горан Стефановски" актуелна на репертоарот на Драмски театар, а која претставува еден вид на омаж на текстови на авторот кои до сега не биле поставени на сцена.

Во рамки на програмата беше изведен и драмски перформанс „Маалски драмски разговори" во паркчето во Дебар Маало каде е поставено и бронзеното спомен-обележје: клупа на која седи Горан Стефановски.

Авторот на најславната телевизиска серија во македонска продукција „Бушава азбука", почина во ноември 2018 година на 66-годишна возраст.

Неговите легендарни драми „Диво месо", „Лет во место", „Дупло дно", „Хај-Фај", „Тетовирани души", се лектира за сите генерации и имаат непроценлива вредност за македонското драмско творештво.

Објавено:
28 април 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
615 пати