Можеби времето викендов во Скопје не беше добро, но музичката прогноза беше одлична!
Deep Purple згрмеа во салата Борис Трајковски, стишувајќи ги и грмотевиците надвор. И нема потреба од формалности за тоа со што го отвориле концертот, како се случувале нештата линеарно, бидејќи она што е најважно е емоцијата. Кога ќе видите генерации од кои и не очекувате да ги знаат Deep Purple, кога гледате генерации на вашите родители, дедо и внук заедно, мајка и ќерка заедно, сфаќате дека музиката што ја прават е безвременска и дека присуствувате на концерт кој ги брише сите граници.
Кога ќе видите дека Иан Гилан и екипата (најголемиот дел) се во осмата деценија од животот фрлаат такви искри енергија од бината, која не може да не ја почувствувате, во прв момент сте и збунети и си велите дека никогаш повеќе за никого во животот нема да речете дека е стар, бидејќи тие се најголемите „младичи" кои некогаш сте ги виделе. Нешто ново, нешто старо можеше да се слушне во саботата вечер, а се' така спакувано, да нема никаква разлика од датумот на „производство" на нивната музика.
За нивната големина говори и фактот што отсвиреа неколку такта од Јовано Јованке, со што покажаа огромна почит кон местото каде што настапуваат, а воопшто немаа проблем ниту да се заблагодарат, да се поклонат и да покажат колку сте искрено воодушевени од атмосферата и фибекот кој македонската публика им го овозможи и која им покажа, после околу 15 години од претходната средба, дека нашето срце и љубов кон музикатата воопшто не се намалиле. Овој концерт ќе го паметат и тие и ние, бидејќи заеднички направивме силен електричен спој, поголем од оние што во моментот ги имаше од другата страна на салата. Ништо немаше површно таа вечер, се' беше Deep - емоцијата, желбата, љубовта, музиката, сеќавањето, споменот.
Фото: Авалон, Стефан Рајхл