Нашата балерина Стефанија Гаштарска рускиот „Форбс“ ја стави на листата на осумте идни ѕвезди на Русија

6 февруари 2023

Македонската балерина Стефанија Гаштарска, која е првата Македонка која успеа да стане дел од ансамблот на престижниот театар „Бољшој", се најде на листата на осумте идни ѕвезди на Русија, според руското издание на магазинот „Форбс".

Пред две години, кога на 18-годишна возраст таа официјално стана дел од семејството на „Бољшој", Стефанија го опиша искуството и целиот вложен труд за да се оствари таквиот успех, во ексклузивно интервју за Fashionel.mk кое може да го прочитате на овој линк.

Дваесетгодишната Стефанија почна да се занимава со балет на девет години во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј", во класата на Дафина Данилоска-Кочевска. На 15 години замина да учи во државното училиште во Перм (Русија), едно од најстарите балетски школи кои работат по Ваганова методот, а образованието го продолжи во Академијата за балет на Бољшој. На 16 години настапи во Бољшој, играјќи ја принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица" на балетската гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа, на која настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.

За една сезона изигра седум главни улоги во најголемите класични дела. На гостување во театарот „Михајловски" во Санкт Петербург играше во „Лебедово езеро" а критичарите ја споредија со Ана Павлова.

Објавено:
6 февруари 2023
Категорија: 
Култура
Прочитано:
456 пати