Everything Everywhere All at Once - големите победници на Оскаровската вечер

13 март 2023

Помина уште едно оскаровско издание, 95-то по ред, и донесе нови победници кои им се придружија на досегашните добитници на златни статуетки.

Пред да започне долгоочекуваното прогласување на најдобрите, ѕвездите приредија и модно шоу гордо чекорејќи по црвениот тепих, секој со своја уникатна креација.

Долби театарот во Лос Анџелес посведочи на уште една гламурозна ноќ во чест на филмот, каде научно фантастичното ремек дело, Сè секаде, одеднаш, зеде најголем број на награди.

Филмот на Даниел Кван и Даниел Шајнерт, убедливо доминираше на овие Оскари освојувајќи награда за најдобар филм, најдобро сценарио и најдобра режија.

Главната протагонистка на Сè секаде одеднаш, Мишел Јо, се закити со оскар за најдобра женска улога и испиша историја како првата азијатка што ја освоила оваа престижна награда.

Џејми Ли Кертис и Ке Хуј Куан од истоимениот филм, беа прогласени за актери во најдобра споредна улога, додека оскар за главна машка улога зеде Брендон Фрејзер, за улогата во Китот.

Оскарите беа и голем камбек за Фрејзер, кој по поголема пауза, повторно се појави на филмското платно.
Филмот Китот понесе уште еден оскар, за најдобра шминка и фризура.

Пинокио на Гилермо дел Торо, беше прогласен за најдобар долгометражен анимиран филм, а оскар за најдобар документарец доби филмот Навални.

Костимографката Рут Е. Картер освои награда во својата категорија и стана првата афроамериканка што се закитила со два оскари.

Топ Ган Маверик, кој имаше номинација за најдобар филм, успеа да земе оскар за звук.

Водител беше комичарот Џими Кимел, додека Ријана и Лејди Гага ги забавуваа присутните со свои изведби.

Фото: Getty, USA Today

Објавено:
13 март 2023
Категорија: 
Култура
Прочитано:
102 пати