Новинар

Љубовта кон новинарството ми е поголема од стравот

Интервју со
Кристина Атовска
21 март 2023

Сите емоции што ги штедела во име на новинарската објективност и професионалност за време на известувањата од воените полиња во Украина, новинарката Кристина Атовска ги истури во нејзиниот документарец „Приспивни сирени". Чистата и соголена емоција искрено и до срж допре и до публиката во Скопје, која имаше можност премиерно да го погледне документарниот филм на 27 февруари. Како што вели нашата хероина во разговорот што ќе го читате во продолжение, од Украина се вратила со десетици часови видео материјал кои ја носат тежината на многу трогателни приказни. Тешка била одлуката чија приказна да ја раскаже, па затоа на крај се одлучила да го пренесе својот емотивен ролеркостер што го преживеала во тие три месеци, како единствен македонски воен известувач од војната во Украина.

Документарниот филм веќе освои низа светски филмски признанија, а додека го подготвувавме интервјуто доби и селекција на Palm Beach International Film Festival, каде ќе биде и светската премиера на 21ви април.

Неговата емоција ќе остане како сведоштво за ужасните страдања на цивилите во војната. Траорот и ужасот се неминовни, но ова е и приказна за надеж, неоткажување и волја за живот.

Сама, упорна и без буџет. Така го започнавте вашиот херојски подвиг на украинските фронтови кој ве исправи пред бројни предизвици, но останавте истрајна во својата мисија. Како?

-Љубовта кон новинарството (во сите форми и жанрови) ми е поголема од стравот. Новинарството го сакам отсекогаш, пред се зошто навистина верувам во неговата моќ да ги менува или корегира општествените состојби. И нема да се откажам од таа верба, колку и да изгледаат беспомошни и очајни условите во новинарството. Тоа е причината за мојата истрајност и низ годините наназад. Секако, военото известување е неспоредливо со која било друга новинарска работа поради степенот на ризик по животот и токму затоа е најголем предизвик. Военото известување не е за секого, но оние кои го работат тоа, навистина го сакаат. Во Украина запознав илјадници воени репортери, а ниту еден од нив не беше пратен таму против своја волја. Можеби оваа желба потекнува од поривот да им се помогне на најзагрозените, да се биде меѓу нив и да се покаже што навистина им се случува. Моите предизвици беа далеку поголеми од оние на странските колеги со оглед на недостигот на финансиски и логистички ресурси со кои се соочив. Како и да е, желбата да бидам таму е она што ги рушеше моите препреки. Мислам дека се се сведува на две работи, колку нештото вистински го сакаме и колку сме подготвени да жртвуваме за тоа.

На што ве научи, а не очекувавте, искуството на воениот терен во Украина?

-На трпение и смиреност. Во војната имав безброј ситуации на кои не беше возможно да влијаам, а животот ми беше во опасност. Во тие ситуации свесна бев дека не смеам да си дозволам да бидам нервозна, вознемирена или исплашена зошто сите такви чувства и мисли би можеле да бидат кобни. Неколку пати, милисекунди или милиметри ме делеа од смрт и верувам дека бистриот ум ми го спаси животот во тие моменти. Близината со смртта пак, ме научи да не се нервирам на неважни работи.

Епилогот низ вашите очи, публиката има/ше можност да го посведочи преку „Приспивни сирени", вашиот документарен филм кој својата премиера пред домашната публика ја имаше на 27 февруари. Ефект на шок и директно соочување со реалноста, преку лична приказна. Какви емоции доживеавте кога бевте во публиката на премиерата? И колку самиот документарец е емоција?

-Документарецот е само емоција. Од Украина се вратив со десетици часови видео материјал со многу трогателни стории и навистина ни беше тешко да одлучиме чија приказна ќе раскажеме. Затоа одлучивме да ја раскажеме мојата, односно ролеркостерот на емоции доживеани во трите месеци таму. Подоцна, во процесот на монтажа, повторно ги преживував тие моменти и секој пат со истата емоција. Она што навистина ме трогна додека седев во публиката е сознанието дека емоциите се пренесени. Кога видов колку многу луѓе плачат за време на проекцијата, сфатив дека сум успеала да доловам барем дел од она што сум го почувствувала. На крајот на денот, тоа ми беше најважно. Филмот е за животите на цивилите, на најневините во една војна и многу ми беше важно да покажам како се чувствуваат тие луѓе и како се носат со тоа што им се случува. Траорот и ужасот се неминовни, но ова е и приказна за надеж, неоткажување и волја за живот.

Што најмногу ве допре во тие три месеци под „дождот од бомби"? Имаше ли моменти кога човечката емпатија ја надвладеа новинарската објективност?

-Во новинарските известувања/јавувања во живо не дозволив чувствата да ми ја нарушат објективноста, но затоа пак во филмот ги истурив сите емоции и целата емпатија. Телевизиските новинари, генерално, имаме вештина да ги блокираме чувствата кога камерата е вперена во нас, но овој пат можам да кажам дека беше поинаку бидејќи додека ги снимав сториите на луѓето, јас ја држев камерата, што ме ослободи од притисокот да се воздржам од емоции. Многу пати ми се случуваше да плачам додека разговарам со луѓето. Навистина ми е тешко да издвојам една работа што најмногу ме допре. Сите слики што ги посведочив таму ми се длабоко врежани во срцето и меморијата. Ме допреа ѕверштините на кои е способен човекот, сликите од безмилосно оставените тела по улиците или во масовната гробница, ме допреа солзите и очајот на живите луѓе кои изгубиле сѐ што имаат, но ме допреа и примерите на храброст, истрајност, волја и надеж кои во војна се значително поистакнати. Фасцинирана сум од силата и истрајноста на луѓето кои одлучиле да останат да живеат во најопасните региони. На нивните лица не видов страв и паника, иако бомбите паѓаа насекаде околу нив. Во некои од најопасните региони, преочигледна беше среќата кај луѓето кога ќе здогледаа новинар. Малку новинари одат во црвени зони и затоа сознанието кај луѓето заглавени таму, дека има кој да ги слушне и да ја пренесе нивната приказна, им влева голема надеж. Разговорот со новинари им даваше чувство дека не се сами, а очигледно тоа чувство им е многу потребно. Мислам дека токму таа искрена емоција е она што им дава сила и желба на новинарите да останат да работат во најопасните зони. Кога сме таму, повеќе не се работи само за тоа да му покажеме на светот што се случува, туку и за тоа што претставуваме за луѓето кои се потонати во очајот на војната.

Вие сте новинарка на која насилните настани на терен не ѝ се непозната категорија, воедно една од ретките воени репортерки кај нас. Колку вашето претходно искуство ви помогна да се подготвите за тоа што ве очекуваше во Украина? Воопшто, може ли човек да биде подготвен да се соочи со војна?

-Од оваа дистанца гледано, воопшто не може да се спореди известувањето од насилни протести (колку и да се насилни) и известувањето од војна. Всушност и различни репортерски правила важат во двата случаи. Она што го носев како искуство добиено од насилните протести е тоа насилството да не ми е страно, особено насилството во толпа. Но освен искуството, го имав и наученото, а неискористено знаење. Во студентските денови посетував странска обука за воено репортерство, па можам да кажам дека се чувствував подготвено. Главен фактор во военото известување е психичката подготвеност и тоа е она по кое најмногу се разликува од известувањето од насилни настани. Во војна, го немате чувството дека би можеле да реагирате или бегате ако насилството ви се заканува директно вам. Во некои животозагрозувачки моменти го немате ниту чувството дека можете да се потпрете на сопствените рефлекси, се што ви останува е да останете смирени и да чекате. Како што кажав и погоре, во војна не смеете да се препуштите на стравот и паниката. Најголемата разлика е во тоа што протестите/насилството завршува после некое време и си одите дома на безбедно, па од безбедно место го процесирате она што ви се случило. Војната не завршува. Кога ќе завршите со дневните обврски, не си одите на безбедно, напротив, најголемата опасност почнува токму тогаш. Мора постојано да сте во состојба на готовс и немате право на грешка, зошто најмало невнимание може да ве чини живот. Затоа сметам дека психичката подготвеност е клучна. Што се однесува до тоа дали може човек да биде подготвен да се соочи со војна, зависи од тоа дали војната ви се случува дома или свесно одите во воено подрачје како новинар или хуманитарец. Мислам дека никој не подготвен на тоа војната да му се случи во двор и во таков случај шокот е преголем што остава длабоки трауми. Од друга страна, новинарите и хуманитарците одат таму обучени и свесни дека се може да се случи. Далеку од тоа дека новинари не се враќаат од војни со длабоки трауми, секоја блиска средба со смртта остава траги. Она што јас го видов кај колегите кои известуваа од Украина е психофизичка подготвеност за околностите во кои се наоѓаат. Патем, денеска постојат европски академии за воено извесување кои се исклучително квалитетни и освен правилата за маркација, движење и сензибилно известување, работат и на психолошкиот момент, односно прават симулации на непријателска средина, што е одличен начин некој да процени дали воопшто може да се справи со стравот во конкретни ситуации.

Како изгледаше еден ден во тие три месеци?

-Секој ден комплетно различен, полн со неизвесности. Единствено утрата ми почнуваа исто, со линковско вклучување во Утрински брифинг. Потоа целодневно снимање на стории и репортажи, а навечер до полициски час дружење со колегите. Секој ден ми беше поинакво искуство со поинакви активности и степен на ризик.

„Приспивни сирени" досега освои шест светски нагарди (поправете ме ако информацијата ми е грешна)? Колку ви значат овие признанија?

-Во меѓувреме, „Приспивни сирени" ја освои и седмата награда на меѓународен фестивал и доби селекција на Palm Beach International Film Festival, каде ќе биде и светската премиера на 21ви април. Нашиот француски дистрибутер го однесе филмот и на Европскиот филмски маркет на Берлинале 2023.
Искрено, многу ми значат наградите. Прво затоа што сум од држава во која, да бидеме искрени, не се ценат трудот и работата. И второ, на тие фестивали учествуваат филмови направени со големи буџети,
а и годинава има многу филмови за Украина. Тоа што „Приспивни сирени" ги освојува симпатиите значи само едно, дека сум успеала да ја доловам емоцијата и за тоа ми е посебно драго.

 

Да се биде новинар, особено жена во новинарството кај нас. Предизвици...?

-Да се биде новинарка овде е секојдневна борба, и тоа на сите фронтови. Во секој сегмент од работењето, новинарките се изложени на дополнителни препреки, а имаат најмала заштита. И внатре во редакциите, и генерално во општеството. Би ми требале неколку десетици страници за да набројам со што сѐ се соочуваме во секојдневната работа.

Без што не се може во новинарската професија?

-Без да се сака новинарството. На овие простори нема пари во новинарството, одамна веќе не е престижна професија, а бара многу жртви, почнувајќи од таа дека новинарите немаат работно време. Луѓето кои работат како новинари, а не го сакаат новинарството се несреќни луѓе. Новинарството е повеќе од професија, тоа е начин на живот.

Поразителен е фактот кој говори за, од година во година, се помалиот број на студенти кои се запишуваат на Студиите по новинарство при УКИМ. Новинарството воопшто не е атрактивна професија за новите генерации. Зошто? Постои ли начин како таквиот впечаток да се промени?

-Затоа што новинарството е на дното. Бројот на студенти е одраз на општествената состојба. Пристапот до вработување е ограничен, ниту еден медиум не бира кадри на јавен конкурс според квалитетите, туку исклучиво на познанства. И кога некој ќе се вработи, знае што го чека, мобинг, секојдневна борба против цензура или провладина уредувачка политика, политички или притисоци од страна на криминални групи, обвиненија... и сето тоа за на крај уште да биде нападнат од јавноста. Логично ми е зошто никој повеќе не сака да студира новинарство. Промените се нужни, и тоа од корен за да има барем малку надеж дека можеме новинарството да го вратиме меѓу ценетите професии.

Каква е вашата лична приказна на патот до остварувањето како професионален новинар? Се соочивте ли со разубедувања или коментари од типот: Секој денес може да биде новинар?

-Тешка. Со поминување на апсолутно сите скалила во новинарството. Кога дипломирав, медиумите беа заробени од владејачката партија, а оние малку кои се обидуваа да работат професионално беа гонети. Таа политизација која тогаш се случуваше во медиумите не донесе до дното. За тоа се виновни сите: политичарите, сопствениците на медими, уредниците и новинарите. Како новинар кој доаѓа токму од студиите по новинарство, од почеток работам и ги следам новинарските стандарди, иако тоа значи константна „војна" и внатре во редакциите и надвор со одредени групи. Од првото мое работно место во телевизија бев отпуштена на 8ми март поради изнесување на факти поврзани со криминалните активности на поранешната министерка. Тогаш, заедно со ССНМ излеговме на прес конференција јавно да ги кажеме овие состојби. Во следната телевизија, по менувањето на уредништвото се соочив со цензура на сторија која откриваше мито и корупција. Веројатно поради стравот на уредниците (или барем сакам да верувам дека тоа е причината). Ниту таа приказна не ја оставив нераскажана. За мобингот внатре во редакциите, подобро и да не почнувам. Многу работи ми се случиле во изминатите 10 години. Пред тргнувањето за Украина, исто така требаше да се убедуваме дека е возможно, зошто во оваа држава тој сектор не постои. Затоа реков дека новинарството е константна борба. Работењето по стандарди е најмоќното „оружје" кое може да го поседува еден новинар.

Што сѐ НЕ мора жената денес?

-Апсолутно ништо што не сака.

Објавено:
21 март 2023
object(stdClass)#453 (8) { ["nid"]=> string(5) "30007" ["ga_count"]=> string(3) "712" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691100000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
712 пати