Лила Стојановска е едно од најпознатите и омилени тв лица кај нас. Покрај професионалноста, успехот сите овие години наназад се должи и на секогаш беспрекорниот изглед и почит како кон она што го работи, така и кон луѓето со кои соработува. Гледачите сега имаат можност да ја гледаат секој работен ден во емисијата „Се или нешто“ и тоа во креации на модната куќа Елена Лука. Токму за соработката со овој бренд, за своите модни трансформации и модни пороци, прочитајте во интервјуто што следи:
Започна новата сезона на квизот „Се или нешто“, а публиката повторно ќе има можност да ве види во креациите на Елена Лука. Останавте со години доследна на овој бренд... Зошто?
-Поради тоа што таа остана доследна на мене. Тоа е една взаемна љубов и затоа што во текот на животот научив дека тимот што победува не се менува.
Што најмногу ви се допаѓа кај нивните модели? Како се чувствувате кога ги носите?
-Женственоста. Без оглед дали се работи за свечени модели, за кежуал или деловна варијанта, секоја оддишува со женственост. Тоа мене многу ми е важно затоа што важам и се чувствувам за женствена жена, како и да звучи тоа. Можеби некој ќе го доживее како самобендисаност, но тоа е вистината. И ако нешто навистина може да ме запрепасти и освои во позитивна смисла, е токму таа женственост. Ништо не недостасува. Секој модел е комплетен. Работат со фантастични материјали, не штедат, не импровизираат. Тоа важи и за создавачкиот процес, но и за тимот кој што работи, на чело со госпоѓата Елена Китрозоска.
Јас сум речиси 20 години на телевизија и сцена, сум соработувала со многу модни куќи и креатори и не можам за никого ништо лошо да кажам, меѓутоа оваа соработка се разликува од се претходно. Мојата креативност не е задушена, имам потполно право да кажам што ми се допаѓа, да учествувам во креирањето на моделот , да се чувствувам своја на своето и да го облечам она што навистина ми се допаѓа. Никогаш не ме форсирале да облечам нешто што генерално ми се допаѓа, но не и како изгледа на мене и да ми кажат дека тоа треба да се носи само затоа што тие така сметаат. Така што, нема стеги и правила, а и покрај тоа што нема правила во нашата соработка, ние функционираме како тие да постојат.
Кога почнавте да се интересирате за модата посериозно? Можете ли да се сетите на првото парче облека што сами сте си го купиле?
-Можам да кажам дека отсекогаш ме интересирала. Јас сум вага во хороскоп, а вагите сакаат да се дотерани, ја сакаат модата, елеганцијата. Отсекогаш сум се облекувала различно од моите врсници. Не сум била екстремно различна, со екстремни парчиња на мене или слично. Но, секогаш сум се трудела да бидам малку поинаква, не само од оние со кои сум учела, туку и генерално од останатите, затоа што се знаеше модата порано – сите носеа исто. Секогаш додавав или одземав нешто, само со цел да се разликувам.
Инаку, во средното училиште ја почувствував потребата да изгледам поубаво, да се изразам модно. Бев модно освестена, почнав да сфаќам што е модерно, што не, што сакам да носам - што не. Научив што ми стои, а што не ми стои.
Единствената замерка што ја имам генерално и кон мажите и кон жените, а особено кон жените, е незнаењето да го прикријат тоа што е недостаток, а да го истакнат убавото. Ниту една жена не е совршена. А многу често го прават обратното, мислат дека се убави и секси, па им пречат коментари на нивна сметка. Не ги делам луѓето на убави и грди, или згодни или помалку згодни.
Она што е важно кај еден човек е да е модно освестен како дефиниција, да знае што му стои а што не, и тоа да го облекува. Нека има и две парчиња, ама нека ги носи како што треба и нека му стојат убаво, отколку секој ден да менува , а да изгледа дегутантно.
Сте имале ли модни промашувања?
-Во текот на кариерата менував различни стилови и не велам дека не сум згрешила. Примав различни совети, експериментирав, така што имам модни изразувања за кои си велам: „Леле каде ми беше паметот“. Но, тоа е дел и од искуството и младоста. Тогаш немаше модни советници...
Кога ќе се вратам наназад, знам дека имав период кога многу сакав да носам долги здолништа. Јас и денес многу ги сакам, но со оглед на тоа дека не сум доволно висока и не ми стојат најдобро. Но, имаше период кога навистина бев вљубена во нив. Имав некои чудни комбинации во кои изгледа само јас на себе си се допаѓав (смеа).
Исто така, една од работите што си ги замерувам е што бев русокоса. Од оваа дистанца воопшто не ми се допаѓа тој мој изглед. Дури и чудно ми е кога некој ќе ми каже: „Леле колку убава беше русокоса, повторно да бидеш таква“. Но, кога ќе ги видам тие фотографии воопшто не ми се допаѓаат, па се прашувам кој успеа да ме убеди да бидам русокоса и тоа долго време. Јас имам темен тен природно, кој многу ми се допаѓа, а и секогаш сум исончана, имам и темни веѓи, темната коса мислам дека најдобро ми прилега.
Кога се осврнав на косата, морам да кажам дека за шишките немам став. Има моменти кога ми се допаѓа како таа промена изгледа на мене. На некои пак, со оглед на тоа дека имам округло лице, ми изгледа уште потопчесто.
Сигурно има уште неколку, но и покрај тоа што сега сметам дека се промашувања, сепак ми се во убаво сеќавање, затоа што во тој период јас така убаво сум се чувствувала, сум мислела дека сум убава и дека тоа така треба. Но, повторно ќе нагласам, што побрзо сфатиш што ти стои добро, тоа подобро.
Имате ли парче облека за кое сте емотивно врзани?
-Никогаш не се врзувам за материјални нешта. Човек не можеш да вратиш, се друго да. Не постои парче за кое сум толку емотивно врзана, да не можам да го фрлам. Не дека не постојат такви парчиња, но тие се повеќе таму поради момент на неодлучност. Дали да го фрлам или не, па ајде нека постои уште малку...
Важите за една од најнегуваните жени, која успешно ја одржува својата линија. Како успевате? Имате ли некои ритуали за нега?
-Нема некоја формула или философија. Генетиката не смееме да ја оспориме. Мојата мајка има 69 години, а нема грам целулит, има бел тен, нежна кожа и минимален број на брчки. Често знае да ми каже: „Се плашам како ќе изгледаш на мои години од сите тие креми и пудри што ги ставаш“, и во право е. Исхраната исто така, има голем удел. Никогаш не сум била гурман, јадам затоа што морам и затоа што така треба. Добро е што немам потреба да јадам мрсни работи. Лебот речиси да не го јадам, а истото се однесува и на благите, особено поради фитнес-тренинзите.
Порано бев зависна од слатките и велев сè можете да ми забраните, само благите работи не. Но, кога почнав интензивно да вежбам фитнес, сфатив дека џабе сум вежбала ако после тоа изедам чоколадо или торта. И не е до истрајноста и карактерот, туку сè е во мозокот. Ако одлучиш нешто да направиш - ќе го направиш. И оваа не е клише, навистина се хранам со салати, месо – свинско, телешко,пилешко. Ретко правам „гурмански гревови“. Последен пат јадев леб со ајварот што го направи мајка ми. Не го кажувам ова за да звучи страшно, па кога ќе прочитаат читателите да помислат дека јас живеам аскетски живот, само за да изгледам убаво. Не. Ова мене ми стана начин на исхрана, односно режим кон кој се придржувам. Не е диета. На фитнес одам три до четири пати неделно со мој личен тренер. Во тој случај, без разлика на која возраст сте, резултатите ќе бидат неминовни.
Сметате ли дека вашите колешки водат доволно сметка за нивниот изглед?
-Не се чувствувам повикана јас да ги коментирам останатите. Навистина сум окупирана толку со себе, па немам потреба некого да анализирам и да кажувам дали некој е во ред или не, кога се изгледот и негата во прашање. Дури и кога ќе видам нешто што не ми се допаѓа, си велам можеби неа ѝ се допаднало, а истото таа може да го каже и за мене.
Често сте активни на Фејсбук, се чини дека максимално ја користите социјалната мрежа. Колку ви помага модно да се изразите и колку ви значат коментарите што ги добивате на сметка на изгледот?
-Во последно време многу се коментира дали Фејсбукот ни треба или не, јас сакам да кажам дека мене ми е потребен како медиум на кој што јас се рекламирам, ја рекламирам мојата емисија, модната куќа со која соработувам... Така што, јас Фејсбукот го користам за тие цели. Ги најавувам настаните каде сум присутна, модните изразувања, особено имајќи предвид дека честопати ќе ми пишат во Инбокс за некое парче облека, или за модната куќа Елена Лука... Ниту се допишувам, запознавања не доаѓаат предвид, коментирам само на мои блиски луѓе. А во однос на коментарите, тој простор таму е оставен за тие да кажат што мислат, и тоа е многу важно, бидејќи така се добива едно јавно мнение и тоа бесплатно.
Имате ли моден порок? Што ви е слаба точка?
-Па како и на секоја жена – чевлите. Како велат, жените секогаш имаат еден чифт обувки помалку и еден килограм повеќе. Секогаш е тоа така. Исто така, „слаба“ сум на накит и на часовници. Исто така, ќе ги издвојам и брендираните чанти. Не патам од тоа да бидам брендирана, напротив. Единствено чевли и чанти имам брендирани и тоа не сите. Не почитувам копии. Подобро ќе носам брендирана чанта, па макар и да е една, отколку да купам копија и да се правам дека тоа е навистина чанта од познат бренд.
Кога сме веќе кај овие модни аксесоари, неодамна влеговте во нова модна авантура, создавајќи чанти со ваш потпис. Кажете ни повеќе за тоа.
- Me исконтактира Ана Шурдуловиќ, млада девојка од Ниш која изработува многу интересни, уникатни чанти и која беше заинтересирана за соработка. Ана посака да бидам заштитно лице на колекција чанти, а воедно јас сум и дизајнерот на линијата, која досега има околу десетина модели. Чантите ќе бидат интересни, ќе содржат откачени принтови и пароли во кои секоја жена ќе може да се пронајде. Првиот е со наслов „I’m too sexy for my ex“, и побуди голем интерес кај женскиот пол. Нема да се презентираат сите модели одеднаш, туку постепено и ќе се појавуваат и ќе бидат достапни на Фејсбук. Морам да признам дека навистина се забавувам и драго ми е што можам да им подарам нешто уникатно на дамите.
Што би бил вашиот совет до младите девојки и дами? Се чини дека во последно време жените се сè повеќе оптоварени со изгледот и модата.
-Се согласувам. Со оглед на искуството што го имам патувајќи по Европа, па и светот, мислам дека освен кај Србите, нас и Италијанците, кои сепак некако не би ги ставила во оваа група, бидејќи кај нив тоа доаѓа некако природно, тоа им е вродено, кај нас е повеќе усилена модата. Сметам дека има многу клонови, двојнички. Има мода, односно парчиња што се повторуваат, можеби за тоа е виновен и изборот што го имаме во однос на понудата... Сепак, една жена мора да биде дама. Може да носи и спортска облека, но да биде дама. Иако верувам дека со тој став се раѓаш, сепак многу работи и се учат.
Потоа, да не излегуваат од дома со неизмиена коса, со несредени нокти. Не мора да имаат на себе комплетна шминка, но сепак не треба да делуваат ниту како само исплакнати. Да не облекуваат нешто само затоа што е модерно. Такви примери летово имавме мноу. На пример, шорцевите беа апсолутен хит изминатава сезона и не беше важно колку килограми имате и дали имате целулит, важно беше дека шорцеви мора да се носат, и тоа со образложение - млади сме, ни се може, притоа не размислувајќи воопшто дали тоа навистина прилега на фигурата и стилот, и на крај, дали од страна е убаво за гледање. Повторно ќе нагласам, основно правило за убаво облекување е да се истакне тоа што е добро, а да се сокријат недостатоците. На крајот на краиштата, ако не можете да се снајдете, можете да прашате професионалци, како во Елена Лука, кои ќе ви помогнат.
За крај, погледнете го поздравот на Лила за читателите на Fashionel.mk.