професор по англиски јазик

Zenfluent Maria: Зен мастер во течно говорење англиски со речиси два милиони следбеници на Инстаграм

Интервју со
Марија Мешкова
22 август 2023

Можеби не сте чуле за Марија Мешкова, но ако се спомене Zenfluent Maria сигурно голем дел од вас ќе ја препознаат девојката која го има епитетот најследената македонка на Инстаграм.

И не само на Инстаграм, тоа што Марија го прави, која е патем online coach за течно зборување на англиски јазик, и донесе огромен број на следбеници речиси на сите социјални мрежи.

Природна, насмеана, со голема страст да го прикаже тоа што е нејзина пасија-да ги научи своите студенти течно да го говорат англискиот јазик, се фразите со коишто би ја опишале Марија.

Како што и самата вели англискиот јазик е многу повеќе од граматиката и правилата кои се учат на училиште или факултет.

Ако немате континуиран контакт со луѓе чијшто матичен јазик е токму англискиот, зборувањето на јазикот ќе се сведе на едноставна комуникација за разбирање.

Марија е родена во Велес, а студирала англиски јазик на филолошкиот факултет во Скопје и како што вели тоа и е најчестата релација.

Голем дел од летниот период поминува во Охрид, а видеата по коишто стана препознатлива на Инстаграм најчесто ги прави во нејзиното студио во Велес.

На наше задоволство Марија одговори на неколку прашања за Fashionel и ја сподели нејзината мисија чијшто повик го слушала уште како мала.

Марија здраво... периодов си прилично актуелна давајќи интервјуа, па затоа за почеток би те прашале едно лесно прашање. Како си го поминуваш летово?

Здраво и благодарам за поканата! Добра сум, поголемиот дел од летово го поминувам во Охрид, од тука работам и добивам инспирација, и ги полнам батериите за нови предизвици.

Дали можеби се сеќаваш на пресудниот момент кога кај тебе се роди желбата за англискиот јазик? Што беше тоа, песна цртан филм, некоја личност...?

Немаше некој посебен таков момент кога реков ова е тоа..едноставно таа желба и љубов кон јазикот и комуникацијата на англиски ја имав уште како мала, едноставно сакав да зборувам и да го имам тој акцент уште тогаш.

Што почувствува кога го сподели твоето прво видео на социјалните мрежи? Кои беа твоите надежи, очекувања, цели?

Очекувања немав, силно верував дека ќе успеам. Пред самото објавување на првото видео, се сеќавам дека имав многу трема, бидејќи никој не знаеше што спремам, дури ни најблиските – тоа беше моја одлука за да не ми влијаат надворешни мислења. Па затоа дополнително имав трема, ама откако го објавив, љубовта и поддршката што ја добив ми беа огромна мотивација.

Накратко раскажи ни за твоите искуства во Кина и САД? Како одеа предавањата и што најмногу ти помогна да станеш зен мастер во течно говорење на англискиот јазик?

Искуствата на work and travel во САД се најубавите две години каде што буквално се запознав себеси. Ми се проширија хоризонтите, излегов од комфор зона, запознав прекрасни луѓе со кои сеуште сум во контакт, и научив што значи одговорност, професионалност, и напорна работа, како и заслужување и награда за работа и труд. Од срце препорачувам на секој што може, да ја зграпчи оваа можност и да го доживее тоа искуство.

Кина беше едно сосем поразлично искуство, со големи предизвици, но уште поголема сатисфакција. Јас живеев во Шангај и работев како наставник по конверзациски англиски. Работев и со мали дечиња (3-6 години), и со возрасни, а по враќањето во Македонија, продолжив и со онлајн часови само со возрасни. За една година таму, научив толку многу за тоа како треба да се учи еден јазик, ги научив најдобрите техники за предавање и учење конверзациски англиски и секако, научив што значи да се биде професионалец во тоа што го правиш. Сепак, културата, екстремно брзиот начин на живот, храната, социјалниот аспект и мега-загадениот Шангај се аспектите во кои јас целосно не се пронајдов, па затоа по една година за вратив овде.

Креирањето на видео содржини одзема време, а задоволството е големо кога тие ќе ја постигнат својата цел. Како се раѓа идејата за нив и дали некој ти помага во изработката?

Процесот од идеја до реализација е моја силна страна. На почетокот, сите работи ги правев сама, но сега работам со видео едитор кој ги едитува тие видеа. Идеите се раѓаат од моите лични искуства, како и искуството со студентите кои ми се директен извор на инспирација. Како што можете да видите сите видеа се реални ситуации со кои сите се соочуваме, и кои ни се потребни во секојдневна комуникација.

Што прави Марија во слободното време? Имаш ли некоја друга пасија што ја практикуваш?

Низ секојдневието слободното време го пополнувам со добар физички тренинг, и периодов слушам подкасти секојдневно, најчесто за бизнис и персонален развој. Обожавам да патувам, па не пропуштам можност за патување на некоја убава дестинација. Љубител сум на долги road-trips и сакам почесто да ги вклучам и да ја истражувам Европа.

Дали се случило самите следбеници да те замолат за конкретна лекција и дали можеш да одвоиш некој интересен коментар/случка, со оглед на тоа што те следат милиони ширум светот...?

Да, постојано добивам коментари со сугестии за видео – дел од тие се конструктивни и веќе имам остварено неколку. Во однос на интересна случка, би издвоила еден студент, којшто се пријави на еден од курсевите за средно ниво (intermediate English). Неколку минути пред да започне првиот час, ми пиша дека го отпуштиле од работа и дека сака да го прекине курсот и да му ги вратам средствата што ги уплатил. Имав предвид во каква ситуација се наоѓа, па му реков дека ќе му ги вратам парите, но предложив сепак да се вклучи на часот, и ако ништо друго, да го подобри своето расположение.
Во неговата група, имаше студенти од цела Европа, и кога ја раскажа неговата ситуација наиде на огромна поддршка и позитивна енергија од луѓе кои прв пат ги запознава. На самиот крај, изгледаше како друг човек, а веднаш по завршувањето на часот, ми кажа дека сака да продолжи со курсот. Курсот траеше еден месец, па не само што масивно го подобри својот англиски, и од интровертен и срамeжлив стана најгласниот на часовите, туку и аплицираше за работна позиција каде што ќе зборува на англиски секојдневно. Ете, едно од убавите искуства на студентите кои ми се исклучителна мотивација и поттик да не заборавам зошто го работам ова!

Мораме да те пофалиме за изгледот. Секогаш си беспрекорна, без да се наметнуваш. Колку мислиш дека треба да се негува и одреден стил/имиџ за да бидеш допадлив и интересен за онлајн заедницата?

Ви благодарам! Верувам дека секој треба да го пронајде својот стил и сето тоа да изгледа умерено особено ако е јавно. Јас сум иста и во секојдневниот живот, сакам да се средувам и да изгледам добро пред сè за себе, а секако и за онлајн заедницата. Верувам дека начинот на којшто изгледаш е тесно поврзан со нашата внатрешна состојба, па така стекнав навика да се грижам за себе како внатрешно така и надворешно.

Што се може да се научи од твоите видео содржини и каде се можат да те пронајдат сите што ќе се заинтересираат читајќи го ова интервју?

Секој што е заинтересиран да го подобрува своето говорење на англиски, за вистински теми од секојдневниот живот, како и професионален англиски, односно конверзација на работа, на состаноци, на интервју...и оние што имаат проблем со стравот од зборување на англиски, и стравот и стегнатоста од правење грешки, профилот ми е отворен, па слободно нека ме заследат или нека ми пишат. 

Има ли тајна состојка во рецептот за успех? Ќе ни откриеш ли барем дел од стратегијата што ја применуваш за да станеш толку добра во тоа што го работиш?

Сметам дека не постои формула, рецепт, калап – кој одговара за секој. Но, она што сум убедена е дека треба да се заљубиш во процесот на тоа што го правиш, наместо да трчаш да ја постигнеш целта. Ако го засакаш процесот, тоа значи дека си постојано присутен и црпиш мотивација дури и од неуспесите (кои патем ги има секојдневно). Но, ако си фокусиран на целта, еден мини-неуспех може да те демотивира и никогаш да не продолжиш напред. Секако ова би рекла дека е најголемиот дел од сложувалката. Издржливоста, константноста, јасната намера и цел, и напорната работа се исто така клучни фактори за успех на било што.

Марија, за крај, порачај им нешто на нашите читатели... добра мисла, совет, начин како да се постигне тоа што се сака и да се ужива во истото?

Работете на себе, секојдневно. Истражувајте ги вашите страсти, пробувајте нови искуства, запознавајте се себеси, учете нови вештини, излегувајте од комфор зона што почесто, испробувајте разни кариерни патеки, разговарајте со луѓе, бидете љубопитни. Живееме во најдоброто време, време каде имаме можности кои нашите родители и тие пред нив, можеле само да ги сонуваат. Ако нешто во вашиот живот не ви се допаѓа, не сте задоволни, првиот чекор е да преземете акција и да направите промена. Не заборавајте дека никогаш не е доцна за промена!

Локација: Che Cafe Bar

Објавено:
22 август 2023
object(stdClass)#478 (8) { ["nid"]=> string(5) "30787" ["ga_count"]=> string(1) "0" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(1) "0" ["ga_count_week_start_date"]=> string(1) "0" ["ga_count_day_start_date"]=> string(1) "0" ["fb_count"]=> string(1) "0" }