Новата генерација креативци, многу умешно знае да го искористи потенцијалoт на дигиталните медиуми во продуктивни цели. Многу такви позитивни примери ќе најдете и кај нас, кои најчесто функционираа во еден свој, но многу релевантен социјален круг. Маја Атанасоска е исклучителен креативец од новата генерација, девојка која своите вештини во сферата на UX/UI дизајнот ги споделува несебично со својата заедница и следбеници на нејзиниот инстаграм профил @percalus.design.
Во разговорот со Маја отворивме интересни теми од сферата на дигиталните медиуми и како на вистинскиот начин да се искористат можностите што ги нудат, а воедно и за нејзината прва книга за UX/UI дизајн како нејзина специјалност.
Маја креативната заедница кај нас веќе добро те познава, но за пошироката публика – Која е Маја?
-Маја е девојка која oбожава да дизајнира апликации и да креира решенија. Нонстоп сака да учи и да се надоградува, па затоа секогаш е во конкуренција со себеси за да биде подобра од она што била вчера.
Новото време природно ја донесе и потребата од нови професии. UX/UI на глобално ниво е една од најатрактивните од тој аспект. Како ти се најде и пронајде во тој Универзум?
-Откако знам за себе, секогаш сум се восхитувала на уметноста. Благодарение на неа се пронајдов во дизајнот, како и истражувањето на нови светови (учењето на Фотошоп во почеток на моите години во основно училиште, како и дигитална илустрација) до моментот да пронаоѓам идеални и соодветни решенија за дизајните кои ги креирам. Уживам додека ја работам оваа професија!
Важиш за позитивен пример како рационално може да се искористи Инстаграм, во твојот случај за едукација и споделување на креативни идеи. А на сето тоа и позитивен фидбек од креативната заедница кај нас. Кој е првиот чекор до „потрошено" време на социјалните мрежи на вистински начин?
-Социјалните мрежи ги користам како извор на потхранување на моето знаење и имагинација, вештини и нови начини кои можам да ги применам за еден профил да расте. Следам секојдневно квалитетна содржина, но гледам повеќе да доминира делот да креирам содржина која ќе биде од значење за публиката што ме следи. Првиот чекор е секако - следете квалитетни профили од кои може да учите, инспирирате и се мотивирате, наместо да читате црни хроники и драми.
Периодов си актуелна и со твојата книга посветена на UX/UI дизајн? Што може да се научи и за кого е наменета?
-Откако погледнав дека воопшто немаме книги на македонски јазик за UXUI дизајн, одлучив да се впуштам во тие води и да напишам нешто што ќе биде квалитетна основна за секој што сака да започне да учи.
View this post on Instagram
Оваа книга е одлична точка од каде може секој да започне, да ја ,,опипа'' материјата и да сфати дали стварно сака и го интересира да научи дизајн или само подлежи на трендовите - учи оти ,,има пари таму''.
Од друга страна има многу личности што сакаат да започнат да учат, но не знаат од каде да стартуваат.
Така што, оваа книга е наменета за сите почетници, што сакаат да постават добра основна од аспект на теорија, или едноставно се во друго поле како програмирање, маркетинг, бизнис.., но сепак сакаат да го надоградат своето знаење. Книгата се состои од 4 дела како вовед во дизајн, правила и принципи на дизајнот, вовед во корисничко искуство и вовед во кориснички интерфејс. Дополнително, се вклучени и мини задачи со цел да се разбери и сфати целосната содржина.
Што никогаш не би направил добар UX/UI дизајнер?
-Да ги осудува почетниците или колегите во UXUI дизајнот. Посебно, да не им дава простор да се изразат или докажат. Кога се критикува - тогаш тоа да се прави на високо академско ниво со културна критика.
View this post on Instagram
А кои се најголемите (а за дизајнерот и најиритантните грешки) што клиентите ги прават во релација и комуникација со дизајнерот?
-Кога не знаат на почетокот што точно сакаат, а во друг момент сакаат се' да вклучат во дизајнот, ниту пак слушаат или ги имаат во предвид насоките што ги дава дизајнерот. На крај секако, дизајнот нема да влече потрошувачи, а дизајнерот ќе излезе како неискусен и ,,многу лошо поминав со тебе''. Исто и кога прават ghosting кога доаѓа делот за плаќање, или кога се ,,ценкаат'' за пари. Најдобро е самиот клиент да каже колку му е буџетот за дизајн.
Формално наспроти нефорламно образование? Кој е твојот став и колку е важна самоиницијативноста кога е во прашање професионалното усовршување на работната позиција што ти ја работиш?
-Како што одам напред, така и мојот став е неутрален. Сум за 100% формално образование само доколку се промени системот на учење и воведување 70% пракса наспроти 30% теорија. Зошто? Сметам дека доста факултети им недостига практичниот дел, па после дипломирање е потешко да се најде работа, бидејќи сите апликации гласат со ,,2+ години искуство''. Но, позитивната страна е запознавање на нови колеги и проширување на своите гледишта и познанства.
Од друга страна, не секој го обожава традиционалниот начин на учење (на пример јас, едноставно не ми е креативен начин за да седнам и учам, повеќе го сакам делот со пракса, да опипам ШТО и КАКО се случува), па поради тоа и го поддржувам неформалното образование. Пример, првично бев на ФИНКИ како студент, со што уште во прва година започнав на пракса како графички дизајнер, продолжив со работа на проекти и учествував на доста настани до момент да се откажам од факултет (во короната тоа се случи), за на крај да одлучам дека како еден професионалец во иднина - сакам да имам една успешна диплома позади мене па ги запишав моите студии на ФОН при маркетинг каде што сум при крај со студирање... Затоа, моето мислење е неутрално, и секој треба да го направи оној избор што е за него соодветен.
За сопствено надоградување, постојат безброј книги, академии, курсеви, видеа на јутуб и други платформи од кои може да се научи. Дополнително би додала и присуството на настани и дружење со вистинскиот круг на луѓе може да дојде до професионално усовршување на работната позиција. Секако, треба да се вложува доста и во себеси на секој можен начин, од момент да престанете со негативни размислувања до моментот да имате големи идеи и цели за својата кариера.
View this post on Instagram
Како ти лично ги развиваше своите дизајнерски вештини?
-Започнав самоиницијативно да учам од јутуб видеа, блогови и онлајн курсеви. Покрај тоа, ако ми текнеше некоја идеја за дизајн седнував и ја правев во моментот. Се предизвикувам себеси скоро секојдневно.
Добри UX/UI дизајнери што би ни препорачала да ги следиме?
-Има доста одлични дизајнери кои ги следам:)! Засега ќе ги спомнам омилените од кои постојано се инспирирам: The Mizko и Wired to design на Youtube.
Што прави Маја кога не дизајнира?
-Уживам во секој момент со моите најблиски. Обожавам да готвам и испробувам нови рецепти, да вежбам, да бојам на платно, да одам на картинг, а во последно време одгледувам и растенија. Некогаш знам да гледам и аниме.