Интервју Кирил Трајковски Максим: Професијата ми е приватност и приватноста ми е професија

Интервју со •
22 ноември 2013

По завршувањето на студиите во Софија се враќате во Скопје. Што се промени од тогаш до сега на професионален план?

Од тогаш до сега се случија многу работи. Тоа беше во 2010 година. Се вратив пред се заради мојата фамилија и заради раѓањето на мојата ќерка, а потоа почнав да се снаоѓам во овој хаос кој тука се случува. Знаете да се биде актер е специфична професија. Кај нас обично викаат дека актерите ги има со лопата да ги ринеш и затоа секој актер треба да го пронајде својот начин на снаоѓање бидејќи е многу тешко да се вработите во театар или да се биде дел од некој проект. Јас искрено по завршувањето на студиите се вратив во Скопје, се подготвував за филмот и тргнав за Индија. Потоа следеше снимањето на сцените во Скопје и пост продукција која траеше две години. Така да, по завршувањето на студиите целосно се посветив на реализацијата на филмот „Максим“.

Според Вас, дали актерите што студирале во Македонија имаат предност при вработувањето за разлика од оние кои студирале во странство?

Прашањето е на вистинско место поставено. Постои привилегија за актерите кои завршиле во Македонија. Јас лично го почувствував тоа на своја кожа. Пред извесно време имаше три конкурси на кои јас се пријавив и бев одбиен. За жал бев одбиен од секаде и тоа е уште еден  доказ дека во земјава прво гледаат да си ги вработат своите студентите. Кога пробав да се запишам на нашиот факултет професорот кој таа година ја водеше класата ми рече дека не сум за тука и имаше право бидејќи во Софија научив дисциплини кои ги нема на домашните студии како што е пантомимата . Сепак мислам дека треба квалификациите да се земаат во предвид., односно ни треба квалитет, а не квантитет..

Колку театарот и глумата придонесоа за оформување на Вашата личност?

Во принцип јас како дете бев многу бунтовен, пргав, темпераментен. Дете кое што сакаше по секоја цена да биде во центар на вниманието. Јас  уште од осумгодишна возраст сум дел од театарот, а тој придонесе многу во формирање на мојот карактер и вредности. Како растев сфаќав дека не треба постојано да скокам и прв да кажувам што мислам или пак со сила да се обидувам да бидам интересен бидејќи тоа си доаѓа само по себе. Но, како дете тоа не го разбирав. Потребно е да се изоди долг пат за да се сфати зошто некои работи треба да бидат такви какви што се. Театарот има многу придонесено во формирање на моите морални вредности и околу тоа како треба еден нормален човек да се однесува со луѓето. Во однос на карактерните особини, би ја издвоил одговорноста. На пример, не сакам да каснам, а и не сакам да чекам. Потоа станав попедантен, научив сам да готвам и голем број други особини кои се одлика на студентскиот живот кои тука не би ги стекнал.

На кој проект работите моментално?

Моментално работам на синхронизација на една турска серија. Тоа е една од работите кои ја извршувам апсолутно професионално бидејќи уште во Македонија кога немаше синхронизација јас тоа го работев две години во Софија.  Таму синхронизирав цртани филмови за македонскиот пазар. Кај нас тоа се гледаше како некоја смешна работа бидејќи сметаат дека се руши вредноста на уметничкото дело. Но, пополека луѓето го прифатија тоа. Го продолжувам моето школо за пантомима и актерска игра пред камера. Во договори сме со една продукција да отвориме кастинг агенција, но за тоа сега не можам ништо да кажам.

Со сопствени средства го снимивте филмот „Максим“ кое е и Вашето првенче. Колку филмот  е прифатен од публиката?

Максим го снимив со многу пот и мака, но ми е многу мило бидејќи тоа за мене беше уште еден факултет. Јас не сум  режисер, јас сум професионален актер и филмот ми донесе многу искуство и вредности од типот како треба да се однесуваш кога си ти главата на едно семејство кое треба да направи нешто. На пример, екипата е семејството, а јас сум главата на тоа семејство.  За овој проект никој не ми излезе во пресрет.  Моето семејство ми даде кураж и мотив да не се откажувам бидејќи тој филм е всушност мојот живот. Секоја случка се базира на вистински настан, така да филмот е снимено со сопствени пари и баш ми е мило за тоа. Не ги жалам парите бидејќи тие еден ден ќе се исплатат.

Во филмот се појавува и Вашата сестра. Дали беше тешко да ги одглумите заедничките сцени со неа?

Ова ми е едно од најпоставуваните прашања бидејќи на сите им е чудно како ние двајцата соблечени одглумуваме сцена и се бакнуваме. Маја е посебна личност за мене. Таа е професионален актер пред се и заедно сме играле во претстави. Пред се ние имаме воспоставено професионален однос. Во ниеден момент не се случија некои поголеми искри меѓу нас двајца.  Морам да напоменам дека додека ја снимавме таа сцена во позадина во мојата соба беа ќерка ми, татко ми и мајка ми и сите се смееја и гледаа. Тоа беше една голема забава за сите нас, а филмското бакнување се учи на академија. Не е случајно  што на крајот од филмот се дознава дека Маја ми е сестра, а зошто е тоа така ќе се дознае во продолжението од филмот.

Максим се снимаше на три локации: во Македонија,  Бугарија и Индија која што по културните и традиционални вредности е сосема поразлична од нашите. Што е тоа што Ви остави најголем впечаток?

Мене најголем впечаток ми остави тоа што не ми се веруваше дека поседувам толкава храброст. Да земам двајца луѓе со себе и да заминам во Индија без опрема без ништо и да снимам филм. Тоа е една огромна земја со измешани традиции, луѓе, секакви раси, касти. Впечаток ми остави патот низ цела Индија. Се возев во најлошата класа намерно за да дознаат како е да се патува во еден таков индиски воз и морам да признаам дека беше интересно, но и напорно да се идржи целата таа гужва која за овие луѓе е секојдневие. Исто така морам да кажам дека во Индија луѓето живеат за филмот и секојдневно се бараат доброволци за снимање на серии. Дури разбрав дека има град во Индија со 20. 000 Руси кои што живеат заработувајќи од снимање на серии и филмови. И за крај, морам да кажам дека природата во Индија е прекрасна, духовниот мир  преовладува, луѓето не живеат материјално и ако им дадеш еден сок или овошје се среќни и задоволни.

kiril-trajkovski-01

Секоја улога бара посветеност и работа. Колку време е потребно за да се долови ликот кој го глумите во филм и колку време подготвувате некоја театарска претстава?

Во случајов нема да зборам само за „Максим“. Од искуството кое го имав претходно можам слободно да кажам дека филмот бара подготовка, но многу е важно во моментот како ќе изреагирате и како ќе се пренесе вашата енергија.  Театарската и филмска улога се различни. За театар сум се подготвувал и по 3 до 5 месеци. Нормално треба да се носиш со ликот, да живееш со него , да сфатиш како тој гледа на работите, како се смее и како зборува, како се облекува, односно  од сите страни да го разгледуваш ликот и потоа има проблем што тешко излегуваш од тој лик. Најлесно е преку друга улога да ја заборавиш претходната, но секоја улога остава впечаток во твојот карактер и мислам дека секој актер има некоја особина што ја има присвоено за себе. И театарот и филмот бараат голема посветеност.

Дали повеќе сакате да сте дел од театарот или пак филмското платно Ви е поголем предизвик?

Повеќе сакам да сум на филмоското платно бидејќи филмот за мене е поголем предизвик. За театарот викаат дека е повистински, дека таму немаш право да згрешиш дури и да згрешиш ако си добар актер, со импровизација ќе ја надополниш грешката и публиката нема да примети, но сепак филмот според мене е помодерен.

Колку луѓето во Македонија знаат да ја ценат уметноста и театарот?

Во последно време изненаден сум од тоа како функционираат театрите кај нас. Гледам дека Министерството за култура вложува во оваа насока, има многу нови проекти, а тоа е доволна мотивација за сите што сакаат да се докажат во оваа уметност и мислам дека во земјава полека се враќаат работите како во минатото кога не можело да се најде карта плус за некоја претстава.

Може ли да ни кажете нешто повеќе околу часовите по пантомима и актерска пред игра?

Часовите по пантомима  и актерска игра пред камера  започнуваа од 1 октомври. Имам часови  во училиштето „Ѓоргија Пулевски“ каде успеав да земам простор во една училница по музичко. Искрено многу сум среќен бидејќи тоа е една идеја која одамна сакав да ја остварам и да работам со деца кои ќе бидат мои следбеници, кои ќе постигнат повеќе од мене и кои ќе може да ме заменат . Секое дете учи тоа што повеќе го интересира. не обврзувам никој да прави нешто што не сака. Некој повеќе сака да работи на пантомимата, некои на говорот кој е неопходен како театарска техника.

Колку се значајни сценографијата и костимографијата за некоја улога?

Во случајот јас  за мојот филм немав многу средства, но сепак успеав да создадам комплетен производ. Околу шминкањето ми помагаа другарки. А костимографијата е важна бидејќи самиот актер како лик мора да влезе во кожата на карактерот кој го претставува. Така и во театарот кога работиме на некоја претстава. Месец дена пред претставата сите актери ги пробуваат костимите да ја доживеат улогата на вистински начин. А во пантомимата има костимографија но се бара најчесто голо тело на сцена каде до израз може да дојдат вашите чувства, таму нема помошни средства.

Со кои актери најчесто соработувате?

Соработувам со сите актери, ги почитувам и ако имам потреба им се јавувам и бидејќи ме познаваат по Максим лесно остварувам соработка. Не би сакал да издвојам некој посебно.

Кои се Вашите идоли кои Ве инспирираат?

Бастер Китон човекот кој со хумор почнал да ги засмејува луѓето и да создава револуција во кинемографијата. Потоа е секако Чарли Чаплин, таткото на пантомимата, на фимот, на глумата, на комедијата, трагедијата на се. Од современите актери Датстин Хофман, Шон Пен  и Кевин Спејси и се знае најдобриот за сите времиња Леонардо ди Каприо.

Кое е Вашето животно мото?

Немам некоја конкретна фраза. Животот е полн со препреки, а јас секогаш викав ќе биде подобро  ама не е така. Но има нешто што не ме остава на мира и за инат некогаш правам некои работи, но токму инатот ме доведе до многу успеси. Не дека човек треба да се инаети на се и дека треба да мава со главата во ѕид, но би ја издвоил упорноста. Бидете упорно верувајте во себе и бидете трпеливи. Колку и да не ви оди во животот, колку и да паѓате на земја, потребна е упорност за да се успее.

Што се промени во Вашиот живот по раѓањето на Дарја и дали би сакале еден ден и таа да биде актерка?

Љубовта ми се зголеми и мислам дека таа го промени моето гледиште кон љубовта. Кај мене се роди  родителска љубови и тоа е најсилното чувство кое некогаш се родило кај мене . Веста за раѓањето на Дарја ја добив во автобус додека се враќав накај Скопје од Софија и тоа е едно чувство кое не можам со зборови да го опишам. Станав посовесен, почнав да размислувам за иднината на моето дете и за нејзината сигурност. Јас се сменив пред се и станав подобар човек, едноставно ме разнежни. Искрено не би сакал да биде актерка бидејќи многу ќе се мачи, но доколку Дарја изрази желба да биде актерка, јас ќе и помогнам со сите мои средства и ќе направам се за да биде среќна. Мислам дека ќе имам проблеми со неа бидејќи уште сега е темпераментна и покажува желба кон глумата и кога е со мене постојано глумиме или ме тера да глумам пред нејзините другарчиња. Планирам Дарја да биде главната улога во „Максим 2“ кога таа ќе порасне за да ја продолжиме приказната.

kiril-trajkovski-03

kiril-trajkovski-02

Колку професионалните обврски влијаат на Вашиот приватен живот?

Живеам двоен живот бидејќи немам шеф над глава иако и тоа еден ден ќе дојде. Сега за сега е се во ред,  професијата ми станува приватност и приватноста ми станува професија .

Кој стил најчесто го практикувате и колку модата има влијание во Вашето секојдневие?

Зависи од настанот. Ако одам на официјален настан носам одело. А инаку сум и спортски тип, сакам и ориентален стил сакам шалвари да носам кога се чувствувам поопуштено. Кога имам часови со децата носам тренерки за да ми биде комотно, но сепак почитувам дрес код за официјални настани и манифестации.

Во тој контекст дали ги следите трендовите?

Не сум тип на човек кој секојдневно ги прати промените во модниот свет, но на социјалната мрежа ми излегуваат слики од разни портали меѓу кои е и вашиот портал, па гледам како се носат луѓето. Кога нешто ќе ме зинтересира отворам и разгледувам по посталите. Во принцип модата се враќа наназад и гледам дека се вреднуваат старите изгледи.

Според Вас дали животот е една голема театарска претстава?

Во едно интервју ме прашаа дали сакам да работам во театар. Јас одговорив дека животот е мој театар и дека е доволно да го живеам јас како што сакам бидејќи ми се случуваат секојдневни работи кои што  ме инспирираат да пишувам сценарија за да го направам и наредното дело. Пишувам несекојдневни ситуации бидејќи тоа ми се случува постојано  животот е мојот театар и мислам дека сега за сега добро се снаоѓам како  главен лик во него со падови издигнувања.

Објавено:
22 ноември 2013
bool(false)